Steve Von Till, Scott Kelly, Wino – Songs of Townes Van Zandt [Neurot, 2012]

Претворањето во пепел на личните сфаќања за правците, стиловите, бендовите и соло-изведувачите го вбројувам меѓу најубавите придобивки на музичкото фановство. Тоа ми се случувало, сè уште трае и ќе продолжи да ме радува и понатаму. Ако сме начисто искрени, ќе си признаеме дека сите сакаме да си облечеме мантија на одредена група и гордо или срамежливо да ја носиме. Така е полесно, поудобно, да му се невиди, така е впишано во (животинската графа на) човечкиот код. Овој трибализам е раширен и по вертикала и по хоризонтала. Од раса, нација и земја, преку град, маало и фирма, сè до политика, спорт и културна сцена. Постмилениумски, идентификувањето со звучен жанр не само што не е исчезнато туку е доведено до комичен племенски врв. Со таков ум, сигурно е збунувачки да се слуша Songs of Townes Van Zandt, потресен акустичен албум со песни од кантри-легенда интерпретирани од три метал-титани.

Да, баш така, Steve Von Till, Scott Kelly и Wino, првите двајца од предизвикувачите на цунами-бранови, Neurosis, а последниот од гласниците на пропаста, Saint Vitus. Ако се составува список на аристократијата на современото хеви-општество, тие без дилема ќе бидат впишани меѓу најистакнатите припадници. Исто место ќе добие и Таунс Ван Зант во кантри-хиерархијата, но постхумно, оти неговата генијалност почна бучно да се нагласува деценија и повеќе откако почина. Нарекуван “кантавор за кантавторите”, овој чувствителен дух беседел за руинираните катакомби на хуманоста, за скршените срца и за основните човечки вистини. Без разлика што бил фолкер, т.е. се изразувал во рамките на американската народна музика, Ван Зант најпотполно се пронаоѓал кога раскажувал мрачни и меланхолични сказни. Токму во оваа точка на емотивната и на филозофската мапа се вкрстуваат неговите и координатите на Вон Тил, Кели и Вино.

На инспираторот на плочата само сум налетувал на поминување, кога бил наведуван како референца во рецензија, статија или интервју, но поради триото фантастико по малку и го заслушав. Човекот е кантри до коска. Во неговите песни има клопотарци, слајд-гитари, хармоники и сè што традиционално се користи во правецот. Стиховите се тие што нагласено го издвојуваат од стадото и братски го зближуваат со маговите на вревата кои се здружиле да му оддадат почит. Без помпа, скап пи-ар и маркетинг, со обожавателска внесеност во композициите, тие снимиле збирка што гарантирано ќе мине под меинстрим-радарот. Не е воопшто пресудно, ама од таа причина нејзиното испивање е уште поинтимно. А овој збор веројатно најсеопфатно го опишува начинот на кој што следбениците истовремено комуницираат со себеси, но и со учителот, на Songs of Townes Van Zandt.

Секој од нив е потписник на посвета со индивидуален печат во бујна боја, ама за сите е заедничка неизвалканоста. И бавниот, соголен, рудиментарен, акустичен пристап при аранжирањето на обработките. Стив Вон Тил во Neurosis со рапавиот глас морничаво проповеда и казнувачки урла, а дисков го отвора со If I Needed You, тема што го фрла во романтичен вител чие што слушање е ненавредливо понизно. Тоа чувство, дека на увце ти се отвораат вакви метал-стробјаци, продолжува на St. John, the Gambler и не се губи до финишот. На оваа нумера уште подраматично е успорен опусот на Ван Зант, а по таа калдрма Скот Кели стабилно гази и на меко-електричната Lungs и особено на седумминутниот сконцентриран поглед во огледалото именуван Tecumseh Valley. Во тој аспект – понирањето во сопственото его – Вон Тил е за степен поразорен и на Black Crow Blues и на The Snake Song. Вино, пак, со самоуверениот, епски, марширачки тон на вокалот е скриениот бисер на цедето чиишто изведби на Rake, Nothin’ и A Song For се најизлуштените парчиња на и онака речиси целосно соголениот материјал.

Бекграундот на уметниците што ги секцирале траките, величината на нивниот автор, соничната оддалеченост и лиричната блискост, се три занимливи детали кои што ќе добијат повеќе публицитет во медиумите отколку самата колекција. Вистината, пак, е дека таа е суверената ѕвезда во приказната. Не е ова безгрешно остварување, дел од верзиите, но само на моменти, шлајфуваат. Меѓутоа, по неколку навраќања, нека се и само со гребење на површината, доминантно е чувството на исполнетост. Тука некаде, веднаш по него, е силниот впечаток, можеби и убеденоста, дека од повторни дружби со албумот, од кои што ќе се собираат уште поинтригантни прашања, одговори и пораки, нема бегање. За тоа, најголема заслуга има катарзичната моќ на песните на Таунс Ван Зант. Пуштајќи ги низ каналот на сопствената душа, Стив Вон Тил, Скот Кели и Вино ги препеале крајно лично без вулгарно да им ја изгризат срцевината. Осветлувајќи ги од свеж, непознат, агол, тие не ја чепнале нивната целосност. Приближувајќи ги до нови, неочекувани, генерации и групи слушатели, тие им го продолжиле животот.

Оцена: 87/100

Артисти: Steve Von Till, Scott Kelly, Wino
Албум: Songs of Townes Van Zandt
Датум на објава: 12 јуни 2012
Продуценти: С.В. Тил, С. Кели, С. Вајнхрих
Издавач: Neurot

Листа на песни:
1. If I Needed You – 3:57
2. St. John, the Gambler – 4:43
3. Black Crow Blues – 3:21
4. Lungs – 3:20
5. Rake – 2:44
6. The Snake Song – 3:35
7. Nothin’ – 3:51
8. Tecumseh Valley – 7:09
9. A Song For – 4:25

Слични написи

Остави коментар