Inter Arma – Sky Burial [Relapse, 2013]

Епизодите во ТВ-серии како Fringe, а поодамна и во Star Trek – од оригиналната, преку The Next Generation и Deep Space Nine до Enterprise, одвреме-навреме се префрлуваа во универзуми паралелни со носечките на дејствието. Измислен, без некаква издржаност во науката, овој концепт, сепак, не делува толку неверојатен. Неговата основна идеја е дека секоја стварност има свои алтернативи што опстојуваат истовремено. Разликите меѓу нив може да се минијатурни или драстични и да се поттикнати од осамена или од низа одлуки, настани или потези. Сето ова, несомнено, е резултат на бесконечноста на индивидуалната фантазија на која што ѝ е доволен само момент за да го одведе човека подалеку и подлабоко од кога било порано. На екраните за тоа постојат црни дупки и полумагични транспортери, а за нас таква „технологија“ може да биде музиката. Ако (ни) ја погоди жичката таа е способна да креира свет отсечен од вистинскиот.

Мојата аудио ге-точка бездруго ја потрефи, но и доколку тоа го изолирам, Sky Burial на Inter Arma е албум што генијално ги пронаоѓа и вешто ги командува „чакрите“ со кои е возможно да отклучувате порти од димензии поинакви од опипливите. Тврдење од овој тип веднаш буди сеќавања на психоделичните ЛСД-трипови од доцните 60-ти и раните 70-ти години. Има тука пинкфлојдовско лебдење – особено во гитарските солажи – ама материјалот воопшто не е ретрограден или носталгичен. Неговата есенција е напредна. Составот од Ричмонд со вториот студиски исчекор се потпишува на колекција што во најширока смисла и на најосновно ниво е полнокрвен метал, меѓутоа, со прогресивен пристап на компонирање. Слаџ, блек, пост-рок, класика, акустика, хардкор, панк, дури и блуз, сè ова е излеано во џиновски саунд распослан низ епски композиции. Она што овде, бездруго, е отсутно е поп-приемчивост, но тоа не значи оти нема нежност.

Бруталност од блековски карактер нè вовлекува во The Survival Fires. Нејзината сила ги буши ограничувачките мембрани – лични и наметнати – и на прагот од петтата минута достигнува пост-рок смиреност. Преминот на друго ментално рамниште е постигнат и сега на слушателот останува во која насока ќе продолжи. Рифот што развалува само 60 секунди подоцна (ме) носи во експанзивни простори без разлика дали тие се замислени или доживеани. Најчесто тоа се планини, а понекогаш можат да бидат и урбанистички утопии како откинати од книга на Исак Асимов. Претходно споменатата фрагилност се отелотворува целосно во Iron Gate, анплагд-интрото на The Long Road Home, која, пак, пред да направи тепих-бомбардирање во својот втор дел, првиот го извозува со тивки хамонд-клавијатури, со прегратки од инструментални пасажи и со гитарски лидови од кои влакната на кожата се стаписуваат како спореден лик во хорор на Сем Раими.

Со слаџерската репетитивност на Destroyer, од која утробата се вознемирува, како и со манијакалната крвожедност на ‘sblood, што љубопитно прекопува низ мастодонското Remission-поглавје, Inter Arma морничаво ефективно се спушта на исконско ниво. На Westward тоа добива делумно поцивилизирана форма на титански шестжичан напад кој, сепак, има мелодиска душа (иако таа е нагласено рудиментарна) и што завршува со солажа исцрпена од делтата на Мисисипи. Продолжувајќи ја оваа потиштеност, ама со акустика и атмосферични клавијатури Love Absolute сталожува како лулашка по што и последниот атом од и онака втренченото битие на слушателот е спремен како сунѓер да ја впие излезната, насловна, трака. Сите жанровски, стилски и концепциски елементи дотогаш засебно презентирани тука се извајани во единствена, 13-минутна, џиновска скулптура од композиција која доминантно надвиснува и ѕверски ја затвора плочата.

Без разлика што најчесто се разврескани, а неретко и прописно спиштени, стиховите, со нивната писмена, поетска, проникливост, се ортомата што непропустливо ја стега целината сплотена од овие осум песни. Зборовите, како и звучните решенија што под нив се импресивно прострени, се мрачни и повеќезначни, но не и депресивни. Тие се осврнуваат на преживувањето, мудроста, на губењето и пронаѓањето на својот пат, на огновите во облаците, на финалниот, затемнувачки, поглед. Или едноставно, во нив е насликан човекот како суштество што потекнува и на крајот ѝ се враќа на природата. На тој начин Inter Arma со Sky Burial, како и будистичкиот небесен погреб, продреле и во натуралистичката и во филозовската ср’ж на својот, но и на нашиот, колективен и заеднички, вроден хуманизам. Албумов има моќ само да чепне, да потсети, меѓутоа и целосно да го разоткрие неговото постоење што изгледа како да сме решиле темелно да го затуриме во ќоше и да го заборавиме. Овие час и нешто музика гласно истакнуваат оти, колку и да сакаме, тоа баш и не е лесно да се постигне.

Оцена: 93/100

Артист: Inter Arma
Албум: Sky Burial
Датум на објава: 19 март 2013
Тон-мајстор: Мајки Олред
Издавач: Relapse

Листа на песни:
1. The Survival Fires – 10:11
2. The Long Road Home (Iron Gate) – 3:40
3. The Long Road Home – 10:07
4. Destroyer – 10:13
5. ‘sblood – 6:21
6. Westward – 9:48
7. Love Absolute – 4:02
8. Sky Burial – 13:01

Слични написи

Остави коментар