Страјк – Кутија [Шурикен, 2011]

Како што за мојата беше гранџот, така за сегашнава генерација клинци музика на моментот е хип-хопот. Додуша, тој момент трае со години, некои и бизарно го спојуваат со подеднаква доза турбофолк, но невозможно е да се негира дека денешниве деца најмногу се ложат на ритми и рими. Македонските телевизии, преку единствените програми во кои што нешто вложуваат, само не во обука и описменување на водителите – разните Бекстејџи и Ексклузиви – ја промовираат идејата дека рап во земјава прават само Слаткар и Тони Зен. Меинстримот и во најразвиените општества е доминантно исполнет со шупливи изведувачи и не е изненадување што и нашата главна рап-струја се топори на современите ЛЦД-екрани, а е празна како задниот дел од стар модел на телевизор. Видокругот на селекторите на домашниот ентертејнмент е познато ограничен, но тие што ги интересира, знаат дека Македонија има неверојатно силна, здрава, талентирана, андерграунд хип-хоп-сцена, а Страјк е еден од нејзините емсија што неодамна издадоа студиски албум.

Отсекогаш сум верувал дека изложувањето на меинстрим различен од шундот што по правило доминира со медиумите во земјава, може да помогне клинците да се заинтересираат за нешто посуштинско, посовремено, кога културата е во прашање. Тоа важеше за мене и за моето друштво, но за децава денес тешко е да се поверува оти наместо накитена и набилдана музика, ќе одберат таква што не се продава на секое ќоше, а има што да каже. Страјк е таков рапер, а што е уште поинтересно, неговите ритми и рими се мајсторски споени со мелодии на начин за којшто нашиве таблоидски хип-хопери можат само да сонуваат. Додека тие се занесуваат дека прават модерна електропродукција како Kanye West и притоа засрамувачки не успеваат, Страјк ги користи старите плочи од поп-евергрините од земјава за да ги врамнотежи своите сурови, реални, лирики.

Рапот денес е бизнис, индустрија поблиска до корпорациските одела, отколку до пустите улици. Така е и во Македонија. Комерцијалниот ешалон вози скапи џипови, пука ќорци со моронски стихови и глуми минлив, провиден, хип-хоп-театар. Подалеку од него, емсијата од скопското подземје решетаат со зборовни баражи од заебаното македонско опкружување, стојат цврсто на земја и зад себе оставаат документи на сопствената стварност. Страјк својата ја става во кутија и ја отвора чесно, без задршка и позирање. Неговите монолози ја држат линијата на тоа што го прави “Легијата”, Да Џака Накот или Tonyo San, но не се никаква копија или клон. “Кутија” е слична со споменативе во смисла дека изобилува со слики од македонската сегашност, но Страјк за неа рецитира од лично искуство, со свои фрази и избор на семплови и скречови.

Ритмите на “Кутија” се речиси беспрекорно склопени за да се вклопат во римите на Страјк. Мелодичноста на албумот, што често плива во груверски, соул-води, без разлика дали вокалот е македонски или англиски, е раритет на домашната хип-хоп-сцена – меинстрим или андерграунд. Нема тука обид сосила да се биде певлив, само се одбрани плочи и рефрени што перфектно се надоврзуваат на тоа што Страјк го реди во стиховите. Со оглед на неговата општествена директност, пејачките сегменти се меланхолични, но не и безнадежни. Не е толку важно што во тие рефрени се пее, колку што е битна бојата на мелодијата и чувството што таа го надградува на темелите од римите. Како што и укажува црната обвивка на цедето, Страјк сè спојува и пакува во едноставна “Кутија”. Така подвлекува оти и во денешново време напалено на светкави корици, содржината е таа што единствено може да нè удри од земја како секавица.

Оцена: 88/100

Артист: Страјк
Албум: Кутија
Датум на објава: Април 2011
Продуценти: Страјк
Издавач: Suriken / Bootlegs Basement Lab

Листа на песни:
1. Интро – 1:33
2. Смрт –  3:29
3. Дејнџа – 3:15
4. Кланица на траки – 3:34
5. Генерација 1982 – 3:48
6. Ангели и демони – 4:14
7. Само доверба – 3:23
8. Кутија – 3:03
9. Очите на луѓето – 3:46
10. После полноќ – 3:17
11. Од срце – 2:41
12. 103ка – 1:09
13. Скопје – 4:03
14. Патот до среќата – 2:58
15. Цијанид – 3:41

Слични написи

3 коментари

Kate 01/06/2011 - 13:09

Доста квалитетен албум, многу ми се допаѓа идејата што не може да се најде онлајн. Но, дали би знаела каде навистина може да се навави албумот.

Reply
Александар Саздовски 01/06/2011 - 13:14

Ја си го купив од Југотон.

Reply
mac mac 04/06/2011 - 22:46

jas go najdov online

Reply

Остави коментар