Arcade Fire – Reflektor [Merge, 2013]

Да пишуваш за да се обидеш да пренесеш како си доживеал нечиј албум или генерално (популарна) уметност денес е нужно колку и употребата на телеграфот. Во ера кога сè е и повеќе од достапно, кога со клик стануваме генијалци – или барем во тоа сме силно убедени – делува излишно да трошиш свои зборови и нечие време ако за истото можеш да изградиш став од 140 карактери во кои што влегуваат и букви и компјутерски знаци послатки од неколкумесечни панди. Згора на тоа, да ја остваруваш оваа донкихотовска мисија на неанглиски, а камо ли на македонски јазик е нагласено апсурдно. Некој умен некаде сигурно запишал оти светот би бил значително поздодевен без вакви будали, но и ова потенцирање е бесмислено што ме потсети да се вратам на темата која има и тоа каква поента – новото цеде на Arcade Fire. Токму чувството на бесцелност, што знае да блокира во целост, беше прв пресуден фактор во моето искусување на Reflektor.

Вториот, на извесен начин вкоренет и извлечен од претходниот, е нашето ампутирано трпение или современа наклоност за донесување брзи заклучоци за длабоки прашања – и креации. И обратно, обмислени хвалоспеви за предвидливо прикрпени арт-проекти. На првите две-три слушања, четвртата студиска збирка на канадската група баш и не ми беше убедлива. Со некаква сила, изгледа како со tractor beam што командант Ворф го наместил одвај на единица, двојното издание ме теглеше назад навестувајќи дека во лавиринтскиот карго-оддел се кријат разновидни чудесии. За да ги откријам ми требаа повеќе вртења отколку што ги очекував, а требаше да ги претпоставам со оглед на тоа што Reflektor е амбициозен, веројатно и позитивно претенциозен албум какви што се снимаа и објавуваа во прог-опседнатите и ЛСД-избањатите доцни 60-ти и рани 70-ти. Стилски, материјалот е минимално врзан со оваа ера, но храброста има таков пулс.

Слушајќи ја колекцијата се потсетив оти пристапот до бесконечниот веб-директориум не е доказ дека и фактички сè е изживеано. Последователно ми светна и значењето на стрпливоста при соџвакувањето на повеќето, а особено на вака комплексни дискови (60 мелења на залакот меѓу заби и слични препораки). Одреден период потоа, завчера да бидам попрецизен, заклучив дека изминативе три и кусур седмици на Reflektor сум отстапил најголемо парче од временската пита. Го слушав на лаптоп, на спржено цеде, во кола, по сокаци, низ шуми и по козји патеки без верба оти ќе се навлечам, ама со порив на детектив мотивиран да го најде коренот на внатрешниот јадеж. Така најчесто бива со остварувања кои ти сраснуваат наспроти оние со кои веднаш се наштимуваш. Конкретно, етапното пронаоѓање во албумов е резултат на лепеза од причини насушно испреплетени со термин што е и отсјај на векот во кој живееме – противречноста.

Актуелниот период е убедливо најразвиен во историјата на човечката цивилизација, но во неговите благодети ужива помало парче од побогатата популација опслужувана од мнозинството сервисни работници. Така, повеќето од нас, за да галат iPhone или Galaxy S4, ќе замижат на измачувањата низ кои илјадници Кинези секојдневно минуваат за да ги произведат. Некои ќе го искористат Facebook за да се прослават и во следниот свиок ќе се жалат на легитимниот бран од индивидуално неодобрување (искажан на истата социјална мрежа). Не е мал бројот и на таквите кои кукаат колку локалната културна сцена била мизерна, додека последен пат купиле цеде од „Поп-топ“, а за концерт уво ги боли од вртење телефони во потрага по гага-билет. Сите ние, пак, што се гадиме од квазибарокниот фејслифтинг на Скопје не организираме масовен прекин, туку низ заби продолжуваме да плаќаме данок и давачки со кои нагрдувањето се финансира.

Политички теми и потконтексти содржи, ама контрадикторноста на Reflektor е повеќе преносно отколку буквално конектирана со „позначајните“ прашања. Таа не само што има потенцијал да се локализира, туку и да се индивидуализира. Пред сè, на албумот ова се одвива преку музичкиот филтер. Над половина од него е пополнет со песни на границата или преку оградата од шест минути, а има и од седум и пол, како и од 11 (иако поголем дел од неа е тишина), но Arcade Fire не ги напишал како свити од Pink Floyd-калибар туку ги извајал на основа од диско-ритам. Тие и понатаму се инди-рок бенд, меѓутоа, фолклорот на Хаити и рутс, регето и даб-влијанијата од Јамајка, двете локации каде што снимале, се провираат низ поголем дел од 85-минутниот материјал. Употребуваат бенџо, виолини и други „старински“ инструменти, ама синтизајзерите и електрониката се нивната опачина, а често се и лицето на нумерите.

Спојот на овие воочливи спротивности на моменти и не функционира. Некои, додуша солиден куп, траки можеле да се скусат и вишоците да се остружат. Одредени упади и испади на веселост стрчат во долгите сегменти на сериозност кои се подразбираат кај интелектуално силни бендови каква што е и шесторката од Монтреал. Бездруго, јасно е оти Вин Батлер и компанија си го хранеле егото со оваа грандиозност и со одбивањето да се воздржат. Тоа е ризик што го презеле доста артисти решени да креираат изјава од џиновски пропорции, а само на грст овој обид не им се плеснал в лице. На Arcade Fire им пошло од рака (и покрај поединечните и периодични слабости) да потпишат плоча што како целина бара и прашува, но и предизвикува и поттикнува. Тие потсетуваат на иронијата на социјалните мрежи: толку конектирани, но дали сме воопшто пријатели? Велат дека ако се здружиме, можеби, само можеби, ќе внесеме промени во срцата.

Прашуваат што ако камерата навистина ни ја зема душата. На тие што тврдат оти знаат дека рајот е место кое можат точно да го лоцираат им поставуваат суштинска дилема – ако таму нема музика зошто воопшто постои? Збунети се, тешко им е да проценат дали се нормални личности. Признаваат, веруваат оти се доволно кул, ама дали се злобни во потребната мерка? Преку Јованка Орлеанка се навраќаат на вековното – прво те љубат, потоа те убиваат – што сè-дигитализацијата повторно го исфрли напред. Како и секој од нас свесни се дека има начин да им наплатиме (на моќниците и злобниците), а тој е да „напуштиме и никогаш повеќе да не се вратиме“. Го повикуваат Орфеј, па порното го пишуваат со големо „П“, како да (не) е Бог во пантеонот на денешницата. Скокаат до задгробниот свет и финишираат со суперсиметријата според која да живеш во умот не е исто со бидувањето жив. Масивно, смело и несовршено, сето ова трепка ли трепка, меѓутоа, не во connect туку во Reflektor. Исполнет со противречности, но и со пораки попродорни од кога било претходно во нивната кариера, албумот е баш она што Arcade Fire го замислиле – рефлексија на времето во кое е одживеан и создаден.

Оцена: 89/100

Артист: Arcade Fire
Албум: Reflektor
Датум на објава: 28 октомври 2013
Продуценти: Џејмс Марфи, Маркус Дравс, Arcade Fire
Издавачи: Merge / Sonovox

Листа на песни:
1. Reflektor – 7:34
2. We Exist – 5:44
3. Flashbulb Eyes – 2:42
4. Here Comes the Night Time – 6:31
5. Normal Person – 4:22
6. You Already Know – 3:59
7. Joan of Arc – 5:27
8. Here Comes the Night Time II – 2:52
9. Awful Sound (Oh Eurydice) – 6:14
10. It’s Never Over (Hey Orpheus) – 6:43
11. Porno – 6:03
12. Afterlife – 5:53
13. Supersymmetry – 11:17

Слични написи

Остави коментар