White Lies – Ritual [Fiction, 2011]


Двојно наградно прашање: дали би свиреле во сосема солиден бенд, а притоа да сте малку познати (или да не сте воопшто славни) или, пак, дали би биле дел од тапа група што буши плафони со популарноста? Лично, мојот одговор е под “а”, но ептен ме копка, ме гребе, ме чеша, дали на White Lies, сега селебрити-рокери во Британија, барем малку, не им е криво што не се пристојни-накај-добри каков што им беше првиот состав – Fear of Flying. Којзнае дали сами или на препорака на некој фракосан директор решиле да скокнат во њувејв-вагонот, меѓутоа и на вториот албум, Ritual, триото покажува оти тоа што го создавале на 15-годишна возраст било многу поспонтано, позапаметливо, дури, авторски похрабро. Иако е јасно дека FoF има многу адолесцентски призвук, остава поубедлив впечаток отколку наводната зрелост и сериозност на White Lies.

Како целина, Ritual е за некој степен постабилен од дебито, To Lose My Life…. Можеби благодарение на продуцентот, Алан Мулдер, еден, пак морничав и црн, тон доминира со материјалот. За разлика од првото цеде, каде што амбиентот се држеше до морбидноста, но течението беше испрекинато, вториот диск солидно си се носи со индастриал електро-боите на звукот и не трепери од почетната до крајната нумера. Ако продукцијата беше единствен критериум при оценувањето дали некоја плоча вреди или смрди, White Lies секогаш ќе добиваа најсвежи и најубави букети на планетава. Сите знаеме дека денес во студио се прават чуда (Лејди Гага, крени рака), но и најнеаналитички настроениот обожавател е свесен дека нема софтвер или хардвер што ќе ја пополни шуплината што авторите ја кријат во песните што ги потпишуваат. Тие можат да се обидат да ја шминкаат, фино да ја спакуваат, но таа празнина, сепак, излегува на виделина.

На Ritual, повеќе отколку на To Lose My Life…, гласот на пејачот Хари Меквеј е мајка и татко на материјалот. Сè е потчинето на неговиот впечатлив баритон. Со право, оти се работи за навистина продорен вокал што фронтменот мајсторски го контролира и речиси целосно го цеди неговиот потенцијал. Меѓутоа, како и со топ-продукцијата, така и со нечии гласовни можности не може да се избрише неубедливоста што White Lies ја демонстрира и на новите композиции. Групата прави обид со оркестрации, електронска матрица, интересни семплови, дури и со напластување на звуците за чие распознавање потоа е потребно внимателно и детално преслушување, но каква вредност има сето тоа ако на крајот запаметите одвај две-три мелодиски парчиња или по некој рефрен. Доминантното чувство е дека групата гази по некоја средна линија, поради која албумот не може од дно на душа да се мрази, но ниту барем површно да се сака.

Искупувачка вредност во To Lose My Life… внесоа Unfinished Business, E.S.T. и Farewell to the Fairground, вистински хит-синглови, што на следбеникот речиси и да го нема. Само Holy Ghost и до некој степен Bigger Than Us се приближуваат до овој квалитет. Тоа помага Ritual да биде пофункционална целина, но не може да се каже дека е комплимент бидејќи сега сите песни се изедначени по својата просечност, додека на дебито споменатите три беа дијамантите во пакувањето.  Зборувајќи за материјалот, членовите на составот гласно тврдеа дека на него ги опеваат ритуалите од секојдневието. Можеби тоа им била намерата, но крајниот продукт наведува на заклучокот дека пишувањето песни за нив се претворило во катадневен обред во кој сè е механика, а од возбуда нема ниту трага. Ако се обидат да нè убедат поинаку, на момците од White Lies треба да им е јасно дека шансите тоа да биде сфатено како бела лага се приближно еднакви на нула.

Оцена: 50/100

Артист: White Lies
Албум: Ritual
Датум на објава: 17 јануари 2011
Продуцент: Алан Мулдер и Макс Динџел
Издавач: Fiction

Листа на песни:

1. Is Love – 4:52
2. Strangers – 5:24
3. Bigger Than Us – 4:43
4. Peace & Quiet – 5:54
5. Streetlights – 5:00
6. Holy Ghost – 4:22
7. Turn the Bells – 5:04
8. The Power & the Glory – 5:13
9. Bad Love – 3:58
10. Come Down – 5:10

0 коментар

Слични написи

Остави коментар