Gorguts – Colored Sands [SoM, 2013]

Претставата со која што во умот си го скицираме процесот на духовно просветлување вообичаено се сведува на три фундаментални чина: досада, досада и – досада. Суров и остар заклучок, но гледано отстрана, оваа активност нуди варијации колку што џингл од Александар Митевски гарантира разновидност. Калуѓерите, кои по канонски терк го бркаат спознавањето, заедно со индивидуалците, кои кон истото целат следејќи лични принципи, не делуваат дека прават нешто повеќе од навидум бесконечен маратон во длабоко размислување. Има такви што чистат темелно, се усовршуваат во ненасилни физички вештини или лутаат низ дивината, ама пак, тоа се сведува на ултрапонирање во бескрајноста на сопственото битие. Ниту ми е намерата оваа благородна мисија да ја обезвреднам, ниту да ѝ ја минимизирам тежината, туку да ги подвлечам стереотипите што со неа најчесто се поврзуваат. Канадскиот бенд Gorguts дел од нив десеткува. Со новиот албум Colored Sands укажува оти до внатрешна хармонија се доаѓа и со метал-дисонантност. Само треба да знаеш како да го превиткуваш звукот.

Да се разбереме, плочата не е некаква религиска проповед или прирачник за окултни ритуали. Есенција ѝ е филозофска, дури и политичка, но никако манипулантска. Во жанровска и концепциска смисла, пак, се случува токму тоа: извртување на крутите сфаќања и заслепените очекувања како треба да звучи и што смее да раскажува еден (модерен) метал-албум. На првата студиска колекција по пауза од 12 години групата предводена од Лук Лемеј ја потврдува способноста за редефинирање со заплеткани аранжмани кои се подлога на приказната за Тибет. Користејќи го наративот на оваа земја – од спиритуалните почетоци, преку кинеската окупација до сегашниот статус на регион во комунистичката империја – Gorguts гради замрсен стилски лавиринт. Тој е поставен на темели од избезумени тапани, разлетан бас, повеќеслојни гитари и вокал што со силата одвртува индустриски шрафови. Сврзувачко ткиво на оваа површинска хаотичност се жичаните инструменти, амбиенталните фрагменти и наглите премини од гласност во нежност.

Токму ова испреплетување на инаку мрачниот албум му дава медитативна димензија. Набљудуван низ жанровски ригидни очи или преку корупката што го обвива тој би морал да го предизвика сосема спротивниот ефект. Почнува со трескот на Le toit du monde. Продолжува така да меле дваесеттина секунди и – се ломи во недисторзиран, кревок, акорд. Набргу пак се претвора во торнадо (и тоа од уште поголема класа), но Gorguts самоуверено го зацврстува заклучокот оти изданието е агресивен монструм што не се плаши напред да ја исфрли фрагилната страна на својат карактер. Само во првата трака се слуша сè од дет, грув и блек-метал преку фри џез до атмосферичност и амбиенталност. На An Ocean of Wisdom сè тоа за нијанса се развлекува, му се додава слаџ-зачин, а Forgotten Arrows функционира како разлудена машина за расцепкување што се дотрошува себеси со џиновски топот. Елеганцијата е распослана насекаде во Colored Sands. Таа е раздрмолена од риф-гигант од којшто се испилува шестжичано соло со СФ-карактеристики.

Филмски, оркестрално, The Battle of Chamdo генијално го дели дискот на половина. Сè што претходеше содржеше и навестувања за надеж, восхит и напредок, како паралела на дотогашниот просперитет на Тибет. По битката кај Хамдо, со која кинеските трупи ја здробиле де факто независноста на висорамнината, состојбата на тамошниот народ драстично се влошила. Ова внесување агресија во животот на цивилизација водена од идеја за ненасилство е пресликана во Enemies of Compassion. Свирепа и разјарена таа како да има за цел да укаже оти следбениците на Мао се непријатели на сочувството. Опевајќи го опстојувањето под окупација, вториот дел од плочата е за степен побесен, покомплексен и поблизок до темнината, но во никој аспект не асоцира на предавање. Така, жарот на Ember’s Voice на почетокот е подзагасен, ама до финишот се разгорува како предапокалиптичен пожар. Баладата, во екстремна форма и најширока смисла на терминот, пристигнува на Absconders, химната за бегалците. Сталожен е стартот и на Reduced to Silence, меѓутоа, темата мутира и суперхеројски ја затвора колекцијата.

Најфасцинантно е што по целото ова напластување, врзување јазли и наоѓање излез од лавиринти се потврдува претходната констатација – ова е збирка што не би требала, но успева да биде нагласено смирувачка. Не ме сфаќајте погрешно. Ова е метал. Сложен, подеднакво џезерски образован и примално вкоренет, а сепак, тежок и мрсен. Пристап што секој нема (потреба да има) љубопитност, храброст и желба да го истражи. Камо ли, пак, да му се препушти и да му дозволи да го одведе чекор – поверојатно е дека се повеќе – напред во сопствената еволуција. Како и мандалата (безобразие, знам на што некои од вас помислија) кои во Тибет се прават напорно, трпеливо и долго за потоа да се уништат во секунда, така и Gorguts по деценија и кусур посветено се истрошиле на камбек-албумот. Разнобојна, комплексна и уникатна, плочата со современ аудиојазик зборува за минливоста на животот, како што со неколку потези од под се мете песок. За да се избрише величината на Colored Sands, пак, мака ќе има и цела кинеска армија.

Оцена: 92/100

Артист: Gorguts
Албум: Colored Sands
Датум на објава: 3 септември 2013
Продуценти: Лук Лемеј и Колин Марстон
Издавач: Season of Mist

Листа на песни:
1. Le toit du monde – 6:33
2. An Ocean of Wisdom – 7:21
3. Forgotten Arrows – 5:41
4. Colored Sands – 7:55
5. The Battle of Chamdo – 4:43
6. Enemies of Compassion – 7:03
7. Ember’s Voice – 6:48
8. Absconders – 9:09
9. Reduced to Silence – 7:38

Слични написи

Остави коментар