Russian Circles – Memorial [SH, 2013]

До пред некоја година ниту на дно од черепот не претпоставував дека ќе размислувам, а камо ли оти и ќе осмислувам видеоигра-шеми за физички да избегнувам споменици. Какви и да биле, кога и да сум ги открил или каде и да сум ги сретнал, отсекогаш сум ги земал здраво за готово. Логиката ми беше проста: штом им отстапиле парче земја и им дале симболична, ама цврста форма тие луѓе сигурно заслужиле да се паметат за навек. Кога картите се вака наредени и без обемно љубопитно истражување думањето делува излишно. Сега, сакал или не, силеџиството со кое се блуе бронза и се повраќа мермер исто толку насилно ми врежува монументални прашања во умот. Најголемото од нив е што треба и што има, всушност, капацитет да претставува обележје создадено во сеќавање на некого или на нешто. Дали тоа може да се само скулптури или се брои и поет(ер)ична работа како збирка со поезија или музички албум. Токму на оваа патека ме наведе и заведе и Memorial, насловот и самата нова плоча на Russian Circles.

Според мојата невообразена логика што, забележливо, не баш скромно ја расфрлам по дигиталниве беспаќа, секое дело на музичар, група, уметник или општо, креативец, е меморијал што тие го прават за самите себеси. Или е уште еден камен во паметникот што го ѕидаат, а кој се обидува што е можно поверно да ја опфати и пренесе нивната суштина. Во таа насока, Russian Circles во текот на досегашната кариера, што ја почна во 2004 година, креира четири изданија со кои трпеливо ја градеше својата оставнина. Ниедно од овие цедиња, сепак, засебно не го наслика бендот на дефинитивен начин. Моќното творештво е вечна потрага и никогаш не ја достигнува конечната форма, меѓутоа, Memorial делува како да ја граба ср’жта – и на неговите автори и на миксот што триото безмалку цела деценија го истенчува. Збирката блика со самоувереност. Моментите на слабост се реткост. Мигови на генијалност има во изобилство. Врвот е масивната компактност на осумте композиции. По сите параметри ова е – албум!

Иако индивидуални, песните се врзани со елемент што како облак се собира при секое вртење на дискот – мракот. Плочата, дури и таа хардверската, изработена од фрагилен винил, во раце веројатно натежнува неколку грама повеќе откако ќе се запознаете со нејзината масивна звучна затемнетост. Стартува со Memoriam, кусо акустично интро, во кое виолончелото нежно, од нула, крева бран што целосно се издигнува на Deficit. Басот сè уште е отсутен. Втората трака отвора шилесто, со пост-рокерско торнадо од тонови пред длабочината да надојде од четирите жици. Траката потоа се префрла на мрсен рифовски танц со Вангелис-клавијатури што доведува до стадиум на хипноза. Таа се трансформира во елегантна кореографија на 1777. Најдологото парче на дискот е бетонско, урбано, формира слики за пренаеселни мегалополиси полни со осамени и заборавени луѓе. Седумте минути изобилуваат со кршливи мигови и крешченда кои вриштат од болка за на крајот сè да се збоктиса во ехо од тапани и синтисајзер.

По експлозивниот почеток Cheyenne се појавува како добредојдено земање здив преку бели дробови кои дишат со полн капацитет и не поминале низ индустриско труење од скопски пропорции. Успорената, слаџерска, мочурливост доминира на Burial која како џиновски влекач, со бавен топот, пристигнува до Ethel. Светлината се чини дека тука почнува да го врамнотежува сивилиото. Весели и игриви мелодии ја водат нумерата до повисоки и посреќни пасишта, ама сето тоа пак треска на здробената земја со Lebaron. Претпоследната композиција, како и втората, е бастион на метал-потребите само што овде тие се за неколку скалила поблиску до хеви-максимумот. Откако ќе го достигне, тројката во секунда се прешалтува на беседната, меланхолична и потресна Memorial, каде Челси Вулф е финалната цигла на морничаво гранитната целина.

За разлика од претходниот диск, Empros, каде што аранжманите се приближуваа до теоретска физика, на новиот бендот се ориентира кон соголени песни и севкупна атмосфера. Тој баланс се пика под кожа, веднаш фаќа корен и оттаму го прогонува слушателот често да се навраќа, а со тоа и на албумот да му се поклонува како на монумент подигнат во чест на паднати херои или на крајно забегани антички митови. Трикот е што Memorial, иако не користи текст, со восприемлив и остроумен јазик, нагласува оти Russian Circles ниту се креативно мртви, ниту се претерано опседнати со опусот и со претставата за себе од минатото. Тие укажуваат дека ќе продолжат со делкање на автопортретската статуа зашто пензијата не е на повидок. Кога за тоа ќе дојде време актуелната плоча може да им послужи како меморијален споменик.

Оцена: 95/100

Артист: Russian Circles
Албум: Memorial
Датум на објава: 29 октомври 2013
Продуцент: Брендон Кертис
Издавач: Sargent House

Листа на песни:
1. Memoriam – 1:28
2. Deficit – 6:41
3. 1777 – 7:20
4. Cheyenne – 4:24
5. Burial – 4:43
6. Ethel – 4:02
7. Lebaron – 4:36
8. Memorial – 3:45

Слични написи

Остави коментар