The Kills – Blood Pressures [Domino, 2011]

На музичко-стиховен план, Алисон Мосхарт и Џејми Хинс се надалеку познати по штедливоста. Не се скржави, само внимателно ги распоредуваат средствата потребни за да создаваат песни и албуми во креативниот буџет на својот бенд, The Kills. Тоа умно шпараџиство достигнува димензии што секоја мајка сонува дека идниот зет ќе го пружи на нејзината сакана ќерка. Знаејќи дека Алисон не е во брак со Џејми, Мама Мосхарт воопшто нема потреба да очекува такво нешто од младиот господин Хинс. Сепак, кога тој решава колку бучна ќе биде неговата гитара или колку тонови ќе има рифот, а неговата партнерка од бендот одлучува колку да го оптегне гласот или да се распостила со зборови, аскетскиот начин на размислување преовладува кај обајцата.

На претходниот албум, Midnight Boom, дуото до врвот на сопствената музичка формула изгради скалила понашминкани одошто беше потребно. Добро е што на Blood Pressures, годинашниот следбеник на цедето од 2008, составот се реши за дрвени, нестабилни, но издржливи, скалила и со нив се искачи до врвови на креативноста блиски на тие што ги достигна на првите две плочи – Keep on Your Mean Side (2003) и No Wow (2005). Овие збирки авторски материјал и понатаму ќе бидат репер за вистинскиот талент и возбудливост на The Kills. За пофалба е што Мосхарт и Хинс на последниот диск ризикувале и се обиделе кај себе да го воскреснат сировиот, блуз-дух, прикажан на почетокот на кариерата. Коцката се исплатела оти плусевите ги засенуваат минусите на новото студиско издание.

The Kills на Midnight Boom се обиде оригиналната, привлечна, споровозност и звучна антикомплексност, речиси целосно да ја пренесе на денс-подиумот. На некои песни тоа функционираше перфектно, ама на повеќето остави впечаток на недоработеност. На Blood Pressures таа потрага по екстремно клупски насочен хит е воочливо поуспешна. Само слушнете ги Heart Is a Beating Drum и Nail in My Coffin една по друга и со сиот ум кажете дека табаните не ви растрепериле од детска желба за скокање. Меѓутоа, убавината на новиов албум е што по такви парчиња следуваат (Wild Charms и DNA) и им претходат (Future Starts Slow и Satellite), песни со заразниот, развлечен, груверски набој што уште од појавата на сцената бендот го направија посебен и препознатлив.

Кога на тоа ќе се додаде и генетската компатибилност на уникатниот вокал на Мосхарт и наметливата, но не и нападна, гитара на Хинс, се добива трака како Baby Says, која во вкусен, модерно-баладерски, стил, го заокружува моќното и стабилно стартување на албумот што трае низ почетните седум нумери. The Last Goodbye продолжува во потресен госпел-фазон, Damned If She Do се надоврзува со гаражен став и се раздвижува во мини-фестивал на брејкбит ритам и блуз. Со нешто поизвалкана гитара и вокал, но и поѕенѕачки пулс на бас-тапанот на You Don’t Own the Road, групата го приведува дискот пред крај.

Финишот пристигнува на Pots and Pans, густа, јужњачка, дамка од песна, чии акустично-електрична нечистотија и психотичен вокал можат да ве поттикнат да посегнете по апаратчето за мерење притисок за да проверите дали е висок. Ако е така, дури и моментално, за тоа е виновен чистокрвниот напон што The Kills го спровел во Blood Pressures. На обвивката на цедето составот не ставил такво предупредување. Тоа може да послужи како цврста основа за тужба за повреда при слушање музика. И по неколку вртења на материјалот, тешко дека некој ќе се реши на потег со толкав полнеж на непромисленост.

Оцена: 80/100

Артист: The Kills
Албум: Blood Pressures
Датум на објава: 4 април 2011
Продуценти: Џејми Хинс и Бил Скиби
Издавач: Domino

Листа на песни:
1. Future Starts Slow – 4:05
2. Satellite – 4:14
3. Heart Is a Beating Drum – 4:20
4. Nail in My Coffin – 3:32
5. Wild Charms – 1:14
6. DNA – 4:32
7. Baby Says – 4:28
8. The Last Goodbye – 3:41
9. Damned If She Do – 3:52
10. You Don’t Own the Road – 3:22
11. Pots and Pans – 4:35

[related_posts limit=”5″ image=”50″]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар