Wolfbrigade – Damned [Southern Lord, 2012]

И пред да признае дека го уредувал школскиот магазин, Леми (Килмистер, зар има друг) си имаше обезбедено место во рајот – што веројатно е пекол – на хеви-музиката. Тоа што беше само на филм, не ја намалува спектакуларната кулоќа на овој потег, а фактот дека се работеше за наивно фановскиот Airheads ја нагласи величината на сега 66-годишниот фронтмен. Манијачката идолатрија мора по секоја цена да се избегнува, ама ако некогаш се прави список на избрани имиња за кои таа е препорачана, човекот роден како Ијан Фрејзер несомнено ќе си обезбеди високо место. Сам, еден музичар, со свои раце не може да искали цел правец, но со убедливоста, енергијата и жестината од стартот на кариерата до денес, Леми стана парадигма (да, да, го употребив зборот) на непоколебливоста во метал-светот. Токму со истата бескомпромисност, набилдана за некој степен со шведска дисторзирана тежина, Wolfbrigade лае ли лае на Damned.

Додека да ми слета во плеерот, бендот успеал пред деценија и кусур да се основа како Wolfpack, да издаде полна шака студиски плочи и EP-a, да се растури и во 2007 пак да се собере. Судејќи по тврдинско-кршачката јакост, што се едначи со бараж испукан од неколку Големи Густави, скандинавската петорка за време на паузата речиси и да не загубила од барутот во својот креативен топ. Не е ова плоча поради која ќе се чешкате по темето премерувајќи како да ја класификувате. Ако не пронаоѓате генијалност во гневот што во неа невозможно густо е компресиран, главоболката е гарантирана. За нас останатите, што доброволно се пријавуваат на физичка и ментална терапија со звучно беснило, Damned е пилула произведена по жанровски рецепт. Материјалот тврдоглаво и фанатички ги почитува основите на антиопштествениот ди-бит, што го надградува со лут британски краст, шведска метал-мелодичност, американско хардкор-грувосување и Motörhead-фуриозност.

Врзивното ткиво на споменативе крупни музички мускули е панкот. Од продукциски и аудиоестетски агол, ова е метал од 21 век со дебел старошколски хеви-корен, меѓутоа, од авторски, аранжерски и суштински аспект, се работи за недвосмислена панкоина. Поради тоа, од машинка-добошот што ја отвора Feed the Flames, а со тоа и албумот, до двете крајни секунди означени со бас-бубањот и со отсечното рифосување на Peace of Mind, нема ама баш никакви свирачко-композиторски филозофии. Во никаков случај, тоа не значи дека Damned е лимонатска колекција од песни што пубертетлии без мака би ја скинале на првата проба во гаража. Сè на изданието можеби бега од сложеноста како таа да е најнепосакуваната учителка по физика во средно, но интензитетот со кој што траките се изведени скоро и да не е возможно да се копира. Ова се 12 нумери и 35 минути пакосност чија уверливост е цврста како праисториска карпетина.

И покрај високооктанската жолчност, искусното парчосување на инструментите, како и сликовитата продукција, најимпресивна карактеристика на оваа камбек-колекција е запаметливоста. Прецизниот термин е певливост, ама тука е несоодветен бидејќи нема АББА-рефрени на кои што можете и против сопствена волја да се залепите. Пикањето под кожа овде е резултат на мелодијата вешто закопана под површината на жилавите шест жици и кавгаџискиот вокал. Однадвор, ова е исцрпувачка, казнувачка, плоча. Во нејзината утроба, пак, се расфрлани куп мали детали, како гитарски лид, груверски риф-трупец или гласовна отстапка од дисциплираниот лаеж, што свирепата целина ја прават неочекувано привлечна на инстинктивно ниво. Слично како Ace of Spades на Леми и другарите – сите не трзнуваат на нејзиното р’жење, ама прашајте ги, и поголем дел од нив ќе зам’мкаат на песната. Така и Wolfbrigade, на Damned снимиле збирка од песни проклети како сива бригада од волци, а сепак, на праисконско ниво, ѓаволесто воздигнувачки.

Оцена: 84/100

Артист: Wolfbrigade
Албум: Damned
Датум на објава: 24 април 2012
Продуцент: Фредрик Нордстром
Издавач: Southern Lord

Листа на песни:
1. Feed the Flames – 2:11
2. Slaves of Induction – 2:13
3. Road To Dreams – 3:48
4. The Curse of Cain – 2:17
5. On Your Knees… In Misery – 1:36
6. Ride the Steel – 5:53
7. Hurricane Veins – 2:07
8. From Beyond – 3:29
9. Catch 22 – 2:01
10. Damned To Madness – 3:27
11. Where No One Sleeps – 2:23
12. Peace of Mind – 3:23

1 коментар

Слични написи

1 коментар

cacich 09/09/2012 - 15:55

Добра рецензија.
Бендов нажалост со последниов албум не понуди ништо екстравагантно со оглед на огромното искуство и четиригодишната пауза од Comalive наваму(што за d-beat прилики е голема пауза).Wolfpack опусот(Lycanthro punk) по мое го достигна стандардот т.е. зенитот на овој вокално-инструментален состав:)

Reply

Остави коментар