White Lies – To Lose My Life… [Fiction, 2009]


Многумина тврдат дека музичкиот печат, но и традиционалните медиуми генерално, полека газат кон страниците на историјата. Има вистина тука, нема муабет: сè повеќе специјализирани магазини се затвораат, додека тие што имаат пари фаќаат кривина кон лајф-форматот, односно бегаат од третирањето исклучиво музика. Сепак, секој јануари откако почнаа да се појавуваат овие фатални предвидувања, британскиот печат докажува дека е жив и здрав. Неговите темели можеби ги растресе Интернетот, но најславната музичка медиумска машинерија на планетата со сопствени дела укажува оти е далеку од труп што полека се распаѓа. Со секој прв месец од новата година, на Островот се крева фама за тоа кој бенд или изведувач ќе ги означи месеците што доаѓаат. Таков епитет за 2009 им припадна на White Lies, тројката од Илинг, Лондон. Го заслужија ли?

Пред да се префрлам на детално одговарање на ова суштински важно животно прашање, да споменам уште нешто, да не испадне после дека не сме се разбрале: британскиот печат во текот на целата година крева џева за бендовите што смета дека тоа го заслужуваат. Ама дури и вие мора да признаете дека кога BBC го прави тоа, а особено во јануари, на целиот настан му се дава уште поголема помпа. White Lies се најдоа на второто место токму на нивната листа за Звукот на 2009 изработена од “над 130 критичари, уредници и водители”. Местото на триото од Лондон на оваа селекција е фифти-фифти: бендот дефинитивно има потенцијал да дреме со недели на врвот на топ-листите, но тоа не значи оти создава особено возбудлива и оригинална музика.

Комерцијално вредната страна на цедето се песните Unfinished Business, E.S.T. и Farewell to the Fairground. Ништо ново, точно, ама, рака на срце, тие се британски поп-синглови во вистинска смисла на зборот (првата и последната ќе бидат објавени во таа форма, така да не се изненадувајте ако ги чуете на нашите клон-радиостаници). Рефрените на овие нумери се како цигли во форма на Joy Division и The Killers, додека малтерот што ги спојува има облик на типични адолесцентни изливи на осаменост или невозвратени чувства од саканата. Супер ќе легнат на “длабоко умниот” крај на секоја епизода од Grey’s Anathomy (точно, имам гледано некоја). Уште A Place to Hide и From the Stars делумно се приближуваат до овој квалитет, а остатокот од материјалот е, благо речено, лош “евергрин”.

Петте траки што не ги набројав погоре претставуваат сè што е издувано во фамата за White Lies. Овие песни, исто како и бендот што ги креирал, се само провидна копија на оригиналот. Јасно, целосна препознатливост денес не постои, но групите што се нечиј плагијат не се сфаќаат себеси претерано сериозно и само уживаат во рокенрол-животот. “Белите лаги” (читај дефиниција) се сосема спротивни – момците се темелно уверени дека од нивните умови излегува уметност, а дури и изјавија оти Talking Heads им се најголемо влијание. Стилот на пееење на Дејвид Брн (и тој на Брендон Флауерс од поново време) е присутен на To Lose My Life… и музиката е мрачна и скоро депресивна, но албумот нема арт-страна, без разлика колку членовите на White Lies би сакале да нè убедат поинаку. Ова е само просечна поп-музика со шесто сетило за површните петочни потреби на широките народни маси.

Оцена: 4.5/10

Артист: White Lies
Албум: To Lose My Life…
Датум на објава: 19 јануари 2009
Продуцент: Ед Булер и Макс Динџел
Издавач: Fiction

Track listing:

1. Death – 5:01
2. To Lose My Life – 3:11
3. A Place to Hide – 5:01
4. Fifty on Our Foreheads – 4:21
5. Unfinished Business – 4:18
6. E.S.T. – 5:01
7. From the Stars – 4:52
8. Farewell to the Fairground – 4:16
9. Nothing to Give – 4:11
10. The Price of Love – 4:38

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 16.02.2009]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар