Звучни резови #8: Skopje Jazz Festival 2013

Го слушал или не, детално бил поткован или само пристојно информиран за него, го сакал ли од какви било причини или го мразел ли од чисти предрасуди, џезот на површина е музика, а во суштина е филозофија. Истовремено, на уметноста, на страста, на животот. Некои луѓе со него растат, други го дружат повремено. За сите, сепак, оваа форма има потенцијал, неизмерна моќ, да биде поттикнувач и да стане предизвикувач – на туѓите и особено, на сопствените претпоставки, замисли и очекувања. Во нашево бесконечно, застојано, но често и регресивно опкружување, таква шанса за проширување на општите хоризонти и за кршење на личните фиксирани сфаќања секоја есен овозможува Скопскиот џез-фестивал. Организаторите, спортски кпажано, очигледно се влезени во суперсерија, па така и годинава програмата е нагласено силна и уште побитно – шаренолика. Ако сте решени да ги посетите сите концерти, да чуете по нешто или сè уште се мислите дали воопшто да одите, подолу е препораката на шест албуми кои можат да послужат како последно загревање пред маратонот што стартува в четврток (17 октомври) во Салонот на Македонската опера и балет, а завршува пет дена подоцна – следниот понеделник – во Универзалната сала, па во „Сити хол центар“.

Get the Blessing – OCDC [Naim]

Настапува: 17 октомври
Локација: Македонска опера и балет
Старт: 20.00

Шпионските, заедно со филмовите за ограбување казина во Лас Вегас или италијански банки, се како братучеди со џезот. На почетокот, не се познавале. Откако откриле дека се на иста бранова должина сфатиле оти можат да се надополнуваат. Сфаќајќи, пак, оти тоа може да трае бескрајно, почнале да се оддалечуваат и да се избегнуваат. Склопот на случајности или судбината, сепак, наоѓа начин да ги спои. Слики за овој сооднос се јавуваат при прво и особено како резултат на манијачко преслушување на британскиот бенд Get the Blessing и на нивната последна плоча OCDC. Да се разбереме, четворката не е кавер-формација што им дава звук на авантурите на тајната служба на нејзиното височество или прави алтернативен саундтрак на Ocean’s Eleven. Генерално, нивниот џез-рок создава таков „акциско-трилерски“ амбиент, но тој воопшто не е ригиден. Во него има место и за електроника, и за блуз и за весели блех-испади. Згора на тоа, знаат да свират, ама и да груваат, што ги прави мајсторски поттикнувачи за раздвижување на подиумот – без разлика дали е тоа во клуб или во седиште на националната опера.

John Abercrombie Quartet – 39 Steps [ECM]
Настапува: 18 октомври
Локација: Македонска опера и балет
Старт: 20.00

Музиката што Џон Аберкромби ја пишува и што повеќе од половина век ја изведува со својата гитара бара посветеност и внимателно слушање. Не зашто е здодевна до смрт и е потребно екстра ниво на концентрација за до крај да се издржи. Секако, не и бидејќи е агресивно искомпликувана со цел да се добие поен плус во интелектуалните звучни кругови. Пристапот на 68-годишниот композитор и инструменталист, што е потврдено и на неодамна објавениот албум 39 Steps, е питом, тивок и ненаметлив, но исполнет со детали што заслужуваат да бидат третирани со почит и со претпазливост. Респект оди затоа што свирачот од Њујорк и денес (во нашава ера на сајзери ала убодни пили и на шминка поквалитетна, но ништо потенка од таа во 80-тите) се држи до питомоста и до поетичноста што со децении му е трејдмарк. Внимателноста доаѓа токму како резултат на лиричноста и кршливоста што во себе кријат виртуозност и чувствителност. Ниту едното ниту другото во актуелнава ера не се особено издигнувани што ја прави новата плоча на Аберкромби своевиден потсетник и заштитник на потиснатата човечност.

Nicola Conte – Love & Revolution [Impulse!]
Настапува: 19 октомври
Локација: Сити хол центар
Старт: 24.00

Времето на шмекер-пејачите и фраер-изведувачите одамна е закопано и заборавено во радиоактивните пустински песоци во Невада. Френк Синатра е мртов иако неодамна ни се појави во вид на прашалник дали е татко на дете што до пред некое време бевме убедени дека е син на Миа Фероу и Вуди Ален. Настрана што би било интересно да се види дали вечно и јавно исфрустрираниот (во позитивна, комична, смисла) режисер ќе сними филм за ваквата дилема ова, сепак, е сосема друга тема. Интерпретаторите што пред малку ги споменав се дел од историјата, ама нивната кул-енергија и понатаму е плафон што за многумина делува недостижен, но тоа не ги одвраќа од мисијата да го допрат или надминат. Музиката на Никола Конте е како извадена од наведената ера и надополнета со современи продукциски, жанровски и емотивни елементи. Последниот диск на италијанскиот композитор, диџеј и продуцент е поделен на машки и на женски сегмент, ги приближува есид-џезот и боса новата и сето тоа го сместува во контрастот меѓу љубовта и револуцијата. Умен и страстен, ова е звук за дишење и за танцување.

Cassandra Wilson – Another Country [E1]
Настапува: 20 октомври
Локација: Универзална сала
Старт: 20.00

Американската џез-интерпретаторка и кантавторка Касандра Вилсон во Скопје доаѓа со придружен бенд именуван според Хариет Тубман, борец за укинување на ропството во САД. Нивниот нов заеднички проект се вика Black Sun. На интернет не можат да се најдат којзнае какви информации од што точно се состои, а сепак и тој гравитира околу најзначајното – обземачкиот глас на 57-годишната музичарка од Џексон, Мисисипи. За да се запознаете или пак да си потврдите колку нејзиниот вокал е освежувачки доволно е да го чуете Another Country. Насловот навестува оти пејачката не снимала во својата матична земја што е потврдено и од италијанско-шпанскиот, поточно, медитеранскиот ветар што провејува низ материјалот. Воглавно придружувана од акустичната гитара на Фабрицио Соти, од заведувачки перкусии и од магнетна хармоника, Вилсон и тука, на 18-тата плоча во кариерата, во ваков „поевропски“ сетинг, везе и брилјира. Водач е на сè што се случува на цедето, а огромен бонус е што тоа го прави со самодоверба што не е претенциозна, туку релаксирана, поткожна и потсвесна.

Dave Holland – Prism [Dare2]
Настапува: 21 октомври
Локација: Универзална сала
Старт: 20.00

Дисторзираниот контрабас најавува, а разиграниот гитарски риф уште повеќе ги гради очекувањата оти The Watcher е бучно рокерско остварување, а не џез-колекција каква што по сите прописи би требало да создаде и објави Дејв Холанд. Во оваа претпоставка има и вистина и предрасуда. Точно е дека англискиот инструменталист со 40-годишен престој во Америка на најсвежиот материјал Prism рока гласно, ама од друга страна, за ветеран на фјужн-стилот како него, тоа и не е изненадување. Стереотипот, пак, е дека жанрот по којшто е најпрепознатлив, како и возраста до која што е стигнат (роден е во 1946 во Вулверхемптон, Англија) не го прави синоним за педали и засилувачи. Дисков е потврда за лекцијата што секој слушател треба често да си ја препрочитува – на која било музика ѝ се приоѓа со отворени уши, а не со зацементиран поглед. Така и најтазе албумот на ветеранот (кој има работено со великани од Мајлс Дејвис, преку Ентони Брекстон до Бил Фрисел) е забавно, грув-ориентирано и младешко фрлање ново светло – со помош на прочистена, осовременета, призма – врз познати концепти.

Ibrahim Maalouf – Diachronism [Mi’ster]
Настапува: 21 октомври
Локација: Универзална сала
Старт: 20.00

Такви какви што сме, засадени на полпат меѓу технолошката прогресивност на Западот и емотивната сентименталност на Истокот, знаеме да чезнееме за промена кон првото, а душа не ни дава да се откажеме од второто. Јасно е оти овие две „насоки“ воопшто не се исклучуваат, можат и тоа како да опстојуваат во симбиоза, но си имаме и ние некоја нелогична потреба круто да се заробуваме или во едното или во другото гледиште. А како од тоа најдобро се ослободува ако не со уметност, во овој случај со музиката на Ибраим Малуф. Со оглед на концептот, OFF-Fest најчесто нè шамара со вакви фузии кои генијално спојуваат често и дијаметрално спротивни форми, ама и на Skopje Jazz Festival има вечери кога нашето ориентално срце трепери на израз што потсвесно го чувствуваме за близок, но не сме го доживеале во поинакво пакување. Либанецот кој живее во Париз со својата труба на моменти го цитира Мајлс Дејвис за подоцна да нè одведе во Бејрут виа Шутка. За сето тоа време, пак, подлогата се таложи со влијанија на сè од брејкбит преку синт-поп до класика. Плус, потресно е до коска.

Слични написи

Остави коментар