Фонија – Зелен, сончев ден [Направи заедно, 2012]

Скопје нема море, а од Тихиот Океан е оддалечено десетина илјади километри. Палми имаше, ама тој проект заврши. Вардар си тече, сурфери не влече, а сепак, меѓу градот распослан на неговите два брега и мелодичниот хардкор-панк типичен за Америка, особено за Калифорнија, со години постои здрава врска. Откако од средината на 90-тите почнав да киснам по МКЦ и сличните дупки, на малите бини рокаа, а потоа повеќето и изрокаа, голем број зависници од тупа-тупа ритми, бетонски рифови и вокали на кои што сите можевме да пееме во хор. На тој список, што во извесен миг беше неочекувано долг, имаше одлични, просечни и очајни бендови. Тазе дипломираните тезгари изминатава половина декада се накотија, а авторските групи, без разлика на жанрот, се истенчија. Пргави поборници на каква било жестокост (значи и на панкерска) има сè помалку. Не се баш ич, а доказ за тоа се “Фонија”, кои растураат по сите прописи на третиот албум.

Спротивно од наведувачкиот наслов, “Зелен, сончев ден” не е ниту хипи-светол, ниту, пак, е гуштерски-креативен. Ритмички, мелодиски и хармониски материјалот е весел, со симпатичен степен на кокетирање со поп-компонирањето. Тематски и текстуално, во крвотокот на дискот има зрела доза иронија, горчина и суровост. Овие елементи не би смееле да отсуствуваат кај состав чиј израз и минимално содржи панк, а опстојува во сè поизмачувачката за виреење Македонија и нејзиниот инквизициски центар, Скопје. “Фонија” се клинци, стилот што го присвојуваат и практикуваат и надвор од земјава е најчесто магнет за нивни врсници, фанови на Vans Warped Tour, но тоа не значи дека последното студиско издание им е генеричка, шуплива, пубертетска (или адолесцентска) школка. И тие, како повеќето бендови кои што, потесно или пошироко, влегуваат во поп-панк-кутијата, се постари од наведенава возраст, ама таа е во с’ржта на правецот.

Како никогаш досега, триото на “Зелен, сончев ден” демонстрира дека мелодискиот панк го гледа со поагресивни – помалку Propagandhi, повеќе A Wilhelm Scream – очи. Песните се певливи, аранжерски примамливо монтирани, но во нив се провлекува недвосмислено, разбирливо, чувство на нервоза и пркос. Во нив наизменично се менуваат боите на конфронтација и предизвикување. Тие се подеднакво насочени навнатре, кон членовите и нанадвор, кон нивното опкружување. Читливи, јасни и прецизни, текстовите изненадувачки проникливо ја врамнотежуваат литературната писменост со уличниот интелект. Се гледа и слуша дека “Фонија” пеат и свират за тоа што го знаат најдобро – личните искуства. Бонус поени во целата ситуација добиваат оти тоа го прават директно, но во некои моменти и користејќи умен симболизам, што поттикнува интересно читање меѓу редови.

И за македонски услови, тоа што младиот скопски состав го засадил, одгледал, набрал и складирал во новото, 30-минутно, цеде е многупати чуено, а во САД е претворено во сцена што не е класичен меинстрим, ама е племенски масовна. Без разлика на тоа, во нашиот локален музички контекст, оваа збирка значително отскокнува, не влегува во извиканата, но во денешно време ирелевантна, перцепција за модернизам. Албумот си се држи до познати мелодични хардкор панк-постулати, меѓутоа, е посконцентриран од некои квазисовремени и опседнати со трендови независни овдешни изданија. Просто кажано, дисков е самоуверено на врвот меѓу сè што излегло во жанров изминативе години. Ако беше поголем дел од нејзината младина ваква, државава немаше да има причина да се грижи за својата иднина. Како што сега стојат работите, само ѝ останува да се надева дека децава музиката ќе почнат да ја запознаваат со “Фонија” и “Зелен, сончев ден”, наместо со Жељко Мерлин Полумента.

Оцена: 81/100

Артист: Фонија
Албум: Зелен, сончев ден
Датум на објава: 3 март 2012
Продуцент: Ненад Трифуновски
Издавач: Направи заедно

Листа на песни:
1. Game Over – 02:07
2. Зелен, сончев ден – 02:23
3. Некогаш да бидеме – 02:18
4. Убивајќи го Парменид – 02:23
5. Заминувам (II дел) – 01:39
6. Вечно враќање кон… – 01:39
7. Сам свој роб – 02:25
8. Сé што имам – 02:08
9. Последна елегија на… – 02:54
10. Сé уште жив – 02:10
11. Тука нема иднина – 02:42
12. Земи некој друг – 03:23

Слични написи

Остави коментар