Pelican – Forever Becoming [SL, 2013]

Во светот на инструменталната музика конкретноста не е баш карактеристика поради која се добиваат пофалби. Јавниот консензус е дека, со тоа што нема вокал и стихови кои би ја доразвивале севкупната приказна, ваквиот израз мора да биде повозбудлив, поекспериментален и попрогресивен. Свесно ослободена од човечки глас, оваа форма, едноставно, е принудена неколкупати попосветено да бара облици за будење интерес и за задржување на вниманието. Ова, повторувам, е некое општоприфатено стојалиште. Најчесто, со право. Недоволна е привлечноста – за многумина таа би била и одбивност – на долгото вртење во круг со шака тонови, без разлика колку се тие вешто избрани и наредени. Вакво е гледиштето кога правец слободарски и напреден како џезот решава да биде специфично врамен, а какво е кога е во прашање жанр „ограничен“ како рокот или металот? Бездруго, значително построго.

Затоа подвигот на Pelican на новиот, исклучително фокусиран, диск Forever Becoming е уште позначаен и повеќе вреден за почитување. Ваквата сконцентрираност и држење до, најшироко кажано, класичното аранжирање, може и да се протолкува како досадна линеарност. Точно, на албумот нема тапоглаво фаќање кривини за по секоја цена да се „шокира слушателот со (изнасилена) оригиналност“. Збирката се тркала по просторна, пресно истапкана и геометриски елегантно прецизирана патека, но повеќето песни не стартуваат од анонимната точка „А“ за да завршат во предвидливиот ендек „Б“. Нема ниту претерано повикување на опседнувачките духови на динамиката. Тивко-бучната контрадикторност, иако не изостанува, е повлечена подалеку, во заднина. Предноста им е предадена на мелодијата, лиричноста, хеви-степенот и на – рифовите. Квалитетот на сè во оваа низа речиси ги брише претходно споменатите, потенцијални, „слабости“.

Збирката се стркалува апстрактно. Најкусото парче, Terminal, со најскржав, ама умно селектиран сет од звуци го омекнува теренот. Ја постила чергата. Со мазно, неодамна отворено, ќебе прекрива дел од ливадата и му овозможува на слушателот целосно да легне во универзумот на албумот. За миг, дури доаѓа и оддишка. Набргу подоцна, пак, гитарата на Deny the Absolute молскавично засекува и следува торнадо од дисторзија. Тоа разурнува, но рафинирано, поради поетската мелодија која ги обвива рифовите и акордите. Без да заобиколува, траката го најавува потполно истото што се потврдува и на остатокот од материјалот – дека бендот на плочата не користи ракавици туку удира директно, коска на коска. Кршењето продолжува, успорено и лизгаво, на The Tundra. Таа се отвора и блузерски, нишка која не се губи до спуштањето на завесата. Слаџот, кој и онака е втемелен во сè на цедето, ја потхранува Immutable Dusk.

Секирата со шест жици е монструозно искористена, но композицијата има и кршлив средишен дел пред да се претвори во тексашки масакр. Најпотиштена состојба буди Threnody со нејзината алигаторска забавеност, но во втората половина емоциите ги креваат британските њу-вејв хевиметал лидови. Пештерскиот бас ја води The Cliff, која е и своевиден прелом пред Vestiges, која со ротирачки решенија, како пропелер дува до финиш-линијата. А таму се развива Perpetual Dawn која, како и нејзиниот наслов, буди слики од мугри кои не завршуваат. Поради нив изгледа оти сонцето, најпрво, никогаш нема да распали, а потоа, на крајот на денот, нема да згасне. Овој стадиум на лебдење е само тоа: чувство кое веќе на наредната кривина песната го брише со жестокост. Така и петтиот студиски албум на квартетот го залажува восприемачот дека само го ниша со приземност, сосредоточеност и со достапност. Тоа што под оваа магнетна јаснотија Pelican, сепак, мајсторски шифрира е оти Forever Becoming е саундтрак на бескрајната преобразба. Нејзиното создавање е нагласено комплексен процес, а пред очи и уши ни се претставува со речникот што го користиме на сретсело – за сите да нè разберат.

Оцена: 88/100

Артист: Pelican
Албум: Forever Becoming
Датум на објава: 15 октомври 2013
Продуцент: Крис Комон
Издавач: Southern Lord

Листа на песни:
1. Terminal – 3:27
2. Deny the Absolute – 5:35
3. The Tundra – 5:13
4. Immutable Dusk – 7:01
5. Threnody – 8:07
6. The Cliff – 4:06
7. Vestiges – 7:15
8. Perpetual Dawn – 9:28

Слични написи

Остави коментар