Carcass – Surgical Steel [Nuclear Blast, 2013]

Презаситеноста во музиката е појава фреквентна колку и еректирањето споменици во јадрото на Скопје. Како и бронзата, која длабоко во ноќта се фиксира подмолно, така и  жанрови се воспоставуваат додека да трепнеш. Одненадеж, тие прават џиновски скок од подрумите до билбордите. По извесно време хит-стилот полни рафтови, се лепи на прашоци за перење и ги прошарува кориците од тетратките на средношколците. Веќе на следниот свиок, пак, правецот драстично ја губи до неодамна интензивната боја и бледнее поради претерано вртење во машината. Во таа точка, сè, не само што изгледа, туку и фактички е излитено. Претходно широкиот автопат се претвора во слеп сокак. Обидите за освежување се залудни, тогаш е нужно целосно рестартирање. Ваков вид траекторија на развој – од никаде до секаде – доживеа мелодичниот дет-метал по што падна во бесконечен вител на рециклирање, а на моменти и на дееволуирање.

Со сите свои ситни и крупни варијации оваа сцена сè уште е масовно популарна, ама креативно сведена на предвидлив, зар’ѓан, роботизам. Во таква ситуација инјекцијата со адреналин ја испорача бендот на којшто сите се надеваа оти ќе ја вбризга. Повеќето, сепак, се плашеа дека камбекот по студиска пауза од 17 години може да заврши како и мнозинството обединувања на култни групи – со шлепер претоварен со пари и со тамче одвај пополнето со преџвакани идеи. Скептицизмот, иако разбирлив, Carcass го збриша со Surgical Steel, скоро 50-минутна ѕверска збирка што одново ги испалува во врвот на хеви-формата која во средината на 90-тите и самите помогнаа да се основа. Четвртата колекција во нивната кариера, Heartwork, и сега, две децении подоцна, збрчкува чела и отвора вилици од зачуденост колку, всушност, времето миминално грицна од нејзината издржаност. Дискот и денес е жанровски тотем, референтна точка и сон за клонирање.

Шокот, меѓутоа, доаѓа од заклучокот колку Surgical Steel не е обременет од величината на пресвртното издание на Carcass. На одреден начин, овие 11 композиции им пркосат на десетте објавени во 1993 година. Јачината на новиот авторски подвиг на составот е уште повеќе зголемена од фактот оти сега претпоследното нивно цеде, Swansong, беше очајна „лебедова песна“. Наместо со мегаексплозија, квартетот од Ливерпул се прости од јавноста со рачна граната. Отворајќи го најтазе материјалот со кусата и нагласено лирска инструменталка именувана според летото кога се основани – „1985“ – групата како да сака да каже оти е свесна за потребата од палење на моторите од нула. Или го пишува првото поглавје од своето продолжение на „1984“ на Џорџ Орвел. Без разлика дали во него ќе пронајдете дистопија (Џеф Вокер вели дека нема заокружен концепт во текстовите) албумот експресно врви напред со нервозната Thrasher’s Abattoir.

Четворката веднаш демонстрира важен елемент што ги издвојува од современиците и следбениците на мелодет правецот – образованието добиено од панкот. На наредната, Cadaver Pouch Conveyor System (да, сите наслови се бизарно писмени и комични), тоа е со крајно британски, двојни гитарски хармонии, а руки тапанарот, Ден Вилдинг, само по три теми го запечатува ставот оти го разбира пристапот на бендот. Со A Congealed Clot of Blood квартетот ја покажува грув-страната со средно темпо, додека The Master Butcher’s Apron на старт лудачки потсетува дека се меѓу основачите и на грајндкорот за од половина да премине во мрсен марш. Интрото на Noncompliance to ASTM F 899-12 Standard не може да биде понавезено, а по бластбитот вози со моторџиска хеви-брзина. Тупаниците автоматски се креваат во воздух на The Granulating Dark Satanic Mills чиј лизгачки риф и рефрен со „шест“ (не е 666, ама ист е нагонот) вриштат: гранде бина.

Жиците сигурно не се вкусна храна, но на Unfit for Human Consumption дисторзијата на Шестте се движи меко низ уши како што тазе ајвар (со сирење, нормално) се тркала од уста до желудник. Откако од половина до финиш ќе прејде во бесен треш на ред е 316 L Grade Surgical Steel, нумера полномасна како сланина, што прави динамички прелом по кој на Captive Bolt Pistol спидот одново насилно презема контрола. Исцрпувачката десетка од траки што претходат е разбиена со акустичен вовед во најелегичното парче на дискот, Mount of Execution. Во вториот свој дел таа прераснува во трка со лидови, нагло се пресекува, занемува, па избувнува во хедбенгинг порно и скалесто се губи во мртвата тишина. Таму, во празнината што обично ни се навиткува по секое слушање албум со вниманието кое го заслужува, Carcass не дозволил сè да се избрише, дупка црна да се стори и од сеќавање да испари. Реално, тоа е малку возможно да се случи зашто Surgical Steel е прецизна, сурова и елегантна плоча, отпорна на гребење и на кородирање, со гранитна цврстина, што поседува минијатурен ризик од отапување – буквално исто како и хируршкиот челик.

Оцена: 91/100

Артист: Carcass
Албум: Surgical Steel
Датум на објава: 13 септември 2013
Продуцент: Колин Ричардсон
Издавач: Nuclear Blast

Листа на песни:
1. 1985 – 1:15
2. Thrasher’s Abattoir – 1:50
3. Cadaver Pouch Conveyor System – 4:02
4. A Congealed Clot of Blood – 4:13
5. The Master Butcher’s Apron – 4:00
6. Noncompliance to ASTM F 899-12 Standard – 6:06
7. The Granulating Dark Satanic Mills – 4:10
8. Unfit for Human Consumption – 4:24
9. 316 L Grade Surgical Steel – 5:10
10. Captive Bolt Pistol – 3:16
11. Mount of Execution – 8:25

Слични написи

Остави коментар