Во класичното сфаќање на популарната култура, годинава не беа објавени којзнае колку албуми од големите изведувачи, тие што излегуваат од фрижидери. Oд таа причина, оние помалите, од кои Bravo исклучително ретко објавува постери, имаа значително повеќе простор да ги покажат своите квалитети. Како и секогаш кога ќе ја добијат таа прилика, овие релативно опскурни (за Македонија главно непознати) изведувачи ја зграбија шансата и демонстрираа дека музиката може да биде многу повеќе од материјал за неделно пополнување топ-листи. Секако, големите играчи во 2010 година не беа целосно отсутни, но барем меѓу 40-те албуми наведени во листата што следува, малите го имаат главниот збор. А тоа е супер, нели.
40. These New Puritans – Hidden [Angular]
39. Deftones – Diamond Eyes [Reprise]
38. Frightened Rabbit – The Winter Of Mixed Drinks [Fat Cat]
37. The Sword – Warp Riders [Kemado]
36. God Is an Astronaut – Age of the Fifth Sun [Revive]
35. The Soft Pack – The Soft Pack [Kemado]
34. Big Boi – Sir Lucious Left Foot: The Son of Chico Dusty [Def Jam]
33. The Radio Dept. – Clinging to a Scheme [Labrador]
32. Drake – Thank Me Later [Young Money]
31. Kylesa – Spiral Shadow [Prosthetic]
30. Cee Lo Green – The Lady Killer [Elektra]
29. Arcade Fire – The Suburbs [Merge]
28. Massive Attack – Heligoland [Virgin]
27. Tweak Bird – Tweak Bird [Souterrain Transmissions]
26. Grinderman – Grinderman 2 [Mute]
25. Gorillaz – Plastic Beach [Parlophone]
24. Blood Red Shoes – Fire Like This [V2]
23. School of Seven Bells – Disconnect From Desire [Ghostly]
22. LCD Soundsystem – This Is Happening [DFA]
21. Erykah Badu – New Amerykah Part Two (Return of the Ankh)
20. Mogwai – Special Moves [Rock Action]
Ова лајв-издание на Mogwai, што го вклучува и фасцинантниот 47-минутен концертен филм Burning, го прикажува составот како дисциплиниран и гимнастички увежбан монолит што се држи до најдобрите авторски делови од песните, но и што не се плаши да си подигрува со нив. Класично импровизирање, со нови рифови, нема, но затоа бучава има во огромни дози, меѓутоа, таа никогаш не се претвора во какофонија. Од плочава се гледа и слуша дека членовите на составот се аудиофили, кои знаат која педала, засилувач или модел на гитара најубаво се вклопува во одредена песна, а таа гикерска страна е јасна и од чистината на концертната снимка, која, веројатно, не е претерано постпродукциски дотерувана, односно дури и по интензивно преслушување такво нешто не може да се забележи. Тешко е да се процени кои “специјални потези” Mogwai ги извадиле од ракав за да го направат овој лајв-албум, но токму тоа го прави Special Moves едно од најпосебните изданија на бендот во изминативе неколку години.
19. Lindstrøm & Christabelle – Real Life Is No Cool [Smalltown Supersound, 2010]
Lindstrøm е Мегатрон за бас, продукција, манипулација на звук, како и за цедење супермелодии од клавијатурите, но Real Life Is No Cool е далеку покомпонирачки настроен отколку, да речеме, Where You Go I Go Too, на кој му беа доволни три песни за да исполни еден час со музика (една од нив траеше безмалку 30 минути). Соработката со Christabelle е поп по природа. Неколку од траките се потенцијални синглови, а најдобрата од пакетот, Baby Can’t Stop, е Фереро Роше на изданието. Надополнета со дувачки инструменти, таа звучи како осовременета верзија на Kool & the Gang, речиси порно диско-фанк-составот од 70-тите години. И остатокот од композициите се во сличен дух, само наместо цел бенд, Lindstrøm зад себе, поточно пред себе, поддршка имал од рид од произведувачи, но не и изведувачи на звукот. А сепак, Real Life Is No Cool не делува како да го создал робот, туку човек со очигледна потреба за бас, ритам и мелодија.
18. White Hills – White Hills [Thrill Jockey]
Споредбите со други бендови се ирелеванти оти White Hills си вирее во сопствена оаза од меѓупросторот окупиран од анонимни состави слични на нив само по опскурноста, а не и по стилот. Екстремно оригинални не се, позајмуваат најмногу од постарите вселенско-психоделични-бендови како Hawkwind, но удобноста со која го свират материјалов овозможува да станат потписници на скоро целосно своја, лична, верзија на ваквиот начин на изразување. Секогаш кога ќе имате силен порив да отпатувате – свесно, полусвесно или потсвесно – во емотивен и умствен меѓупростор што е комплетно индивдуален, пуштете ги White Hills и немојте воопшто да се чудите ако патешествието почне од некои магливи бели ридови.
17. Hot Chip – One Life Stand [Parlophone]
Од Slush, интровертната балада со акустично-фолкерски-елементи, до нешто подинамичната Take It In, бендот ги прикажува своите таленти за поповлечени нумери. Делумно острата поделба на материјалот на две поглавја, по малку му штети на течението на албумот. Не е неприродна до неподносливост, но како и за многу работи што во животот сте биле пресечени, така дејствува и ова – непријатно и неочекувано. По неколку преслушувања процепот меѓу првите и последните пет нумери јасно се стеснува, ама неговото постоење не се брише од сеќавањето. Исто како и One Life Stand. Hot Chip со албумов не прави чекор назад, ниту напред, туку слободоумно се движи настрана, создавајќи интимна поп-верзија на студената оригиналност на своите постари изданија. А дали со албумот ќе бидете само една вечер или, пак, цел живот, тешко е да се одговори. Има потенцијал за обете, ама изгледа секој треба да проба и за себе да одлучи.
16. Two Door Cinema Club – Tourist History [Kitsuné]
Tourist History еден од оние, куси, типично, британски албуми од оние, секогаш поп-опседнати, англиски бендови, каков што е и Two Door Cinema Club. Дискот, во основа, звучи крајно познато, чуено, но секој може да си даде домашна задача – да се сети кој, поточно, состав ги отсвирел овие песни и оваа музика. Пробав, не ми успеа. Причината е проста – TDCC ја сублимира поп-рок-сцената од последниве 50 години, со нагласок на изминатава деценија. Миксот е леплив за ушното тапанче, неговиот грув, ритмичност и мелодија се всадуваат лесно, а пресадувањето тешко се изведува. Од тоа, всушност, нема ни потреба, зашто местото на Tourist History е на подиумите, на големите сцени, пред илјадници грла. Колку и оваа приказна да е позната, во неа нема ама баш ништо лошо или погрешно.
15. Broken Bells – Broken Bells [Columbia]
Broken Bells не е најдоброто дело во каталогот на Џејмс Мерсер од The Shins и на Дејнџр Маус од Gnarls Barkley, ама и нема потреба да се споредува со нивните матични проекти. Не зашто е толку различен, односно со нив нема никакви допирни точки, туку бидејќи и покрај сличноста, успева да се издвои како албум со сопствен код, што не е ниту поп-претенциозен, ниту, пак, инди-интелектуален. Како и секоја добра житарка, што со тек на годините само добива подобро и подобро пакување, а внатрешноста останува буквално иста, така и Broken Bells е плоча што на виделина одново ги исфрла познатите квалитети на Маус и на Мерсер, ама стиснати во тазе кутија со поинаква комбинација на бои и дизајн. Дополнителен плус е што можете дури и ненаситно да ја сркате, а да не почувствувате стомачни тегоби. А музиката што преку стомакот си го пробива патот, најчесто е далеку повредна отколку таа што знае да освојува само низ умот.
14. Owen Pallett – Heartland [Domino]
На моменти таа специфичноста на Heartland е претерана, те тера да патиш за прости поп-нумери со рефрени во изобилство (ги има, ама не се забележливи на прво вртење), но кога сè ќе заврши, скоро и да нема трага од некакво ментално исцрпување. Ова е позитивна плоча. Весела, шизофренична по малку, едноставна по боја, комплексна по состојки. Овен Палет, инаку виолинист на турнеите на Arcade Fire и потписникот на оркестрациите за епохоалниот (намерно клише) Funeral, со Heartland наметнува поинаква слика за кантавторството. Дел од покусите нумери на цедето покажуваат оти и економијата на звукот не му е непозната, но територијата на која се чувствува најприродно е ексцентрично барокниот поп-израз. Трубадур со нагон за дотерување, а не за стружење на авторските идеи, тоа е Овен Палет. Добро е што си го почитувал внатрешниот порив. И онака на светот не му треба уште еден спасител со црвјосана акустична гитара и трули зборови.
13. The Young Gods – Everybody Knows [Two Gentlemen]
По предвидливо нејасното, но мошне умно насловено, интро, Sirius Business, Blooming полека ја крева педалата и во електро-тон и со релаксиран ритам ја поплочува патеката по која ќе гази Everybody Knows. Акустичните гитари и епскиот вокал на Франц Трихлер набргу потсетуваат дека ова е поновата, нелогично потценета, фаза на бендот. Оттука до крај, педестина минути подоцна, прешалтувањето од една во друга звучна нијанса се одвива речиси незабележително, но не и како групата да користела автоматски менувач. Без разлика на типично дигиталниот шмек, снимката е органска, жива, а не стерилна. Водејќи се од заблудата дека составот одамна ја загубил креативната магија, сите нема да дознаат за овие квалитети, но Everybody Knows ќе биде впишан како уште едно храбро и возбудливо поглавје во битисувањето на The Young Gods.
12. Spoon – Transference [Merge]
Седмата плоча на Spoon е поопуштена на компонирачки план. Ако на Ga Ga Ga Ga Ga бендот се водеше од концизноста, на Transference не се плаши и да ги остави песните да одѕвонуваат, импровизирачки да се губат во тишината, бавно и репетитивно да ја најдат излезната нота. Ова е уште еден доказ оти Spoon е шокантно зрел состав, но свесен оти не е потребно да си ја пика главата во задникот за да ги демонстрира своите интелектуално рокерски (или обратно) авторски таленти. Најбитно од сè е што Transference е албум за во МЕНСА клубот на студиските изданија, но не е здодевен, бездушен и безмилосно рационален. Умно е напишан, страстно е реализиран. Тоа е лесно кога мозокот (авторството) и рацете (изведбата) се на иста фрекфенција. Затоа Spoon е музичка лажица со така долг рок на траење, спротивно од оние позлатените на површината, но кородирани однатре. И со нив се голта, ама тераат на повраќање.
11. Pantha du Prince – Black Noise [Rough Trade]
Можеби и ќе заспиете додека го слушате Black Noise, ама причина за тоа не е здодевноста на материјалот, туку неговата смиреност, опуштеност и амбиенталност. И за рокање е соодветен. Просторијата не ја исполнува со набиеност на еден моќен рок-риф или ритам на тапаните, но откако ќе го оптоварите рисиверот, се создава вакуум, ѕидовите се прошируваат и се зближуваат во зависност од атмосферата на песната, мозокот сака да летне – и го прави тоа, дури и без “хемија”. Албумов лесно не би легнал во сечија дискографија, сепак, човек треба да сака минимализам, техно, хаус, а во мала мера и класика, но и со ова на ум, зачудува потенцијалот на материјалот за бришење на жанровските граници. Не е ова кросовер-електроника, силно е експериментална, но како талентиран илузионист, Pantha du Prince наоѓа начин како да ги спои верниците и скептиците за на крајот од шоуто наречено Black Noise сите да си заминат подзинати.
10. Misery Index – Heirs To Thievery [Relapse]
Гневот што испарува од 34-те минути на Heirs To Thievery не е тешко да воочите од што е инспириран дури и само ако ја слушате музиката. А таа, освен што најсилно во кариерата на бендот ги истакнува хардкор и панк-корените, одново отскокнува со метал-вештината во свирењето и со грувот што ја прави оваа, инаку крајно брутална плоча, исклучително слушлива. Како и секој силен тим, четворицата членови на Misery Index, на Heirs To Thievery, се огледуваат еден на друг што го прави албумот компактна, робусна, а со тоа и речиси нескршлива стена полна со политичка лутина, општествен гнев и музичко прочистување – перфектен саундтрак за било кои ударни вести во било која земја на планетава.
9. Plan B – The Defamation of Strickland Banks [Atlantic]
Којзнае колку луѓе, како мене, се шокирале кога првпат го пуштиле второто цеде на Plan B. Очекувајќи сиров британски хип-хоп, стотици илјадници усти гарант се подотвориле кога го чуле соул-манирот, цирка Motown од 70-тите години, на The Defamation of Strickland Banks. На деби-цедето, Who Needs Actions When You Got Words, Бен Дру покажа оригинален талент за рецитирање, а на новиот диск шокира – исклучително позитивно – со бојата, распонот и емоциите во гласот. Тука, секако, е и звукот и продукцијата на албумот. Жива, опиплива, олд-скул, таа се надоврзува на мајсторскиот соул-пристап на Plan B. И што е најважно, изданиево воопшто не делува како да е заглавено во времето – повеќе изгледа како времето (минатото), да го довлечкало во сегашноста. Сосе духот и душата, нормално.
8. Knut – Wonder [Hydra Head]
Звучи надувано, арогантно, непотребно, но тоа што Knut го свири би можел да го дефинирам исклучиво како “интелектуален хардкор”. Да, и мене ми се закривува лицето кога ќе ми прозвучи во глава, а камо ли ако би го изговорил на глас, но и со новиот албум на бендот, Wonder, е јасно дека Швајцарциве со својата музика не маваат само во срце, туку и во ум. Бучни, тивки, бавни, брзи, искршени, рамни, тие и на првото студиско издание по 2005 година, поттикнуваат на размислување, но не до степен што би го уништил најсуштинското – доживувањето на аудионападот. А тој на Wonder е како што и кажува насловот, чудесен, ама не на квазибожествен и измиен, туку на човечки, нечист, примално-инстинктивен, начин.
7. The Roots – How I Got Over [Def Jam]
Не знам како им успева, можеби е до водата што ја пиеле како мали, но The Roots, особено во последниве седум-осум години, штанцаат одличен албум по одличен албум. Најчесто, многу е тешко е да се процени што го прави последниот подобар од претходниот, но на How I Got Over тоа, дефинитивно, се гостите. Не дека бендот се вади на нив – напротив, неговото авторството на цедево не е под знак прашање. Повеќе се работи за избор на вистински вокали за соодветните емоции во песните. Тука, искусните рапери на речиси сите нумери погодиле во центарот на метата, а особено отскокнува Dear God 2.0 чиј рефрен Monsters of Folk го прават еден од најдобрите во 2010 година. Сега, замислете, со скоро ист успех, формулата да се примени на цел албум. Всушност, нема потреба од замислување, The Roots тоа веќе го направи на How I Got Over и ја збогати со интелигентни стихови што речиси и да немаат конкуренција на хип-хоп-сцената.
6. High on Fire – Snakes for the Divine [E1 Music]
На Snakes for the Divine, High on Fire остро не ги дели нумерите. Имајќи предвид дека сите се во просек околу шест минути (во математикава влегува и кусиот инструментален прелом The Path), бендот има доволно време за да си подигрува со динамиката, амбиентот, тонот и начинот на изведба. Сепак, без разлика дали сече со гитарска моторна пила на Snakes for the Divine или удира со масивен риф-чекан на Bastard Samurai, пакоста на бендот е подеднакво веродостојна, а со тоа и уште позаразна. Ако одлучите да го слушате албумов нека не ве лажат дека склучувате пакт со ѓаволот оти ѓаволот не постои (иако Бодлер смета дека најголемиот трик на ѓаволот е што го убедил светот дека не постои). Доколку, пак, ѓаволот навистина постоеше, Snakes for the Divine сигурно ќе му беше еден од омилените албуми од High on Fire што ќе го користеше за да регрутира што повеќе луѓе во својата армада на апокалипсата. А тоа може да значи само една работа – дека цедето е ѓаволесто добро.
5. Janelle Monáe – The ArchAndroid [Bad Boy]
Од сите Бијонсиња, Ријани и Лејди Гаги, очигледно е зошто човек не смее да се понадева дека денес можат да се појават пејачки и авторки како Џанел Моне. Не е ниту најмалку важно што нејзината музика нема да се искачи толку високо на топ-листите, небитно е што ексцентричните, забавни и оригинални спотови што таа ги прави се премногу “чудни” за мејнстримот. Сè додека таа создава песни како на The ArchAndroid, огромното мнозинство слободно нека ужива во просечноста на гореспоменатите, а тие пољубопитните, Моне ќе си ја чуваат за себе, како некој скапоцен музички поп-бисер што има глас, знае да го користи, но и има шесто сетило за пишување лесни, но нималку глупави, популарни нумери вкоренети во соул, аренби, рок и фанк-традицијата.
4. The National – High Violet [4AD]
Ако меланхолијата, отсвирена само како што тие можат, со мошне значајно зрно оптимизам во неа, е единствен критериум за рангирање албуми објавени во текот на една година, тогаш листи повеќе нема потреба да се прават зашто на нив, The National секогаш ќе бидат прво место. Со акламација и со насмевки на лицата на гласачите. Немам поим како бенд, што емитува толкави зраци замисленост, што, во основа, е крајно едноставен, што не поместува никакви граници на звучниот израз, како токму тој бенд е веројатно најзначајниот денес на планетава. А кога поубаво ќе подразмислам, токму тоа што не знам зошто, но знам дека ме тера постојано да го слушам, е единствено релевантна причина. High Violet, сето ова, во себе го има во дози што тешко е да се поверува дека се легални.
3. Vampire Weekend – Contra [XL]
Музиката на Contra, споредено со претходните албуми на Vampire Weekend, е подобро компонирана, а звукот поконцентриран, елемент што ја истакнува нејзината умна економичност. Стиховите, на помал број моменти си ја пикаат главата во задникот, авторот Езра Куниг се спрдачи со себеси и со публиката, но во поголемиот тек од албумот се мерак за читање и за интерпретирање. Тематски, се типично младешки, рокенролерски, одговараат на возраста на членовите (средината на дваесеттите), но изборот на зборови, како и вештината со која се наредени, контрира на империјалистичко моќната и наметлива мелодичност на музиката. Vampire Weekend на Contra трга во поход за планетарно поробување, но не носи панталони со воена шара, туку е облечен во каки-блузони и е вооружан со арсенал од класични и интелектуално поттикнувачки романи. Ако не им појде од рака со букви, баталјоните чудно заразни рефрени и вокални хармонии би требало да ја комплетираат мисијата за повампирување на публиката – состојба во која таа сигурно ќе се наоѓа подолго од еден викенд.
2. Maserati – Pyramid of the Sun [Temporary Residence Limited]
Како и секој добар бенд што свири исклучиво инструментали, Maserati прави музика за која, во умот, можат да се снимат толку спотови колку што луѓе ја слушаат. Тие се фантазери што дисциплинирано ги вјармиле широкопојасните идеи за снимат албум со осум песни во времетраење од 40-ина минути. Меѓутоа, додека ги пишувале нумерите, внимавале тие да не бидат набиени во армиска марширачка формација, туку да можат без пречки да си го најдат патот до индивидуалниот начин на толкување. Уште побитно, ги спакувале во форма што, на тие што не сакаат да бараат значење, пораки и идеи во албумите, ќе им овозможи, наједноставно кажано, интензивна слушачка сесија – една од најдобрите годинава.
1. Kanye West – My Beautiful Dark Twisted Fantasy [Roc-A-Fella]
Колку и да не сака, понекогаш, човек мора да се согласи со толпата. Со тешко срце, но на крајот, сепак, си признав оти, годинава, според моја скромна проценка, Kanye West издаде најдобро парче музика спакувано во студиски албум. Фактот дека ист став има и мнозинството светски критичари (мали или големи), може многумина да поттикне да се сомневаат во искреноста на изборов, ама, лично, кога е во прашање оценувањето на изданијата, се водам од наједноставна премиса – дали и колку тоа што го слушам, ми делува добро. А My Beautiful Dark Twisted Fantasy е повеќе од добро во секој поглед: музички, авторски, продукциски, визуелен, текстуален. Ова е албум на 21-иот век, материјал што е реален отсјај на сегашноста, диск наменет за масата, но направен со храброст нужна за да не потсетува на сè останато што на фабричка лента се штанца од утро до вечер. Најфасцинантна карактеристика на албумов е што и тој го користи звучниот јазик на истата фабричка лента, меѓутоа, кога таа е во рацете на Kanye West, производот е секогаш поинаков, на начин што не може да се опише со зборови, но кој се разбира со уши широко отворени.