Питер Силберман го бива со зборови. Натурализираниот бруклинец не е првиот ниту, пак, последен начитан рокер, но на инди-сцената изминативе години тој се вбројува во елитното друштво на најостроумните. Комплексен и повеќеслоен, позаинтересиран за модрото отколку за розовото, овој автор, сепак, е потполно свесен дека буквите не се орудие за збунување, туку за разбистрување на потоците на комуникацијата. Тие течат кон минатото, сегашноста и иднината на потписникот, како и кон слушателите, кои што ги насочуваат во контекст на личните искуства. На третиот и на четвртиот албум, Hospice и Burst Apart, фронтменот врската ја воспоставуваше користејќи ги песните како поглавја во една, поголема, приказна. Во нив можеш да се изгубиш, но не зашто ти треба енциклопедија за да ги дешифрираш. Колку овие текстови се натпросечно писмени, толку се и живописно човечки.
По слична река The Antlers плови и на последното ЕП, Undersea. Разликата е што сега, нејзиното корито не е стеснувано и проширувано според единствен концепт, туку му е дозволено речиси слободно да си го трасира правецот на движење низ умот и телото. Разбирливо, не е сè препуштено на спонтаноста за да има истекување и поплави, ама наместо на конкретен заплет, бендот сега кокетира со две теми – водата и паралелните светови. Групата тоа го прави и со реченици и со звуци. Со наслови како Drift Dive и Crest, триото ја засадува идејата за нуркање по гребени водено само од струјата. На Endless Ladder и Zelda, пак, скокотка со конфузијата за истовремено опстојување во напоредни универзуми. Тешко дека е таа, но замислете Зелда, на која што Силверман ѝ беседи “Пливаме во океан, а тој плива меѓу нас”, да е онаа од легендарната видеоигра. Така внатрешниот дијалог за битисување барабар со нашево е уште посимпатичен.
Последниов епитет може да се залепи на групата и на претходните две изданија, но е потчинет на доминантно мрачниот тон на сториите потпишани од главниот автор. Со оваа куса збирка тројката лута низ потопените ходници на карактерот на вокалистот, ама и покажува знаци дека е време погледот да го насочи кон површината. Музички, четирите песни најуспорено досега се нишаат и лебдат во океан од етерични гитари и гласови, развлечени дувачки инструменти и клавијатури со бескрајна широчина. Сè е течно, подвижно, ама без брзаци и нагли свртувања. Бендот со пријатна сликовитост создава реки од звуци кои што потоа се влеваат и го полнат големото синило. Имајќи предвид дека на Undersea режисери се The Antlers, а не Лик Бесон, тоа нема тиркизна, туку темна боја. Таа секого не би натерала во секунда да грабне опрема за нуркање оти има неодолива сила за влечење што го прави допирањето на дното – неминовно. Ама како велат, што уште е неизбежно во вакви ситуации – искачувањето.
Оцена: 82/100
Артист: The Antlers
Албум: Undersea EP
Датум на објава: 24 јули 2012
Продуцент: The Antlers
Издавач: ANTI-
Листа на песни:
1. Drift Drive – 4:48
2. Endless Ladder – 8:29
3. Crest – 3:42
4. Zelda – 5:31