Arctic Monkeys – AM [Domino, 2013]

По пламеното, младешко, бучно и урбано, деби Whatever People Say I Am, That’s What I’m Not, очекувањата беа оти Arctic Monkeys ќе се придружат на неславната листа која не престанува да се полни – таа на рокери за една употреба. На првенчето тие не само што покажаа дека поседуваат суров талент, туку и демонстрираа вештина за делкање и за стругање без притоа да ја затапат неговата градска рапавост. Штом со спастичната, набилдана, втора плоча Favourite Worst Nightmare изведоа безмалку ист подвиг (иако малку видоизменет) си помисливме дека момците не се само британско менаџерско откритие туку оти навистина го поседуваат музичкиот икс-фактор. Дојде следбеникот, Humbug, и дотогашната претстава дека четворката е вруток на адреналин почна да се лизга како земјиште по катастрофални поплави. Причината? Решеноста на групата да се редефинира како груви, секси, поп-машина. За тоа се обратија кај Џош Хом.

Магливоста и кул-ставот типични за фронтменот и за неговиот бенд Queens of the Stone Age не делуваа природни, а камо ли, достижни и Arctic Monkeys не ги излеа во својот стил на изданието од 2009 година. Наследникот од две сезони подоцна, Suck It and See, покажа солидни знаци на претопување на квартетот во новата форма, но посакуваните лепливост за уво, исполнителност за срце и моторичност за колкови конечно скокнаа во преден план на неодамна објавениот AM. Хронологијата од „дедо Ное“ веројатно е здодевна. Делува излишно. Таа, сепак, е клучна за да се одбележи транзицијата што се одвиваше два албума и заврши на последниот, петти по ред за колективот основан пред цела деценија во Шефилд. Претходните две цедиња – особено тоа од 2011 – беа далеку од тотален дебакл, меѓутоа, беа само предвесници на зрелост и потенцијал во најава. Тие се остварија на 12-те тазе песни вкупно долги 41 минута.

Многумина со право би рекле дека безгрешна поп-рок збирка не смее да се завлекува повеќе од половина час. Актуелното времетраење укажува оти AM си носи вишоци и не е избрусен целосно од непотребности. Ако не сте цепидлаки тоа нема да го земате за одбивно зло и со првата трака Do I Wanna Know? ќе бидете вовлечени во занесувачки, густ, чад од рифови, ритми и развратна распеаност. Гитарата на оваа песна, всушност, на целиот албум, е проста, минималистичка, а толку повикува. Кани да ја замислувате во раце и да го грчите лицето божем солирате. На R U Mine?, а и во понатамошниот тек се потврдува дека бендот успеал да го разигра специфично тажниот блуз и вечно матните Black Sabbath. Со One for the Road, но и со гласот на Алекс Тарнер, групата открива дека до финишот мајсторски ќе плива и во фанк-водите. Седумдесеттите пак вриштат од маршот и солото на Arabella. Тактот е ист, но побрзо везе, на I Want It All.

Спротивно од насловите, ниту No. 1 Party Anthem е химна за жур, ниту Mad Sounds е ода за аудиолудости. Двете се балади мајсторски сместени во средина на колекцијата. Акустична гитара ја води, ама Fireside не е повлечена туку фаќа темпо и се растрчува напред по што најпрво зема здив со разнишаната Why’d You Only Call Me When You’re High? па одново цврсто разгазува со топотниот ритам на Snap Out of It. Пискав, слајд, лид ја отвора Knee Socks која набргу еволуира во ѕенѕачки, подиумски, танц. Оскудно, со микросписок на употребени елементи, како и со вестерновски филинг I Wanna Be Yours го стуткува листот на којшто е напишана албумската приказна и го остава да се тркала низ пустина како пердувеста грмушка во сцена од филм на Џон Форд. Слично како поезијата на слики на славниот режисер (не сосема исто, но близу до нивото на неговите ремек-дела), Arctic Monkey на AM создале лирика на звукот. Таа се слуша, чита и впива во едно, длабоко, освежително и исполнувачко вдишување што почнува попладне, а завршува претпладне. Потоа, од пуст мерак е тешко да се издиши.

Оцена: 85/100

Артист: Arctic Monkeys
Албум: AM
Датум на објава: 6 септември 2013
Продуценти: Џејмс Форд и Рос Ортон
Издавач: Domino

Листа на песни:
1. Do I Wanna Know? – 4:32
2. R U Mine? – 3:20
3. One for the Road – 3:26
4. Arabella – 3:27
5. I Want It All – 3:04
6. No. 1 Party Anthem – 4:03
7. Mad Sounds – 3:35
8. Fireside – 3:01
9. Why’d You Only Call Me When You’re High? – 2:42
10. Snap Out of It – 3:12
11. Knee Socks – 4:17
12. I Wanna Be Yours – 3:04

Слични написи

Остави коментар