The Decemberists – The King Is Dead [Capitol, 2011]


Не можам да се изнаситам на комплексна музика. Накитена, препродуцирана, често предвидливо претенциозна, надувана, арогантна, самобендисана. Музика што се дави во сфаќањето дека слушателите мора дебело да се потрудат за да ја сфатат. Всушност, музика што се проектира себеси како уметност што изискува напор за да се разбере, а притоа заборава оти со својата наводна сложеност само може да предизвика презир. Или воздишки. Во подеднаква мера. Некој паметен еднаш рекол дека најдобра музика е таа со која можете да се поврзете без водич или опсежна литература што ја опишува нејзината суштина. The Decemberists, до новиов албум, The King Is Dead, беа концептуален бенд, што раскажуваше приказни со епски димензии и оперска комплексност. На шестото цеде, групата тоа го заменува со храбра приемчивост и авторска самоконтрола што резултира со 40-минутна плоча чиј најсоодветен опис е тој што важи за прилепските посни сармички: лапни-голтни.

Ако претходните две изданија на The Decemberists, The Crane Wife (2006) и The Hazards of Love (2009), се вртеа околу една или две опсежни наративни линии, The King Is Dead има десет, колку што нумери брои дискот. За преџвакување на споменатите албуми не беа доволни ниту медицински препорачаните 40 пати, а за новиот еден, единствен, пат е тамам. Нема дилема, повторувањето е мајка на сраснувањето на музиката со слушателот, но ова правило, во мнозинството од случаи не држи вода доколку првото или барем едно од првите преслушувања не воспостави некаква, најчесто неопислива, линија на комуникација со тие што се на другата страна од звучниците. Со оглед на кредибилитетот и имиџот на The Decemberists на бенд што од сопствените албуми прави литературен и емотивен спектакл, The King Is Dead веројатно ќе го навлече гневот на хардкор-фановите, а ќе ги израдува сите што по напорниот The Hazards of Love, сакаа од групата од Порланд да чујат нешто помалку замрсено и заплеткано.

И токму тоа го добија – слушлив, достапен, материјал пријателски настроен кон радиостаниците. Ако човек The Decemberists ги запознава со цедево, а потоа им се наврати на претходните студиски остварувања, ќе помисли дека некој решил основношколски да се подбива со него, да му фаќа хипстерски сеир. Не дека се поинакви до точка на непрепознавање, ама духот и атмосферата на новиот диск не се обременети од цврсто дефинираната структура на кој било концептуален материјал. Единствен концепт до којшто се придржува петорката е да се изразува слободно, релаксирано, неоптоварено. Нормално, тоа не значи и дека The King Is Dead докажува колкави, всушност, неинтелигентни простаци се членовите на бендот, туку подвлекува дека и нив ги бива за пишување што е доволно само да ги слушате, без да буричкате на Интернет обидувајќи се да ги декодирате.

Изданиево прикажува елегантна едноставност и умна радиоприфатливост по која што R.E.M. беа најпознати во 90-тите години. И да не знаете дека на Don’t Carry It All, Calamity Song и Down By The Water свири Питер Бак, гитаристот на влијателните и популарни алтернативни рокери, името на R.E.M. е првото што ќе ви прелета низ глава откако ќе го заслушате The King Is Dead. Пејачот на The Decemberists, Колин Мелој, самиот изјави оти е инспирација за новиот албум на неговиот состав е бендот предводен од Мајкл Стајп. Музички, реално, тие не се претерано слични, до точка во која што повеќе ќе личат на фотокопија наместо на симпатично, ново, уметничко дело што е оригинално, но со кое авторот сака да искаже поклонение кон постарите колеги. Разликата е проста: ако R.E.M. има панк-темели, квинтетот од Портланд е вкоренет во фолк и кантри-традицијата на САД. Сепак, тоа што може да се слушне на The King Is Dead е инди-рок, но со широко влијание од сцената што им ја крева косата на хипстер-критичарите по почетокот на новиот милениум – алтернативната.

На многу начини, ова е алтернативен албум што без мака би се вклопил во 90-тите. Малку е и носталгичен, ама ако со таа носталгија ја враќа мелодичноста типична за оваа деценија, тоа не е никаква слабост. Не е ретро, не се лигави за “подобрите денови во светот на музиката”, не си пука во колено гледајќи назад, туку го полни шаржерот со долга листа нови можности што несомено ќе ѝ ги отвори на групата. Со The King Is Dead бендот, барем привремено, ги прогласи за мртви кралевите на музичката комплексност што досега ги носеше во себе. Преку овој смел потег, пак, The Decemberists зачекори во нов живот, меѓу нас, обичните (слушатели) смртници, за кои најкралска работа на светот е убавата, со внимание напишана, песна.

Оцена: 88/100

Артист: The Decemberists
Албум: The King Is Dead
Датум на објава: 18 јануари 2011
Продуцент: Такер Мартин
Издавач: Capitol

Листа на песни:

1. Don’t Carry It All – 4:17
2. Calamity Song – 3:50
3. Rise to Me – 4:59
4. Rox in the Box – 3:10
5. January Hymn – 3:14
6. Down By the Water – 3:42
7. All Arise! – 3:10
8. June Hymn – 3:58
9. This Is Why We Fight – 5:31
10. Dear Avery – 4:52

Слични написи

Остави коментар