Run the Jewels – Run the Jewels [FG, 2013]

Семплувањето се издигна до степен на уметност благодарение на хип-хопот. Жанрот, пак, го покори светот токму со манипулацијата на винил-плочите како своја суштина. Стиховите и вештината на емсијата ги разграничуваат генијалците од аматерите, но без исто толку импресивна основа, дури и врвно рецитирање и строфи можат да се изгубат во неповрат. Парчињата од песни, тие фрагменти што често создаваат или уништуваат рап-трака, и понатаму се срцевина на стилот, ама изминатава деценија продуцентите сè повеќе се насочуваат кон компонирање. Не како Моцарт, Филип Глас или други стари и закопани и модерни и неоткриени класичари, туку како автори кои креваат нумери од нула, наместо да ги градат врз избран, уникатен, аудиоисечок. Делумно рокерски, овој пристап повикува на експерименталност. Храбрите го прифаќаат предизвикот, некои креативно се прославуваат, а дел крајно се посрамуваат. Не и Бруклинецот El-P.

Со последниот проект, Run the Jewels, што го работи комплетно партнерски со Killer Mike, тој го потврдува она што безмалку цела кариера го докажува – оти е пишувач на музика колку што е чкрабач на лирика. Третирајќи ги синтисајзерите, модулаторите, компјутерите и купот останати студиски геџети со внимание какво што е потребно да се најде вистинската плоча, Џејми Мелајн, порано познат како Ел Продукто, створил современа и повеќеслојна, инструментална, подлога. И продуцентот рапува, меѓутоа, ролјава на материјалот е за нијанса позначително препуштена на MC-то со вистинско име Мајкл Рендер. Самоуверен како искусните мајстори од старата школа и со елан на талент од актуелниот бран, тој со зборови го проширува и така експанзивното јадро базирано на електроника, ноиз и индастриал. Човекот знае да римува и да реди цигли од фрази, а сепак, сè на крајот да биде флуидно.

Текстовите без мака отскокнуваат од просекот воспоставен на масовно ниво, ама не се до тоа скалило реализирани како на соло-остварувањата на двојката. Ако самостојните изданија го цитираа Вилијам С. Бароуз или невоздржано ја критикуваа шупливоста на меинстрим-ѕвездите на Run the Jewels тематиката е порелаксирана и попредвидлива. И покрај клише-чаталењето со пари, дрога, кучки и на кого му е поголем (микрофонот) на цедето е вметнато и доволно иронија што ја открива карактерната ср’ж на авторите. Хитови за топ-листи нема ниту за лек. Рефрени со фалсето вокали произведени, но не и отпеани, во студио не се забележуваат. Идиотски, изнасилен и вештачки, дабстеп не е дел од шарената звучна палета. Спротивно од овој список баеги прифатливи, отсутни, елементи на дискот има поинаква, подолга, листа со ептен позитивни својства. Тие ја заглавуваат колекцијата во подземјето, ама ја ослободуваат од лижење г’з на толпата.

Состојки поради кои нараснува севкупната вредност на дискот се: басот што е длабок, ударен и продорен како сирена на американски шлепер; електрониката која зрачи со детска љубопитност, а е срочена со зрелост на реализиран композитор; гитарите кои скоро без корекции елегантно би се вклопиле во приемлива џез-импровизација; грувот којшто на моменти има металска тежина, ама притоа не остава впечаток на кросовер-пародија од крајот на 90-тите години. Круната на која што заедно со стиховите и со рецитирањето се наредени сите пред малку споменати бисери се: ритмите. Концизни и прецизни, снажни и стегнати, разорни и масивни, тие изразито сликовито предочуваат дека хип-хоп без битови (какви и да се) би звучел како рокенрол (во која било форма) кастриран од рифови. Извесен црни скинхед би сакал да нè убеди дека радикално ги менува стандардите форсирајќи бесмислена апстракција, а Run the Jewels укажува оти неговите два члена (особено El-P) одредено време прават нешто слично, но подобро – подалеку од блицевите на папараците и без труење со приказни за својот нарцисоиден егозиам. Ако продолжат вака, а самоуверени се до тоа ниво за да го делат албумот бесплатно, којзнае, можеби ќе им успее да ги ограбат буквално сите додека ја преземаат контролата врз рап-играта.

Оцена: 88/100

Артист: Run the Jewels
Албум: Run the Jewels
Датум на објава: 26 јуни 2013
Тон-мајстор: El-P
Издавач: Fool’s Gold

Листа на песни:
1. Run the Jewels – 3:30
2. Banana Clipper (feat. Big Boi) – 2:51
3. 36″ Chain – 2:52
4. DDFH – 3:05
5. Sea Legs – 3:40
6. Job Well Done (feat. Until the Ribbon Breaks) – 2:59
7. No Come Down – 3:28
8. Get It – 3:00
9. Twin Hype Back (feat. Prince Paul) – 3:12
10. A Christmas Fucking Miracle – 4:21

Слични написи

Остави коментар