The Antlers – Hospice [Frenchkiss, 2009]

Изолацијата се чини станува предуслов за влез во кремот на модерната инди-сцена. Откако Bon Iver во 2008 ги фрли хипстерите на колена со For Emma, Forever Ago, албум создаден и снимен на изветвена опрема во дрвена куќарка во снежниот северен Висконсин, во 2009 се појави уште една плоча со слична заднина. Hospice е третото студиско цеде на The Antlers, њујоршки состав предводен од Питер Силберман. Пред седум години тој се преселил во Њујорк. На интернет кружи приказната дека во Големото Јаболко пристигнал за да се исклучи од пријателите со цел да создава музика. Самиот Силберман не негира дека се изолирал, но вели оти таа ситуација не била толку планирана, туку резултат на условите во кои живеел и не така лесното прилагодување на новата средина. Во вака поставена сторија баш и нема ПР-лепак и не изненадува што фактите се малку извртени за да привлечат внимание. Тоа не ја анулира вистината дека Hospice е напишан надвор од границите на општеството, ситуација што сигурно имала битна улога при емотивното боење на албумот.

Ова е издание што се проголтува како кнедла. Мора да се конзумира во целото негово течение, од прва до последна песна, а без разлика колку го џвакате, малку е веројатно дека со леснотија ќе го сварите. Не зашто е брутално како полски технички дет-метал-бенд или експериментално во духот на психотропно секогаш поткованиот Френк Запа, туку бидејќи е плоча полна со подвоени чувства сместени во една приказна. Користејќи типичен музички вокабулар, ова е концептуален албум, но литературно, Hospice има структура на расказ. Тажен, потресен, продорен, расказ што, во најмала рака, ќе ве вознемири, а ништо чудно и ако ве расплаче. Да, толку е силен. Расказ е и зашто песните немаат рефрени. Единствено во два-три наврата се повторуваат реченици, но наративот во ниту еден миг не се навраќа, туку оди кон епилогот. Силберман вели оти Hospice (дом за стари лица) се обидува да прикаже што би се случило ако се грижите за смртно болен пациент кој психички ве малтретира. Во таква ситуација можете само да трпите, меѓутоа албумот го поставува прашањето – колку долго би го издржале ова уништување?

Без навлегување во детали, доволно е да се каже дека личноста се вика Силвија, има референци за ставање на главата во рерна, ама не е јасно дали се работи за поетесата Плат, ниту, пак, дали меѓу главните ликови има романтична поврзаност. Текстуално, материјалот е вешто напишан. Не е интелектуално обременет, многу е читлив, но е доволно нејасен и отворен за интерпретација за да не звучи како лектира за прваче. Сепак, очигледна е намерата на авторот да ја прикаже состојбата на емотивна растргнатост. Hospice напнато отвора дилеми, го заробува слушателот во сплет од мачни и мрачни околности и не му нуди излез. Музиката, пак, ги нагласува подемите и падовите, умственото измачување, собраниот гнев кон себеси и пациентот, желбата за ослободување, потребата да се помогне, без разлика на цената. The Antlers звучат живо, продукцијата ви ги носи во соба, ги става пред вас, ги прави целосно опипливи. Меѓутоа, ова е албум што се слуша со буклетот в раце или на монитор, така само може да се вдиши сета негова човечност. А таа, како и сите нас, нималку не е еднонасочна, плитка и црно-бела по дефиниција – елементи што го прават Hospice феноменално издание.

Оцена: 9/10

Артист: The Antlers
Албум: Hospice
Датум на објава: 18 август 2009
Продуцент: Питер Силберман
Издавач: Frenchkiss

Track listing:
1. Prologue – 2:35
2. Kettering – 5:10
3. Sylvia – 5:27
4. Atrophy – 7:40
5. Bear – 3:54
6. Thirteen – 3:11
7. Two – 5:56
8. Shiva – 3:45
9. Wake – 8:44
10. Epilogue – 5:25

[Текстот првично беше објавен на веб-магазинот Plagijat на 17.12.2009]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар