Adele – 21 [XL, 2011]


Ејми Вајнхаус можеби е виновна за спуштање на и онака ниските стандарди за тоа што би требало да продава таблоиди во милионски тиражи, но таа е крива и за напливот од извонредни млади соул-аренби-вокалистки што се појавија по нејзиниот ненадеен комерцијален успех. Не дека Вајнхаус ги измисли, ама штом продуцентите и издавачите сфатија дека има публика за осовременетите верзии на овие два правци, засукаа ракави и се впуштија во откривање таленти што веќе ги покажуваа своите вештини на интернет. Разликата беше што сега, по шок-пробивот, но и шокантниот пад на личен план на Вајнхаус, имаше кој да ги слуша со широко начулени уши. Нема дилема, 22-годишната Adele е една од најспособните и најизверзираните од овие млади пејачки, што е кристално јасно од нејзиниот втор албум, 21.

Таа не може да се пофали со интегритет како на некои искусни панкери што со децении не прават компромиси, таа добро не си го испотила задникот за да се пробие на сцената. Менаџери ја откриле и ја продале, меѓутоа, ако мене ме прашувате (а не мора, нели), пејачка, со ваков глас и со ваква контрола врз него, колку сака нека биде вештачки создадена, сè додека пее на овој начин и на нумери склопени со овој степен на внимание, со радост ќе ја слушам. Ова е модерен поп со основи во старата соул-школа. Продукција од денешницата, со компонирање и изведба од минатото. На цедево пее човек, врз музика што ја свират луѓе, а не програмирани машини. Дисков трешти од различни влијанија кои, откако ќе поминат низ гласовниот филтер на харизматичната лондончанка, делуваат како таа самата сето тоа да го измислила.

А не е така. И добро е што не е така. Денес и онака често се коваат квазинови стилови и правци само за да бидат заковани, а не зашто ќе траат и нема да може да се отковаат од дрвото на музичката историја. Адел во неколку наврати има изјавено дека црпела инспирација од вокални титани како Ета Џејмс и Ела Фицџералд. Којзнае дали сама ги открила или некој директор со фунти во очите “случајно” успеал да ја насочи кон нив откако ја чул како пее, но дури и да е така, судејќи по 21, Adele сега живее со и битисува за оваа музика. Или добро глуми дека е така. Со оглед на тоа како денес се фабрикуваат ѕвезди и популарност, нормално е да се биде резервиран кон поп-имиња од ваков калибар. Фактот дека Рик Рубин е продуцент и фактот дека има толкава брада, ќе ги земам како репер дека искреноста што се слуша во гласот на Адел има корени во реалноста и не е балон што бргу ќе пукне. На крајот на краиштата, токму Рубин е човекот што ја воскресна кариерата и на пиедесталот го врати еден од најголемите големци меѓу големите – Џони Кеш.

Adele не е The Woman In Black, ниту буквално, ниту фигуративно, но пее со самодоверба типична за артистки од генерацијата што ги постави темелите на звукот што таа сега го освежува. На албумов има и многу едноставни, гитарско-акустични моменти, ама и на таа основа, 22-годишната Англичанка со вокалот везе со емотивна соул и госпел-енергија каква што се слуша само во црнечките цркви во Америка. Во позадината нема хор, подлогата најчесто е од тапани, гитара, пијано и можеби повремено електроника. Комбинацијава делува дури и премногу просто, меѓутоа, создава подлога за извонредно мелодиско вокално пополнување, што младата ѕвезда мајсторски го прави на секоја од песните. Со 21 Adele ќе влезе во милиони домови ширум светот, многу веројатно ќе почне да додева по радиостаници и телевизии, дури и да излегува и од фрижидери, ама албумов не заслужува ништо помалку. Камо среќа од ладилниците почесто да нè преплашуваат славни имиња со ваков глас и вака вешта изведба.

Оцена: 86/100

Артист: Adele
Албум: 21
Датум на објава: 24 јануари 2011
Продуцент: Рик Рубин, Пол Епворт и други
Издавач: XL

Листа на песни:

1. Rolling in the Deep – 3:48
2. Rumour Has It – 3:43
3. Turning Tables – 4:10
4. Don’t You Remember – 4:03
5. Set Fire to the Rain – 4:02
6. He Won’t Go – 4:38
7. Take It All – 3:48
8. I’ll Be Waiting – 4:01
9. One and Only – 5:48
10. Lovesong – 5:16
11. Someone Like You – 4:45

0 коментар

Слични написи

Остави коментар