Band of Skulls ‎- Sweet Sour [PIAS, 2012]

Гоце Делчев, пред век и кусур, без азно во џебовите и во ера на брутално насилство, кажа реченица каква што денешниве политичари, на слобода и со неброени тендери во ракав, не се доволно духовно и литературно писмени да склопат. Надвор од нашиве (вечно зараснати во мов) рамки и војводата би имал мака да сфати како, во културниот натпревар помеѓу ова и ова, второво е убедлив победник – и комерцијален и критички. И рок-тројката од Саутемптон, Band of Skulls, која пишува, свири и пее без екстремно да зависи од последниот аудиософтвер, има пристоен скор, но Lady Gaga им е ситна точка на хоризонтот според начинот на кој што јавноста и рецензентите ја голтаат. Тоа не ја намалува цената на нивните талент-акции, само што останува нејасно како бенд со таква поп-мелодичност не котира барем повисоко на светската берза на топ-листи. На мојата, специјализирана за “Лето 2012” услови, нивниот нов албум Sweet Sour е во врвот.

Band of Skulls се како измислени за фанови на The Black Keys, поточно на актуелната, потазе, заразна фаза од кариерата на дуото од Акрон. Блузерската суровост ги прави блиски и со The White Stripes, а хитовскиот нагон, во извесна мерка (длабоко земете воздух), со Kings of Leon. Знам, споредбава со браќата и братучедот Фоловил може да биде пресудно одбивна, но тие пишуваа изненадувачки убедлив јужњачки рокенрол пред да се зализгаат како коњак меѓу скопските тезгаџии. Британското трио не крие дека има пожестоки потреби. Тоа го покажува со првиот, сабатско-цепелински, риф што посакува добредојде на насловната трака. Таа е и сликовита најава за стилот со кој што групата ќе вози по остатокот од албумскиот (земјен) пат. На Bruises се слушаат стадионски рефренски вештини, а Wanderluster е груверскиот бисер што инспирира филмање за скитање со кабриолет по бесконечна низа приморски и планински свиоци.

Користењето на гитарата како акорд-секира добива уште поударни димензии на The Devil Takes Care Of His Own, на која триото уверливо и инстинктивно го метализира блузот како и менторот, Џек Вајт. Дисторзијата, што солидно пече на првите четири нумери, оди во втор план на Lay My Head Down, прекрасно меланхолично парче со магнетен романтичен рефрен. И таа експлодира, но контролирано, со префинетиот соло-испад на Расел Марсден, командантот на шесте жици во бендот. Колку дискот е динамичен најубаво истакнува панкерски набиената врволица You’re Not Pretty But You Got It Goin’ On. Управуван од Navigate, материјалот пак нагло врти кон потиштените, но исполнителни, емотивни патишта. Тие се губат во слабата Hometowns, која остава впечаток на недовршеност. Материјалот повторно зазема цврст став со пустинскати жешката Lies, по која постепено се губи во неповрат со Close To Nowhere.

Третото студиско издание на англиската група не внесува новини во рок-песнарката, составено е како течна мешавина од современите и ретро-влијанија на членовите, не буди восклик со уникатноста, а сепак, задоволува најголем дел од неопходностите на тие што сакаат гитари намакани во халапењо сос. Не е толку лутo за да ги одбие сите со слаба толеранција за тврди рифови, ниту, пак, до тоа скалило благo, за да предизвика мрштење кај вљубениците на нивната челична форма. Достапноста овозможена од интернетот нè направи гласни мрчатори за сè што можеби не е револуционерно, ама е занатски изработено според високи музички стандарди. Последната плоча на Band of Skulls со оваа категорија си одговара како слаткото и киселото во кинески ресторан. И Sweet Sour не е звучна храна за навек, ама во патописен, релаксиран, амбиент вкусно го задоволува апетитот.

Оцена: 76/100

Артист: Band of Skulls
Албум: Sweet Sour
Датум на објава: 21 февруари 2012
Продуценти: Ијан Девенпорт
Издавач: PIAS

Листа на песни:
1. Sweet Sour – 3:23
2. Bruises – 3:51
3. Wanderluster – 3:50
4. The Devil Takes Care Of His Own – 3:04
5. Lay My Head Down – 5:29
6. You’re Not Pretty But You Got It Goin’ On – 3:04
7. Navigate – 5:40
8. Hometowns – 3:21
9. Lies – 2:27
10. Close To Nowhere – 4:32

0 коментар

Слични написи

Остави коментар