Foo Fighters – Wasting Light [RCA, 2011]

 

За човек што не го познаваш лично, не си пиел пиво или не си седел во средно во клупа со него, Дејв Грол остава впечаток на супер типче. Кој што сака нека мисли за неговата ирелевантност на денешната интелектуална инди-рок-сцена и за слепото газење спроти трендовите, односно чекорењето по сопствена патека. Ако бившиот тапанар на најголемиот бенд на 90-тите години, Nirvana, успеа да се ослободи од етикетата екс-бубњар на најзначајната група во претпоследната деценија од минатиот век, веројатно има вистина во митот за суперталентот што го поседува. Мислам, штом Боб Молд му гостува на албум, Дејв или е стварно океј лик, или неговиот нескриено фановски пристап кон музиката е најревносно одглумена точка во историјата на овој, најсакан, дел од поп-културата.

Со оглед на тоа што за рок-ѕвездите градиме претстава од тоа што го гледаме на спотови, интервјуа и концерти, го читаме од текстови или го наслушнуваме од таблоидски оговаранции, колку и дали воопшто ќе веруваме во портретот што тие го сликаат за себе, најчесто, е прашање на личен избор. Кога е во прашање Грол и музиката во која тој имал делумен или стопроцентен удел, не сум имал дилема дека таа е направена од безрезервен рок-обожавател. Иако Дејв одамна е камелеон чија промена на групи и проекти понекогаш е тешко да се следи, Foo Fighters и понатаму е бендот со чија помош тој ја води фановската романса со рокенролот во сите свои бои. Знам, мојов став за суперстар од ваков калибар е прилично романтичарски, но вината зошто тоа и во иднина ќе биде така ја сноси новиот албум на составот, Wasting Light.

Да расчистиме – ова не е издание од новата ера. Нема електроника, дигитално спакувани вокали, храбри експерименти, ниту мудрување во каква било форма. Затоа, пак, има дисторзирани рифови, мелодични гласовни рефрени, проверена поп-структура и симпатична зборовно-стиховна игра. Мнозинството, со право, смета дека дебито и особено, The Colour and the Shape, се најдобрите албуми од Foo Fighters, но греши кога вели дека по цедето од 1997 година бендот не издал ништо асално. Echoes, Silence, Patience & Grace (2007) е недозволиво слабо цеде, а и One by One (2002) не заостанува зад овој заклучок, но There Is Nothing Left to Lose (1999) е солиден диск. Кога In Your Honor (2005) е во прашање, точно е оти двојното остварување било преголем залак за составот, меѓутоа, неговата, прва, рокерска страна е неправедно потценета.

Во ова друштво на студиски материјали од Foo Fighters, Wasting Light најголема блискост покажува со The Colour and the Shape. Помалку е важно што нумерите се снимени исклучиво на аналогна опрема и во гаражата на Грол. Симболиката на овие потези е позначајна зашто така бендот постигнал кохезија со каква што кубуреше на последните изданија – и во свирачки поглед, но и во стегнатоста на албумската целина. Влезот во неа е молневит, со динамичната и иден концертен фаворит, Bridge Burning, за делумно да се потсмири на Rope, првиот, не којзнае колку импресивен сингл, што компактно функционира како дел од лонплејката. Бисер на воведната половина на дискот е Dear Rosemary, полубалада на која Боб Молд од Hüsker Dü гостува на придружен вокал и гитара. Со помалку мрачниот текст и потресно-привлечниот рефрен, оваа песна е пример за супериорноста, во некои аспекти, на фуфајтерската форумула од крајот на 90-тите.

А дека и Foo Fighters од новиот милениум си имаат посебен, атрактивен, шмек, докажува White Limo, на која Дејв Грол од ланец ги пуштил јавачите на метал-апокалипсата и го викнал Леми од Motörhead перфектно да ја отслика песната и нејзината фановска, забавна, страна во одличниот, нискобуџетен, спот. Arlandria и These Days, со средното темпо и со меланхоличната боја, подвлекуваат колку, всушност, е динамичен, Wasting Light. Нивната надолна, емотивна, линија, фаќа спротивна насока со Back & Forth, чија лефтерност може да се трансформира во првокласен хит на начин типичен само за групата на Грол. Албумот продолжува во ист, директен, тон на A Matter of Time и се повлекува на Miss the Misery и на I Should Have Known. Во сличен, потиштен, фазон почнува и Walk, за постепено да кулминира во бучен, вриштечки, финиш на материјалот.

Звучната детонација што става точка на изданието, во одвај неколку секунди ја сублимира експлозивната креативност што Foo Fighters ја спакувал во Wasting Light. Не е ова неприкосновен врв во каталогот на составот, ниту на денешната рок-сцена, но кога алтернативниот израз е во прашање, цедево многу веројатно ќе биде најдоброто во 2011 и ќе се вброи меѓу највпечатливите изминативе пет-шест години. Со оглед на печатот на препознатливост што групата си го носи од основањето до денес, тоа што изданието не се вклопува во современите текови е екстремно небитно. Важно е дека Грол и компанија не арчеле време и енергија на бркање такви наметнати, излишни, идеали. Така создале албум по свој терк, што, во поновата историја на бендот, зрачи со најголема светлина.

Оцена: 85/100

Артист: Foo Fighters
Албум: Wasting Light
Датум на објава: 12 април 2011
Продуценти: Буч Виг
Издавач: RCA

Листа на песни:
1. Bridge Burning – 4:47
2. Rope – 4:19
3. Dear Rosemary – 4:26
4. White Limo – 3:22
5. Arlandria – 4:28
6. These Days – 4:58
7. Back & Forth – 3:52
8. A Matter of Time – 4:36
9. Miss the Misery – 4:33
10. I Should Have Known – 4:16
11. Walk – 4:16

0 коментар

Слични написи

Остави коментар