Dubioza Kolektiv: Додека не смогнеме сила, ќе живееме во бара

Фото: Ирфан Реџовиќ

[dropcap]С[/dropcap]весно држејќи се до себе, неоптоварувајќи се со фактот дека не создаваат тренди, инди-музика, Dubioza Kolektiv уште од почетокот си остави простор за многу луѓе да ги отфрлуваат и напаѓаат, ама денес, осум години по основањето, босанскиот бенд сè уште докажува – дека ич не им чуе. Нивниот филм си е нивен, без разлика дали и колку тој е почитуван од музичките судии. Од таа, едноставна, но често игнорирана причина во денешново квазисериозно арт-прдеж-време, концертите и албумите на Dubioza Kolektiv се живи, енергични, раздвижени, исполнети, храбри, конфронтирачки и општествено-политички издржани. И секако, со остра, босанска, смисла за хумор. За сето ова поразговарав со членовите додека го снимаа новиот, петти студиски албум, што сигурно ќе излезе за американската етикета Koolarrow Records, а тоа би требало да се случи во септември.

Последниот албум на Dubioza Kolektiv, што го објавивте лани, се вика 5 до 12″. Имајќи предвид дека ситуацијата во секој аспект на животот во речиси сите земји од бивша Југославија стагнира во “5 до 12 момент”, дали тоа беше инспирација за насловот?
– Се обидуваме сè што пишуваме да пренесува што подиректна порака која што се однесува на одреден временски период или настан. Навистина ни е важно во секоја песна што повеќе луѓе да пронајдат иста порака. Ниту една од државите од бивша Југославија веќе не може да ја поднесе стагнацијата во која што се наоѓа. Во неа, само локалните лидери го имаат луксузот на “поетска слобода”.

[quote]Народите на овие простори веќе ја поседуваат навиката на исчекување на месијата, односно новиот водач кој ќе нè поведе во подобра иднина и ќе ги реши сите проблеми. Во моментот кога ќе се свртиме кон себе и кон своите вистински, секојдневни, проблеми, ќе сфатиме дека единствено самите на себе можеме да си помогнеме[/quote]

И на овој, како и на сите претходни албуми, пеете во одбрана на секој “обичен човек”, кој е целосна спротивност на сите политичари или другите моќници – локални или државни. Поттик за тоа е фактот дека и себеси се вбројувате во таа “класа” или што знаете дека најслабите и најсиромашните немаат речиси никого на своја страна?
– Зборуваме за работите што секојдневно нè опкружуваат. Во тој контекст, редовно, како виновници се појавуваат владеачките елити. Затоа што тоа се луѓе навистина најмногу одговорни за ситуацијата во која што се наоѓаме. Сепак, од критиката не се поштедени и “најслабите и најсиромашните” зашто тие се, всушност, најмоќната општествена сила. Тие наглавечки можат да ја свртат ситуацијата, наместо да бидат послушна гласачка машинерија на омилените владетели.

Во тој контекст, за албумот ја снимивте и нумерата Walter, во која што пеете за лик што е еден вид икона на Сараево, а можеби и на цела екс Југославија. Велите дека Валтер ќе се врати и дека сите ние сме Валтер. Кои се особините што ги поседува овој лик што ни се очајно потребни за да тргнеме напред?
– Ние сметаме дека дејствувањето на поединците со цел да се подобри состојбата е најважно. На оваа линија, се обидовме да го претставиме Валтер како симбол за целото општество што има сила самото да се промени. Народите на овие простори веќе ја поседуваат навиката на исчекување на месијата, односно новиот водач кој ќе нè поведе во подобра иднина и ќе ги реши сите проблеми. Во моментот кога ќе се свртиме кон себе и кон своите вистински, секојдневни, проблеми, ќе сфатиме дека единствено самите на себе можеме да си помогнеме.

Во светот на нивните и нашите нема компромиси” – уште еден текст што се вклопува перфектно од “Вардар до Триглав”. Во таа песна повикувате: “Биди свој, биди борец, оти твоја е потта, а тие ги бројат парите”. Знаејќи што сè им се случи изминативе 20 години, имаат ли луѓето сила и волја за такво нешто?
– Најзначајна цел на владеачката политика е токму тоа, да одржува состојба што наликува на нечиста бара во која што не постојат мислења, барања, обиди. Во неа го има само она тивко задоволство за кое што луѓето тивко зборуваат едни со други сè додека не достигнат точка на неподнослива досада. Додека не смогнеме сила, ќе живееме во бара.

Dubioza Kolektiv е прилично различен состав во споредба со речиси сè што може да се чуе на босанската сцена. Во Kokuz пеете дека овде, на Балканот, “не смееш гласно да кажеш дека си поинаков” и тоа навистина е така. Во овој регион, кои се предностите, а кои маните, кога група, како Dubioza Kolektiv, се разликува во однос на околината?
– Непријателството или дури стравот од поинаквото и од различното навистина е тешко сфатливо без разлика дали се работи за односите меѓу луѓето од различни нации или религиозното и сексуално определување. Кај нас, да се “биде различен” може да биде опасно. Лекцијата за толеранцијата и прифаќањето на различноста е неверојатно битна за нормализацијата на односите меѓу луѓето во регионот.

Фото: Горан Вукоја

На албумите често имате гости од босанската сцена, како и од другите бивши југословенски републики. Многумина сметаат дека музиката и уметноста не можат да променат ништо на државен или на политички план. Имајќи го ова предвид, како ваквите соработки влијаат на подобрувањето на односите меѓу обичните граѓани, е на на моќниците?
– Точно е дека музиката или, пак, уметноста генерално, не можат директно да ги менуваат политичките текови, но имаат голема сила што може да се примени на обединувањето или на приближувањето на ставовите и на мислењата. Политиката никогаш нема да биде во можност тоа да го предизвика.

Музиката што ја создавате е мешавина од реге, рок и хип-хоп, но во неа јасно може да се слушне и босански, балкански, шмек. Колку ви е тоа важно – да сте релевантни и на светско ниво, но и да го зачувате својот, личен, локален печат во тоа што го свирите?
– Пред сè, битен ни е текстот и пораката на секоја песна. Тоа е причината поради која постоиме. Кога е музиката во прашање, се обидуваме тоа да биде најдобрата можна подлога на која стихот најсоодветно функционира. Исто така, водиме сметка тоа да е музика што звучи како мигот во којшто живееме. За нас не постои странска и домашна музика. Нам секоја ни е домашна.

[quote]Владеачките елити навистина се најмногу одговорни за ситуацијата во која што се наоѓаме, но од критиката не се поштедени и “најслабите и најсиромашните” зашто тие се, всушност, најмоќната општествена сила. Тие наглавечки можат да ја свртат ситуацијата, наместо да бидат послушна гласачка машинерија на омилените владетели[/quote]

Dubioza Kolektiv е една од групите што се одлични на албум, но уште подобри во живо. Тоа веројатно е причината што редовно настапувате на најголемите европски фестивали и свирите далеку повеќе во странство, отколку во својата земја. Како реагираат луѓето од Западна Европа на вашиот Balkan Funk – има ли често збунети лица во публика?
– Напротив, на публиката во Европа ѝ е навистина занимлив нашиот настап што го концпиравме да биде двојазичен. Луѓето надвор од бившите југословенски граници се многу заинтересирани за нешто поинакво од тоа што секојдневно им се нуди. Во тој контекст, интересен им е и нашиот јазик што го користиме покрај англискиот, а особено се ложат на парчињата традиционална музика што ги семплуваме.

Со оглед на текстовите, логично е да се заклучи дека и членовите на Dubioza Kolektiv имаат политичко и општествено ангажирани ставови. Освен преку стиховите, вклучени ли сте и во некоја друга форма на активизам за која што верувате дека може да ги промени нептата на подобро?
– Кога го живееш бендот, навистина е тешко е да повлечеш линија каде завршува ангажманот со групата, а каде почнува нечиј личен ангажман. На секој начин се обидуваме да се вклучиме во цивилниот сектор, во секој вид активизам и на таков начин да влијаеме на целосната ситуација. Сеедно ни е дали тоа се случува преку составот или на индивидуален план. Последен пример што можам да го наведам е кампањата што ја работевме пред ланските избори во Босна и Херцеговина чија цел беше да анимираме што повеќе луѓе да излезат на гласање. Навистина сме среќни со резултатите што ги постигнавме бидејќи на тие акции, кои, секако, вклучуваа и концерти на отворено, имаше повеќе луѓе отколку на собирите на најголемите политички партии.

0 коментар

Слични написи

Остави коментар