Savages – Silence Yourself [Matador, 2013]

Некои, всушност, дури и премногу работи, погледи и начини на однесување, додека да трепнеме, безрезервно ги прифаќаме. Не потпрашуваме, ниту сомнеж искажуваме. Се закачуваме на возот на невидливите норми без да ни се појави дилема зошто воопшто се воспоставени. Применливо на сè од заплеткани политички прашања до најбанални активности, ова правило често нè води, а понекогаш и нè дефинира. Особено денес, во ерата на поп-технологијата и на индивидуалното разголување на виртуелни ѕидови, е неподносливо лесно да се прифати некаква, каква било, шема. Таква е манијакалното фотографирање и снимање концерти со смартфони наспроти нивното искусување со своите сетила. Како божем сме библиотекари кои собираат податоци за вселенската архива на Вулкан избираме да го одложиме восприемањето и случувањата да не ги доживуваме тука и сега.

Цврсто исправајќи го средниот прст токму против ваквото поведение Savages снимиле албум што граба и гмечи, шокира и шамара, што те охрабрува да размислуваш и не ти дозволува да го игнорираш. Податоците дека Silence Yourself е првенче, а лондонскиот бенд опстојува помалку од две години се само сува фактографија бидејќи на збирката од 11 песни не се слуша дебитантска несигурност туку јачина, зрелост и самодоверба. Материјалот е длабоко засаден во пост-панк-ривајвалот од новиот милениум, меѓутоа, додека реже како шмиргла со право можете да помислите дека четворката го поседува основачкиот капитал на оригиналниот правец. Суровоста, која по правило е јадрото на сечие лонгплеј-крштевање, и тука го полни реакторот. Разликата е што наместо грубо, екстремно необработено беснеење овде изразот е доволно фокусиран за не биде чисто дивеење и во исто време, да не остави впечаток на детално полирање.

Рамнотежата, онаа меѓу архаичното и современото, влијанијата и индивидуалноста, е моќно својство на Silence Yourself. Тоа, од друга страна, не ја киднапира плочата, не ја разоружува и не ја прави уште еден во долгата низа модерни рок-остварувања кои за да не навредат никого и за да привлечат секого на крајот се клатат млитаво. На изданиево нема траги од такво забошотување. Говорен семпл воведува во Shut Up по што ниски бас-тонови го одлепуваат паркетот. Гитарата превзема репетирачки, а гласот со марш гази до точка на покорување. Бучавата го најавува тапанското интро на I Am Here, тие заедно ја градат тензијата која до финишот се претвора во саундтрак за дервишки танц. Слична прочистувачка енергија извира и од City’s Full, што содржи и риф со пламени јазици како од апокалиптични летни вести од Калифорнија. Блискоста до Лос Анџелес тука завршува, а развлечената Strife нè враќа во сивите Лондон или Њујорк.

Со безмалку шугерзерската Waiting for a Sign меланхолијата се собира, се набива, до степен на компресирано лудило што одѕвонува во индастриал ноизот на Dead Nature пред мелодичните шест жици на She Will да го вратат кантарот назад кон разиграноста. Ако има миг кога квартетот се приближува до хардкорот тоа е No Face која нанесува стравични штети за потоа на Hit Me истите да достигнат димензии на катастрофа. Со гитарата и басот, што совршено се слизнуваат како вешт сноубордер на пуста планина со натрупан и неразгазен снег, Husbands ги исполнува радио-сингл-параметрите. Преку клавирот и саксофонот на интровертната, беседничка, Marshal Dear групата појаснува дека и покрај тоа што воглавно се држи до жанрот за кој што се одлучиле – пост-панк – сепак, не избрале да бидат крајно ограничени. Заокружувањето на оваа констатација го прават нагласено паметните, проникливи, стихови со кои Savages истанчено го секцира актуелното живеење и од свој агол обработува некои вечни, добропознати, прашања. Со цел да ги пронајдете нивните одговори и индивидуалните толкувања ќе мора да го направите моментно незамисливото: да го пуштите Silence Yourself и да замолчите. Сè наоколу и себеси.

Оцена: 91/100

Артист: Savages
Албум: Silence Yourself
Датум на објава: 6 мај 2013
Тон-мајстор: Џони Хостајл и Родаид Мекдоналд
Издавач: Matador

Листа на песни:
1. Shut Up – 4:48
2. I Am Here – 3:20
3. City’s Full – 3:27
4. Strife – 3:57
5. Waiting for a Sign – 5:25
6. Dead Nature – 2:06
7. She Will – 3:27
8. No Face – 3:35
9. Hit Me – 1:41
10. Husbands – 2:50
11. Marshal Dear – 4:03

Слични написи

Остави коментар