Уште една шајка во ковчегот на вселенската фантастика

Денешнава ера е ера на сезнајковци и скептици, што сè знаат без ништо детално да прочитаат и се сомневаат во сè без и најмалку да истражат. И иако реалистичноста, што стана тренд на ТВ изминатава деценија, може вселенската фантастика да ја направи само подобра (нема поцврст доказ од новата Battlestar Galactica), таа да се бара во сè што се појавува на малите екрани е погубно

[dropcap]С[/dropcap]о емитувањето на Gauntlet, последната епизода од втората сезона на Stargate Universe, серијата на мрежата SyFy, светската телевизиска публика, а особено помладата популација, доби нова потврда за неминовната смрт на уште еден обожуван ТВ-жанр – вселенската фантастика. Којзнае дали и официјално постои ваква класификација, веројатно не, но тешко дека ќе се најде термин што подобро од овие два збора опишува серии како Star Trek и сите нејзини инкарнации, потоа, Babylon 5, Andromeda, Firefly, Stargate SG-1, Battlestar Galactica и низа други.

Од кога паметам дека првпат сум заѕверил во екранот, некаде по средината на 80-тите години или кон крајот на истата деценија, од него ме фасцинирале слики од серијализирана научна-фантастика. Во прв ред тоа беше посадата на Enterprise во Star Trek: The Next Generation, а со текот на годините се изрездија и поголем дел од останатите набројани погоре. Без разлика што многу од нив ги изгледав и со големо задоцнување, сепак, вселенската фантастика цел живот ми е верен сопатник. Штом дојде крајот на последната епизода од Stargate Universe, како што бродот Destiny полека се губеше во хоризонтот на црниот космос, ми стана јасно дека таков тип на серија повеќе ќе немам можност да гледам или таа прилика ќе стане ретка колку и населеноста на Сибир.

И тоа не зашто сум остарел и свесно сум решил дека дошло време да се откажам од тие наивни глупости, како што анти-СФ-фановите ги дефинираат овие приказни, серии и филмови. Причината е далеку попроста. Во моментов додека го пишувам текстов, на американските телевизиски мрежи е во продукција една, единствена, двочасовна пилот-епизода (Battlestar Galactica: Blood & Chrome) за можно ТВ-шоу што вклучува вселенски бродови, раси од оддалечени планети, нивно истражување и војни за простори, меѓутоа и за зачувување на човечката чесност, скромност и слободарско размислување. Значи, по долги години во кои имаше барем цела сезона од проект со ваква тематика, а често беа и повеќе, сега ситуацијата се сведе на одвај една пилот-епизода, за нешто што можеби и нема да се развие во серија со повеќе продолженија.

[quote]Огромното мнозинство денес попрво би гледало шоу во кое што “реално” се бираат таленти, отколку да се препушти на нереалната вртелешка во која што може да ги извози добра, а некогаш дури и лоша, СФ-серија[/quote]

Не ја ни лупав главата за да сфатам зошто ситуацијата дојде до ова дереџе. Судот за виновни сакаше да ги прогласи неквалитетот на дел од проектите со вселенска фантастика, празноглавоста со која тие ја обработуваат материјата, клишињата што изобилуваат во сценаријата, често мизерните компјутерски и специјални ефекти, но секој чесен човек обучен во СФ-законите знае дека казната за состојбата треба да стигне на друга адреса. Една од првите лекции што му ги кажуваат на секој што се нафаќа јавно да напише нешто во животот е дека публиката никогаш не смее да се набедува и навредува. Во фазонот на американските автодилери: муштеријата е секогаш во право. Тешко дека публиката е секогаш во право, сепак, таа е виновна за тоа што цел свет го знае името Кардашијан иако половина немаат појма која е причината. Меѓутоа, публиката нема да ја навредам ако кажам дека нејзините ТВ-потреби се најкриви што вселенската фантастика е најзагрозениот телевизиски вид.

Овој тип на проекти зависат од желбата на гледачите да бидат одушевени, да се внесат себеси во свет подобар од реалниот, да веруваат дека тој навистина може да постои, да чувствуваат возбуда од идејата дека им претстои адреналинска авантура чиј двигател е – потребата за истражување. Концептот на вселенската фантастика, во основа, се базира на експедициите на морепловци како Колумбо и Магелан, но е далеку попривлечна, пофасцинантна, помагична поради тоа што се случува надвор од границите на нашата планета, сончев систем, галаксија, а често и димензија или временска ера. Најголем дел од денешната публика тоа чувство, таа идеја, потреба, за “храбро одење каде што никој не стапнал”, ги има истолчено до смрт во себе.

Огромното мнозинство денес попрво би гледало шоу во кое што “реално” се бираат таленти, отколку да се препушти на нереалната вртелешка во која што може да ги извози добра, а некогаш дури и лоша, СФ-серија. Многумина ќе ме убедуваат дека тоа е одличен знак, оти луѓето повеќе не се залажуваат на детски замисли што се одмотуваат во свет што не постои, а ја ќе им одговорам: Океј, ако пред себе така си се оправдуваат што се досадни, без трошка фантазија и каква било верба (не мора да е во Бог, ама зошто и да не е), разбирам. Ама поради тоа, следните генерации нема да дознаат за стоичноста на капетан Пикард, разумноста на командат Дата, борбеноста на Ворф, храброста на Рајкер, мудроста на Дајана Трој и генијалноста на Џорди Ла Форџ. Или за сите ликови во “Ѕвездени патеки” и во другите слични СФ-серии што можеби не се случуваат во реално време како “Идол”, ама се и тоа како покадарни да бидат нечии идоли и примери за тоа како треба да посакуваат да се однесуваат во животот.

Денешнава ера е ера на сезнајковци и скептици, што сè знаат без ништо детално да прочитаат и се сомневаат во сè без и најмалку да истражат. И иако реалистичноста, што стана тренд на ТВ изминатава деценија, може вселенската фантастика да ја направи само подобра (нема поцврст доказ од новата Battlestar Galactica), таа да се бара во сè што се појавува на малите екрани е погубно. Така се создава атмосфера дека и глумењето реалност (талент-шоуа) е поисплатливо отколку замислувањето на реалноста во вселенски бродови и на планети оддалечени илјадници светлосни години.

Секој има право да избере што повеќе му одговара, ама, лично, во секое време би одбрал свет во којшто постојат серии за луѓе што летаат низ универзумот, отколку свет во којшто луѓе летаат во облаци дека ја разбрале космичката вистина само зашто не сакаат ниту да припарат до каква било фантастика. Тоа би бил свет ампутиран од ментална гимнастика, стварност еднолична како долго џвакање мастика, реалност страшна како живеење под развиорено знаме со огромна свастика. Од таков свет има само еден спас – Battlestar Galactica. По неа, заврши и Stargate Universe и остави место само за уште две-три шајки на ковчегот во којшто ќе ја закопаме вселенската фантастика.

Слични написи

Остави коментар