Baroness – Yellow & Green [Relapse, 2012]

Бојата и музиката не се две страни на иста паричка, а сепак се едни од најпростите и најделотворните методи за меѓусебно опишување. Звукот е исклучително погоден за фарбање. Лесно е, дури и без четка. Металот е црн, поп-жанрот е розев. Воопштено, така се илустрираат правци, бендови, соло-изведувачи. Личната перцепција е клучна – од авторската и пресудно, од слушателската страна. Baroness се манијаци за колорит. Тоа е јасно од живописниот артворк на фронтменот Џон Бејзли, преку комплексните аранжерски решенија до наједноставното: насловот на плочите. Првото, најзажарено, издание го крстија Red Album. На второто, опседнато со флуидноста, му дадоа име Blue Record. Лудачки е на лонгплејка да ѝ кумуваш со такви банални заглавија, но бендот од САД не промаши. Црвеното, деби-цеде, ќе остане репер за најслаџерската фаза од нивната кариера, а следбеникот, синото, слика за поплавувањето на својата зона на удобност. Квартетот го трефнал и називот на третото остварување, Yellow & Green.

Кога групата објави дека новиот албум ќе биде двоен, очекував, претпоставувам како и повеќето, лицето да му биде агресивно, а опачината нежна. Baroness можеше, но не се тестира себеси во оваа безброј пати применета формула. Тие избраа со жолтата страна од изданието ја заокружат трилогијата инспирирана од основните бои, а со зелената да навестат низ какви пасишта ќе скитаат во иднина. Траги од карактеристичната метал-тежина, значително потчинето, сè уште се среќаваат на Yellow. На Green, боја што се добива мешајќи ја жолтата и сината, тие се скоро целосно излуштени и се сведени на хеви-рок-дух кој ја прогонува доминантната инди-алтернатива. Не треба долго за да се сфати дека ова не е плоча остро исечена на плус и минус. Боите според кои изданието е именувано се препознатливи, издефинирани, но го немаат интензитет на црвената и на сината. Жолтата и зелената асоцираат на мешавина, на вкрстување, на присуство на еден елемент во друг и обратно. Ова е есенцијата на Yellow & Green, без разлика што А-поглавјето е за нијанса поенергичен, а Б-делот попотиштен.

Вакво мискање, нарочно на двојно цеде, е будалесто ризично. Со првиот стих од Take My Bones Away (You lead the way, I’ll follow), која следи по питомото инструментално интро Yellow Theme, Бејзли и бандата како да велат “вие водете, ние ќе следиме”. Тие, несомнено, се насочувачи на патешествието, но начинот на кој што тоа се осознава е во умот на слушателот. Со рефренот на истата трака (Take my bones away, I’ll find ’em everyday), пак, како да кажуваат дека се свесни за опасниот исчекор што го прават со албумот и баш поради тоа, како да нè предизвикуваат да ги раскостиме најсилно што можеме. Тоа прекрасно го поставува тонот (бојата) на целото издание, што е убедливо најмеланхоличен, најблузерски, од основањето на групата во Савана, Џорџија во 2003 година до денес. Занимливо е што тоа го изјавуваат со нумера која го содржи еден од најхеви-рифовите на дисковите. Фактот дека неговата тежина се мери во килограми, не во тони, како тие на Red или поточно, на првите две ЕП-а, First и Second, најсликовито зборува за прешалтувањето од чекански-моќен кон соголено-емотивен израз.

Потврдата за тоа доаѓа веднаш. На March of the Sea, каде што пак се појавуваат коски, се води монолог со валиумот, морфиумот и хероинот, а аудиоподлогата е пулсирачко рокерска со стадионски рефрен. Диско-ритамот, што весело ја вози Little Things, го сече лирска солажа што потоа експлодира во двојна гитарска размена на истрели. Акустика ја отвора Twinkler и додека Бејзли беседи како во катедрала, дисторзијата, вјармена и придушена, нè воведува во Cocainium. Ова е уште едно нарко-инспирирано дело кое по психоделичната Хамонд-клавијатура делумно е обземено од жестокиот дух на раните Baroness. Мелодичното пеење, што комплетно го мете ‘ржењето од секој агол на остварувањето, сјае на романтичната Back Where I Belong, по што динамиката пак се престројува во поразлутена, но контролирана, линија на Sea Lungs. Повикувајќи да вдишеме длабоко, да дозволиме морето да ни ги исполни белите дробови, фронтменот нè вовлекува во речиси седумминутното интровертно ремек-дело на жолтата страна и извонреден мост до зелената. Никогаш не сум се прашувал дали воопшто знам каков вкус ми има јазикот, ама одѕвонувачкиот крај на Eula, што и да значи, со денови не го заборавам – And I can’t forget the taste, can’t forget the taste of my own tongue.

Со величина на химна и со грандиозни гитарски лидови, Green Theme воздигнувачки ја отвора втората половина на материјалот, со која што бендот за некој степен го крева и онака високото ниво на смелост прикажано на претходните 40 минути. Интрото малку поведро го растркалува дејствието, тоа продолжува на нескриено поп-расположената Board up the House, пред финиш-линијата да ја мине со отпрвин потскротена, а потоа и пуштена од ланец, риферија. Потоа следи квинтет од песни што албумот го вкопуваат во најпевливата и најмеката, но и најблузерска и најиндирок-територија. Овој сегмент стартува со лепливата MTNS. (The Crown & Anchor), која има трип-хоп-ритам, глас со соул-шмек и јужњачки распекмезена електрична и акустична секира со шест жици. По неа доаѓа Foolsong, чиј што такт, акорди и смуртен вокал ја прават најбавната трака на изданието. И Collapse е тука некаде, само што таа е окарактеризирана со длабоко ехо и реткост на елементи. На почетокот на Psalms Alive, амбиентот е квазиелектронски, но по две минути скока во грандиозен рефрен со цврста дисторзирана подлога. Следува Stretchmarker, кус мост на којшто не се слуша ниту збор, а по него слаџот некако пак се протнува со металската и распеана, The Line Between. Таа преминува во етеричната If I Forget Thee, Lowcountry, која што сè затвора на силно замислена нота.

Токму тоа чувство ме малтретираше по првите неколку дружби со оваа аудиозбирка. По некое време бев непоколеблив, уверен, дури и можеби малку радосен, дека ќе ја направам парам-парче. Во една секунда, сепак, плимата се сврте во обратна насока – узнав дека материјалот ми прирасна, ми се накалеми, ми фати корен во ливадите и планините на мојот карактер. И во миговите кога бев убеден дека немам дилема оти Бејзли и другарите зготвиле бедна креативна манџа, знаев дека таа не е направена за да се срка инстант, набрзина, туку да се вкусува, џвака и голта трпеливо. Така често бива (и ќе биде), со амбициозните плочи, без разлика дали се двојни или единечни. За нив, острите, воинствени, поделби на про и контра се вообичаени, дури и нужни. По сите параметри, Yellow & Green е такво издание. Илјадници луѓе ќе го рецензираат, со пена на уста пред зграда ќе го кудат или фалат, а секој од нив ќе лаже кога ќе тврди оти баш тој знае колку е мизерен или феноменален албумот. Убавината, или вистината, во овој случај, Baroness ја скриле во ушите на набљудувачот. Клише? Да. Точно? Стопосто.

Оцена: 89/100

Артист: Baroness
Албум: Yellow & Green
Датум на објава:
Продуцент: Џон Конглтон
Издавач: Relapse

Листа на песни:
Диск 1: Yellow
1. Yellow Theme – 1:44
2. Take My Bones Away – 4:59
3. March to the Sea – 3:11
4. Little Things – 5:03
5. Twinkler – 3:16
6. Cocainium – 5:08
7. Back Where I Belong – 6:15
8. Sea Lungs – 3:21
9. Eula – 6:47

Диск 2: Green
1. Green Theme – 4:22
2. Board Up the House – 4:33
3. MTNS. (The Crown & Anchor) – 4:17
4. Foolsong – 2:57
5. Collapse – 3:51
6. Psalms Alive – 4:08
7. Stretchmarker – 3:23
8. The Line Between – 5:02
9. If I Forget Thee, Lowcountry – 2:42

0 коментар

Слични написи

Остави коментар