Daft Punk – Random Access Memories [Columbia, 2013]

Гарантирано е тешко да се дознае, меѓутоа, сигурно би било интересно да се открие во која точка од културната историја на светот стана површно да посакуваш музиката да направи да се чувствуваш добро. Не да те воздигне. Не да те восхити. И дефинитивно не да те интригира, интензивира и инспирира. Туку, најпросто, да те чепне во чакрата за смеа, среќа и задоволство по што ќе ти преостане единствено – да инстаграмираш. Без сматрфон. Само со очи да фотографираш како луѓето и предметите околу тебе се кезат до бесознание. Симпатичните филтри тогаш се бескорисни. Музиката е таа што на сè наоколу ги нагласува и ги изострува боите. Особено на чувството на продолжена безгрижност. Тоа нема да попушти под безочниот притисок на интерната циничност која веќе стана задолжителна како и комисијата за абортус. Причина за тоа е звукот чија што мисија е да расположува. Без компромиси, условувања и барање жртви.

Со токму тој feelgood еликтрицитет е исполнет Random Access Memories, најпресното издание на француското дуо Daft Punk. Натискана како во турбина на хидроцентрала, оваа енергија ги полни телото и духот со позитивни пецкања кои, како што се развива аудиоприказната, прераснуваат во „хепи гоу лаки“ струења од десетици мегавати. За поседување исти карактеристики може да се обвини било кој актуелен поп-артист ала Лејди Гага, Ријана или One Direction. И тие ги развеселуваат луѓето до точка во која не можат повеќе да се распознаат себеси. Разликата меѓу нив и двојката од Париз, сепак, е драстична – и во поглед на комерцијалниот опфат и специфично, околу неприфатливо површниот третман на популарниот звук. За првите е доволно да направат калабалак од семплови, да украдат хармонии од медиокритетни хитови од 90-тите години, како „Макарена“ и да им шлапнат евтини сајзери зашто Дејвид Гета од тој потег наполнил танкер со пари.

Вторите, пак, кон истиот тој поп-формат приоѓаат со авторски освестен, жанровски информиран и стилски образован галоп. Тие се целосно свесни дека ако музиката има потенцијал да искачува топ-листи или, просто, да продрира до што пошарена лепеза луѓе, не значи оти истата треба да се третира како табла што чека да биде накитена со бледи лепенки и излитени значки. На Random Access Memories, што е само четврто студиско остварување во нивната дводецениска кариера, Daft Punk музиката наменета за масите ја третираат како наука. Овие 13 нумери, притоа, не се само штрб микс на разбирливи и комплексни композиторски равенки. Тие клокотат од страст, уживање и пред сè, љубов кон (о)пишувањето на идеите, искуствата и чувствата со азбуката на звукот. Во сето ова нема нападен интелектуализам, ама блика од интелигенција. Дел од релевантните медиуми го искористија насловот на воведната трака од 75-минутниот материјал за тоа драматично да го претстават како „враќање на животот во музиката“.

Колекцијата има повеќе душа од ѓубрето кое што се истура во меинстрим-депонијата, но поради неа нема да се случат тектонски промени на глобалната сцена. Таа, за жал, и понатаму ќе си остане збирштина од тапоглави хитови на празноглави ѕвезди. Дискот, сепак, успева во значително побитна работа – ја враќа музиката во опстојувањето на Daft Punk, откако со Human After All се покажа дека и тие се луѓе, дека и тие грешат. Многумина ќе кажат дека по Discovery (2001) и особено по Homework (1997), бендот сега екстремно се разводнил, но тоа е само тврдоглаво игнорирање на мелодичноста и силните поп-склоности што ова електронско име отсекогаш ги поседувало. Панкот, односно неговата културолошка бунтовност и онака никогаш ја немале. Во терминот тие уште од старт го „сокрија“ фанкот којшто на цедето, нежно кажано, експлодира. Футуризмот и понатаму го сместуваат во хаусот и во електрониката, а ретрото, што е исто толку круцијално во изразот на двојката, сега јасно црпи од крајот на 70-тите.

Носталгија во сето тоа има, меѓутоа, таа не е бесрамна и еклатантна, туку е во форма на посвета упатена кон луѓето кои им влијаеле. Меѓу нив несомнено е и Џорџо Мородер. Тој не само што е гостин на остварувањето почестен со песна со неговото име, туку е и заслужен таа да биде една од најдобрите. Во неа, почитта кон постарите ја демонстрира самиот Италијанец со извонреден монолог за креирањето без ограничувања, по што сè е пренесено во денешната ера со масивна детонација од лајв-инструменти. Поглед кон минатото, ама во поеклектична насока, се случува и на Touch, каде што оркестрациите предизвикуваат емотивни потреси. На листата има и феноменални фанк-класици како Lose Yourself to Dance, Get Lucky (незачудувачки, на двете везе Фарел) и Fragments of Time, но има и такви каде што жанрот е надграден – на овој план се наметнува Beyond. Помеѓу овие денс-фаворити се кријат електро-балади како The Game of Love и Instant Crush кои најприродно виреат под кожа. Финиш-лентата, пак, е раздробена на ситни парченца од ноиз-хаосот на Contact, што е најсоодветен контраст на претходницата од час и повеќе мек, неодолив и весел грув. За да дојдат до овој баланс Daft Punk тврдат оти по случаен избор пристапиле во сеќавањата. На авторски план, од друга страна, во Random Access Memories нема ништо случајно и затоа албумот нема брзо да избледи, туку ќе се памети со широка насмевка.

Оцена: 90/100

Артист: Daft Punk
Албум: Random Access Memories
Датум на објава: 17 мај 2013
Продуцент: Томас Бангалтие, Гај-Мануел де Хом-Кристо
Издавач: Columbia

Листа на песни:
1. Give Life Back to Music – 4:34
2. The Game of Love – 5:21
3. Giorgio by Moroder – 9:04
4. Within – 3:48
5. Instant Crush (feat. Julian Casablancas) – 5:37
6. Lose Yourself to Dance (feat. Pharrell Williams) – 5:53
7. Touch (feat. Paul Williams) – 8:18
8. Get Lucky (feat. Pharrell Williams) – 6:07
9. Beyond – 4:50
10. Motherboard – 5:41
11. Fragments of Time (feat. Todd Edwards) – 4:39
12. Doin’ It Right (feat. Panda Bear) – 4:11
13. Contact – 6:21

Слични написи

1 коментар

Жарко Каранфилов 31/05/2013 - 10:22

Внимателно одбрани фрекфенции создадени да те чепнат токму онаму каде што треба … Си има албумот своја леснотија која го прави да биде поп-гигант. Фарел тамански ја осовременил оставштината на Мајкл Џексон. Така е! Giorgio by Moroder е flagship песна. Се сложувам со оцената во целост 🙂

Reply

Остави коментар