Limitless [2011]: Нема бегање од човечката глупост


Идејата дека една, единствена, пилула е решение за проблемите што постојано се напластуваат во денешново, крајно компетитивно и предвидливо напнато време, е реалност за многумина, а не само за ликот на новиот омилен холивудски лепотан, Бредли Купер, во неговиот последен филм, Limitless [“Безгранично”, официјален превод]. Преку алузијата дека сите, со кои животот не се однесувал најнежно или, обратно, тие со него се однесувале како животни, без размислување би кркнале апче за да си ги отворат портите до успехот, режисерот Нил Бурџер (The Illusionist и The Lucky Ones) пред гледачот поставува мошне интригантна дилема.

Поставувајќи го конфликтот на позната основа, меѓу инстант-решението (пилулата) и посветеноста (напорната работа), Limitless веројатно сите ги скокотка доволно за да заклучат дека и тие, како и ликот на Купер, би проголтале некаква хемикалија за да мрднат од мртвата точка. Во филмот на Бурџер, таа експериментална супстанца се вика NZT-48. Карактерот на Мистер Мамурлак, Еди Мора, чие име, намерно или случајно, асоцира на славниот новинар Едвард Р. Мороу, ја внесува оваа дрога во дигестивниот систем и за 30-ина секунди се трансформира од првокласен губитник во гениј што ќе се катапултира себеси во врвот на општествената класа.

Со апчето што ќе го кркне, ликот на Купер ќе се вивне до сите врвови што самиот некогаш ги замислил – финансиски и интелектуални. Додуша, најмногу парични, а најмалку умствени, заклучок што може да се изведе и за Limitless. Основајќи ја и градејќи ја приказната врз митот за неискористување на целосниот потенцијал на мозокот (во оваа сторија е 20 проценти, но во некои е смалена дури и на два посто), “Безгранично” на Мора му дава пилула што ќе му помогне да стане суперчовек, но од заплетот ќе ја избрише хуманоста, а филмот ќе го направи бездушен. Не оти тоа е изненадување, ама така се ништи инаку привлечната премиса на остварувањето.

[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=2-EUTCkfXEI&w=500&h=303]

Бурџер фино, на моменти и мајсторски, ги режира психоделичните секвенци низ кои минува и се губи главниот лик. Купер убедливо се менува од писател на работ на пропаста во гуру на Вол Стрит што зборува десетина јазици, освојува жени од шега и со брзина на светлината го одушевува и збунува Роберт де Ниро. Меѓутоа, откако ќе почне да се тркалаат под дејство на мистериозната пилула, случувањата се интересни до мигот кога Мора првпат ќе искешира дебела сума благодарение на “проширениот поглед”. Потоа, и на пензионер роден пред почетокот на Втората Светска Војна, кој сигурно мисли дека блекбери е вид на овошје, ќе му се разјасни што ќе се случува понатаму и како ќе се одмотува клопчето.

Листата на настани што следуваат е долга, знаејќи дека споменатиов момент е во првата третина од течението. Иако Купер интересно го портретира својот лик, на начин што мнозинството, барем додека трае филмот, би го потикнало да почне да се става себеси во неговата кожа, Еди Мора не е човек што делува како навистина да му било потребно апче за да застане на нозе. Проблемите во кои тој заглавил, се вистински за голем број луѓе во реалноста, но ако за нив сигурно би сочувствувале, такви чувства тешко оти ќе најдете за Мора. И покрај сè, тој потсетува на разгалено дериште што очекува сè да му биде дадено на послужавник.

Сето тоа делува логично за филм со ваков ветувачки забавен заплет, но Limitless исполнува недозволиво малку од своите ветувања, вклучувајќи го и најзначајното за остварување од овој калибар – да ја разигрува публиката. Како што е направен, “Безгранично” е компилација на контрадикторни идеи. Нивната невозможност е еднаква на дел од будалаштините што учесниците ги правеа во славните “Игри без граници” по кои нацијата на братството и единството лудуваше пред распадот на Југославија. Само што, ако ова натпреварувачко шоу ја правеше човечката глупост безгранично симпатична за гледање, поради Limitless сурово ќе се потсетите дека од неа, едноставно, нема бегање.

Оцена: 36/100

Наслов: Limitless [“Безгранично”, официјален превод]
Премиера: 8 март 2011 (Њујорк) / 1 април 2011 (Скопје)
Режија: Нил Бурџер
Улоги: Бредли Купер, Аби Корниш, Роберт де Ниро
Продуцент: Лесли Диксон
Сценарио: Лесли Диксон
Според книгата: The Dark Fields од Алан Глин
Музика: Пол Леонард-Морган
Студио: Relativity Media

0 коментар

Слични написи

Остави коментар