Британската телевизиска и радиомрежа BBC во 2003 година почна интересна традиција – објава на листа со изведувачи што, според проценката на повеќе од 130 критичари, уредници и водители, во следните 12 месеци од секоја нова година ќе успеат да се наметнат на музичката сцена. И покрај тоа што самото појавување на ова рангирање – на кое било место – значи и помош при етаблирањето на артистите, односно листата не е само рефлексија, туку и ја создава сцената, BBC досега беше во право за поголемиот број изведувачи што се најдоа на првите пет места. Скоро сите тие доживеаа комерцијален успех иако не треба да се заборави дека имаше и страшни промашувања во позиционирањето – Adele во 2008 година беше пласирана пред Duffy, а Little Boots во 2009 година беше прва, додека La Roux и Lady Gaga беа петти и шести. Пред неколку дена јавноста откри како изгледа листата BBC Sound of 2011. На неа, од првото до петтото место се најдоа: Jessie J, James Blake, The Vaccines, Jamie Woon и Clare Maguire. До 2009 година, BBC ги подредуваше изведувачите од прво до десетто, но од лани од шестата позиција натаму нема официјален редослед. Годинава, во таа група припаѓаат: Anna Calvi, Daley, Esben & The Witch, Jai Paul, Mona, Nero, The Naked & Famous, Warpaint, Wretch 32 и Yuck. Еве што од BBC Sound of 2011 е добро, што е тапа, што е така-така.
[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=pOf3kYtwASo&w=500&h=303]
Музички, но и во поглед на имиџ, Jessie J остава впечаток на само уште едно во долгата низа имиња кои на попрост и помеинстрим начин го прават тоа што M.I.A. го создава од 2000 година наваму. Портфолиото на 22-годишната Џеси Џеј, родена во англискиот град Редбриџ е импресивно – коавтор е на нумери од Miley Cyrus, Justin Timberlake, Chris Brown, Alicia Keys и Christina Aguilera. Тоа што Jessie J го создава како соло-изведувач звучи прилично познато и е во контекст на голем дел од поп-музиката што се издава изминативе години – моќен бас, вокали процесирани со многу ефекти, квазиориентални мелодии, треш-изглед. И сето тоа спакувано со наводно гневен став и потреба за конфронтирање. Jessie J има чувство за грув, за фина мелодија, за денс-движења, но доколку синглот Do It Like A Dude е репер, нејзината формула е просечна – има потенцијал да прерасне во нешто многу поголемо и пооригинално, но за тоа ќе треба храброст. Комерцијално, ова може и тоа како да се пробие, но причина за тоа нема да биде зашто досега не било чуено, туку токму поради тоа што звучи како секој ден да се врти на радиостаниците.
[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=oOT2-OTebx0&w=500&h=303]
Со оглед на бекраундот во амбиент, дабстеп и минимал-сцената, пласманот на лондонскиот продуцент Џејмс Блејк на втората позиција е изненадување. Имајќи предвид, пак, колку специфичен израз и несомнен талент има, овој 21-годишен музичар може – подеднакво – да стане суперстар во Велика Британија или врв во кариерата да му биде токму второто место на BBC Sound of 2011. Блејк лани ги импресионира критичарите со своите две одлични ЕП-изданија, но нивниот крајно андерграунд фазон речиси и да нема шанси да биде прифатен од меинстрим-популацијата. Среќа што и самиот James Blake е свесен за тоа, што се гледа и од првиот сингл од деби-албумот што ќе го објави во февруари. Со обработката на Limit To Your Love од Feist, англискиот музичар покажува афинитет за олд-скул американски соул, слично како и Jamie Lidell, но со минималистичка продукција, вкоренета во моментно најактуелната електронска сцена на Островот – дабстепот. Тоа што Џејмс Блејк го прави е чистокрвен, не претерано исполиран, современ поп, направен во духот на денешницата: од еден човек, во неговото мало, портабл-студио. Изразот на Блејк е крајно разбирлив и пријатен, но тешко е да се процени со какви уши јавноста ќе ја слуша неговата оригиналност – со широко отворени или со херметички затворени.
[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=LJ1TGlpCUKA&w=500&h=303]
Како и секоја, така и оваа година, меѓу првите пет на листата на BBC има барем еден типично англиски, гитарски, бенд. Во 2008 тоа беа Foals, во 2009, White Lies, лани The Drums, а годинава редот им дојде на The Vaccines. Тие ја продолжуваат традицијата на претходниците со квазиадолесцентски пристап кон музиката, со нескриена почит кон звучното минато, тоа на The Stone Roses најмногу, но и кон тоа на панкот на Ramones и на слични американски состави. Има тука што да се чуе, може да се почувствува солидна сировост, енергија и набиени емоции, ама и со сето тоа на ум, ударот на The Vaccines не е којзнае колку силен. Можеби за тоа е виновна неимпресивната продукција, што намерно е заглавена во звучниот код на протопанк-групите, а можеби и сингловите што англиската четворка досега ги објави, сами по себе, не се ништо посебни како песни. Критичарите, или барем солиден дел од нив, ќе се лигават на ретро-вајбот на The Vaccines, меѓутоа, ќе има и такви на кои сето ова ќе им делува провидно и троа појќе – фејк. Комерцијално, ова може да помине во Англија, но со оглед на нивната зависност од фама во каква било форма, тоа не е критериум за остатокот од светот, каде што состав како The Vaccines тешко дека ќе си најде место под сонцето.
[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=EL0pTo9Z_XU&w=500&h=303]
Слично како и Џејмс Блејк, Џејми Вун, во основа, е електронски изведувач, со исто толку силна врска со дабстепот, но за разлика од својот второпласиран колега, 27-годишниот Woon кокетира со хаусот и со поп-звукот карактеристичен за бендови како Hercules and Love Affair или Junior Boys. И кај Вун соулот е ангажиран во една од главните ролји, што се исполнети и од еднолиниски денс-ритам и помелодични бас-линии. Всушност, артистите што се на второ и на четврто место припаѓаат на истата сцена, меѓутоа, може да се каже дека Вун е за неколку степени помеинстрим настроен, со поглед втренчен кон топ-листите и клупските подиуми. Од сингловите што досега ги објави, кај Woon не може да се забележи којзнае колкава желба за звучни експерименти, но како и Блејк, тој сака да ги тестира можности на својот глас. Резултатите се импресивни, во соул-насока што вообичаено се очекува од искусни афроамериканци, а не од англиски клинци од предградијата. Пристапот на Вун е поприемчив, ама не и глупав, едноставен, но не и простачки. Фин микс на меинстрим-прифатливост и андерграунд-кредибилитет што на албум би можела да експлодира и да му донесе успех и на критички и на комерцијален план.
[youtube=http://www.youtube.com/watch?v=y2peghEih74&w=500&h=303]
По Adelle, Little Boots, La Roux и Ellie Goulding во претходните години, местото на силен и наметлив женски вокал меѓу првите пет, на годинашната листа на BBC го зазеде 23-годишната Клер Мегваер од Бирмингем. Како и споменатите пејачки, оваа млада изведувачка со ирско потекло има глас со импресивен распон и боја, по малку зарипнат, со одлично врамнотежена длабочина. Снимен е чисто, што може и да се чуе и види од неколкуте лајв-клипови на YouTube, а тоа значи дека Maguire верува во своите способности, што, всушност, и се чувствува во песните. Музиката што таа ја создава е некоја модерна поп-рок-комбинација, не премногу оригинална, ама не и очајно глупава. Очигледно е дека нејзините песни можат да се виткаат за да се прилагодат на живите настапи, каде што добиваат далеку поголема тежина. Покрај The Vaccines, Мегваер е второто име меѓу првите пет изведувачи на BBC Sound of 2011 чија најприродна средина е концертната. Ако останатите три виреат во студиско опкружување, Clare создава океј-нумери, но бината се чини дека ѝ е најдрагото поле за музичка борба. Maguire има потенцијал за висок пласман на топ-листите, а и критичарите би требало да ѝ бидат наклонети.
Останати изведувачи по азбучен ред – не се официјално рангирани:
Anna Calvi
Жив, морничав, инди-рок, предводен од глас што фасцинира, но и збунува. Нешто како осовременета верзија на PJ Harvey, без нападни интелектуални изливи.
Daley
Уште еден младич нафуран на американски соул, но со имиџ на Simply Red и лајв-звук, наместо електронска матрица. Потсетува на R Kelly, само што е белец.
Esben & The Witch
Најмрачниот бенд на листата. Нема хит-синглови. Има развлечени дисторзирани акорди, пробивен женски вокал и ѕид од бучава. Храбро, но и многу специфично.
Jai Paul
Повторно продуцент што твори во својата соба и повторно силен бас, синтизајзери до плафон и стихови што тешко се дешифрираат. Интересно, ама експериментално.
Mona
Забавен, гласен, дисторзиран рокенрол инспириран од инди и од алтернативната сцена. Не измислуваат топла вода, ама ја загреваат на уверлив, свој, начин.
Nero
Дабстеп до крај. Семплови, бас и клавијатури фрштат на сите страни. Звук што се движи во границите на сцената, но тоа го прави на начин прифатлив за сите.
The Naked & Famous
Електропоп со масивна продукција и ритми, женски вокал и клавијатури што би требало да останат во 80-тите, но бендот глатко ги пренел во новиот милениум.
Warpaint
Психоделија, пригушен звук, гитари што одѕвонуваат до бескрај, меланхолија. Од една крајност во друга, групата преминува како тоа да е најлесно нешто на светот.
Wretch 32
Тврдокорен грајм, но со семплови и ритми доволно разбирливи за меинстримот. Сосема солиден одговор на американскиот хип-хоп. Одлично за журка.
Yuck
Бавно, епско, без никаква потреба за структура на песна или барање рефрен од кој не може да се побегне. Минимален број елементи, максимален емотивен ефект.