Dead Can Dance – Anastasis [PIAS, 2012]

Уши начулувам на купишта разновидна, понекогаш стилски контрадикторна, музика. Понекогаш, тоа се граничи со шинување. Во други случаи е еднакво на растегнување или на умерен тренинг. Убеден сум, пак, оти тие со посебен елан се размрдуваат кога од слушалките или од звучниците фучи или гали дело со некакви влијанија од нашиве простори. Под нив подразбирам најголем дел од наследството од целиот Балкан, ама и од блискоисточната традиција. Учените луѓе од оваа област сигурно знаат како сè да подредат во чисти, прецизни, убави жанровски графи. Веројатно можат и да објаснат, да ми квантифицираат, зошто тапанчињава нагонски вибрираат штом чујат непарен ритам, опскурен инструмент или вокал изваден од руините на прастар храм. Откако прочитав дека Dead Can Dance ќе го прекршат 16-годишниот авторски молк со звук што ќе црпи од медитеранскиот базен, од Грција и Турција до Северна Африка, не се сомневав оти вртењето на Anastasis ќе биде јако, емотивно хранливо, искуство.

Не дека е нужно Брендан Пери и Лиса Џерард да буричкаат низ оставнината од овие географски, јазични, етнички, културни и религиозни прерии за да ме заскокоткаат на ниво поинакво од рутинираното. Тие се уникат. Нивниот изграден, рафиниран, стил ја втемелува комплексната рамка и на осмата студиска плоча, која што е надградена и обложена со жици, мелодии и атмосфера инстинктивно препознатливи за секој што е роден и израснал на потегот од Сараево до Арарат. Конкретно поради ова, албумот не е ниту подобар, ниту полош (тој секако е моќна креација), меѓутоа, фактот оти коренот му е засаден тука некаде, во близина, околу мене, неговото доживување го исполнува со единственост. Погледов можеби е претерано локален, балканоцентричен, нафуран на потеклото, наместо опседнат со глобалното, неврзаното и со иднината, ама тој е нераздвоен од Dead Can Dance. За нив, сеќавањето, истражувањето на отпечатоците од претходните генерации, отсекогаш било прираснато за инспирацијата.

Така и Anastasis почнува. По кусото Вангелис-интро на синтизајзер и штом песната ги рашири крупните оркестарски крилја, Пери со смуртениот баритон изустува: “Ние сме древни, древни како сонцето”. Со развлечен ритам, грандиозните дувачки сегменти се врзуваат со нешто што звучи како ситар или цимбал. Истокот и Западот во таа точка се спојуваат, ја носат темата до крај, каде што вокалистот заклучува: “Вербата, надежта, нашата милост. Алчноста, мрзеливоста, нашите непријатели”. На Anabasis, Џерард го презема кормилото со нејзината глосолалија. Поткрепена со ханг, минимално пијано и бузуки-мелодија, што потоа патува до Турција, таа го засилува поттикот да посегнеме и да го допреме небото како што се вели во претходната трака, Children of the Sun. На неа тоа ѝ успева потресно пеејќи без да изусти човечки разбирлив збор. Ист пристап има и на Agape, наслов што најчесто се преведува како безусловна љубов. Заедно со ориенталната виолина, Џерард не застранува од мисијата – будење морници.

Со Amnesia, Пери ѝ принесува жртва на Мнемосина, божицата на паметењето и му се обраќа на човештвото: “Со секоја генерација доаѓа нова дупка во сеќавањето”. Тука на клавирот му е дадена поистурена, поромантична, улога, слично како и на вокалот, а на нискотонските оркестрации им е препуштено нагласувањето на пресвртите. Бузукито, или неговата клавијатурска варијанта, кое што на албумот ја има третата главна ролја по тие на основачкото дуо, ја води Kiko како бавно оро. Џерард во тие мигови боде со растегнувањето на гласот до недостижни димензии. Како и што ја опишува авторот – нумера за опијатската состојба на умот која те заробува – Opium буди јасни слики за безизлесност со потиштената ритмика и штурата инструментација. Ирскиот фолк го поплочува патот на Return of the She-King, а женската половина на групата ја вози низ внатрешната и надворешна шир на хуманоста. Со зборови во кои се насетува верба во неа, машкиот дел од составот го допишува последното поглавје од изданието.

Во најсоголената композиција во колекцијата, All in Good Time, расфрлан е по некој инструмент, a доминира гласот на 53-годишниот Лондончанец со ирско потекло. Tој беседи за бродови, мориња, ветришта, врвови и виножита, за Природата, на која што треба да ѝ се дозволи да го земе бајракот за сè да биде откриено. Тука пак се врти кон темата на материјалот и (на себеси си) вели: “Врати ги назад часовниците, отвори ги спомените”. Со тоа го спушта стапалото од финалниот чекор на неизмерниот круг што бендот трпеливо го пешачи и го трчка, но не го спринтува, на камбек-остварувањето. Како и насловот на излезната нумера, дуото го изведе долгопосакуваното враќање на сцената со една мисла на ум: “Сè во свое време”. Изгледа затоа Dead Can Dance на Anastasis не покажуваат никакви знаци на изнасилено, шуплосано, воскреснување, а даваат секакви докази за самоуверено, робустно, ново раѓање. Потполно исто како и сончогледите на обвивката на албумот. Задремани се, но наскоро ќе се разбудат и со изразито жолтата боја наследена од илјадниците стебла пред нив едно утро повторно ќе го направат тоа што го знаат најдобро – ќе се свртат кон сонцето.

Оцена: 90/100

Артист: Dead Can Dance
Албум: Anastasis
Датум на објава: 10 август 2012
Продуцент: Брендан Пери и Лиса Џерард
Издавач: PIAS

Листа на песни:
1. Children of The Sun – 7:33
2. Anabasis – 6:50
3. Agape – 6:54
4. Amnesia – 6:36
5. Kiko – 8:01
6. Opium – 5:44
7. Return of the She-King – 7:51
8. All in Good Time – 6:37

Слични написи

Остави коментар