Здружението на сосила воскреснати, заборавени, пензионирани, полувработени и секако, самобендисани, рокери од бивша Југославија (ЗСВЗППССРБЈ), кои изминативе година-две свирејќи во Македонија собраа доволно пари за неколку чифта викендички или за конечно да ги однесат жените на меден месец на Хаваи, најавија тужба против балканската земја откако беше откажан првиот од трите големи фестивали на кој требаше да настапат дел од неговите членови, пишуваат светските агенции. Претставниците на организацијата се заканија дека ќе покренат постапка пред Меѓународниот суд за заштита на правото на живот во рокенрол минатото доколку од малата, но секогаш за нив попалена балканска држава, не стигнат цврсти гаранции дека останатите два закажани фестивали со ЈУ-тематика ќе се одржат според планираното.
Доколку тоа не се случи, од ЗСВЗППССРБЈ најавија дека ќе бараат отштета од 10 милијарди евра и јавно извинување за, како што велат, нарушување на угледот и навреда на интелегенцијата. Нивната, секако. Првите луѓе на здружението одбија да го коментираат судскиот процес кој против нив пред Интернационалниот суд за право на напредок веќе 20 години го води незначителна група рок-обожаватели и предавници од Македонија. Од организацијата, чии членови во последниве години се товат со профити заработени речиси исклучиво во сиромашната двамилионска земја, истакнуваат дека немаат никаква намера да трошат енергија на минијатурна “скупина” на луѓе што имаат збирка од над пет диска во своите домови, но немаат поддршка од најмоќните фаци во земјата. Претставниците на ЗСВЗППССРБЈ велат дека наместо на тој безначаен судски процес, тие времето ќе го трошат на проби за концертите што сигурно ќе ги има во изобилство во иднина. Или само ќе пијат. И онака публиката не ги слуша како звучат на настапите оти е обезмена од поетско-филозофско-интелектуалната проникливост на нивните стихови.
Кластерот на естрадни промотори, пак, што функционира како неформална група за создавање услови за што побрза и што поголема заработка, преку извор кој не сака јавно да зборува зашто е премногу скромен, уверува дека југословенските рокери можат мирно да спијат – Македонија останува нивниот Ирак, како што Ирак веќе долги години им е на Кумановци. Од оваа лабава група на бизнисмени, спонзори со мали, средни и огромни буџети и локални политичари, тврдат дека немаат намера супериорните ѕвезди од поранешната федерација да ги заменат со инфериорните западноевропски и американски изведувачи без семејни вредности. Изворот одби да потврди или да негира дали споменатите моќници, всушност, знаат што значат зборовите “супериорни” и “инфериорни”. Анонимецот, исто така, не знаеше да каже каква е врската меѓу семејните вредности и Партијата на пијаниците, чиј претседател долги години беше еден од музичарите што требаше да настапи на ненадејно откажаниот фестивал. Меѓутоа, човекот што нè брифира знаеше една работа: кластерот на естрадни промотори уште долго нема да се откаже од златната кокошка, односно од млатењето пари од музичките сеќавања на публиката. Нејзините соништа ќе мораат да почекаат повисока просечна плата.
Таква сигурност денеска не владееше во Министерството за културно уназадување. Иако оваа државна институција не е директно поврзана (за индиректно нема цврсти докази) со напливот на екс-ЈУ-рок-фестивали, во нивните простории имаше паника како откажувањето на првата од трите манифестации ќе влијае врз атмосферата на заостанатост што тие толку посветено ја создаваат. Секако, најголемата желба на челниците на министерството, но и на врвот на власта, е гласачите да се забавуваат најевтино што можат зашто подобрувањето на условите за живот и на економската благосостојба моментно не се на агендата. Како што дознаваме, тие се убедени дека гласачи со работа, со повисоки плати, со подобро образование, здравство и локални услуги, сакаат западноевропска или американска култура. Имајќи предвид дека во ова министерство цврсто се уверени оти сè што доаѓа од овие земји од корен ќе ги расипе граѓаните, тие ќе направат сè што е во нивна моќ за да ги спасат. Прв чекор во остварувањето на оваа света мисија е слоганот за новата медиумска кампања – Избери носталгија: 24/7.