Japandroids – Celebration Rock [Polyvinyl, 2012]

Кога спој од зборови како “Рок за славје” или веројатно подобро, “Славенички рок”, ќе заврши како наслов на албум, не е никаков шок што тој материјал почнува со звуци од огномет. Трговското збратимување со Кина ја сведе пиротехниката во Македонија на турбофолк-шоу што неповикани сме приморани да го следиме без разлика дали има безначаен, грандиозен или дали воопшто постои повод. На вториот студиски албум на Japandroids, овие светкави ракетки не се само слика изр’тена во умот благодарение на семплувањето. Нивниот мирис на запалив фосфор и пресушен барут се чувствува во зажареноста и експлозивноста на осумте песни што го сочинуваат Celebration Rock. Гледано чисто, како термин, ова име навестува патетики од типот “ливади, цвеќиња и будење на ерата на Водолијата”. По неколку преслушувања, се разјаснува дека ова е плоча низ чии кружни жлебови тече енергијата на животот, но со минимум патетика.

Нагласувам дека таа е присутна оти како поинаку да гледаш на 30-годишни луѓе чии вени се на последен степен пред прскање зашто се напалени да свират младешки рок. Меѓутоа, со оглед на веродостојноста и на најниското можно ниво со која што тоа го прават, Брајан Кинг и Дејвид Праус се од моделот хуманоиди наречени “симпатикус патетикус”. Тие пишуваат, снимаат и ги свират своите нумери и ги пејат стиховите со зрелост на возрасни, но во нив инсталираат дух од периодот кога личните карти не им биле излитени од носење во задниот џеб. Не е во прашање носталгија, нема плачење по “поубавите времиња на рокенролот”, речиси во ниеден момент погледот не се губи во излитените касети одамна заборавени по подрумите. Тупаницата на Celebration Rock удира со силата инспирирана од титаните на рокенролот, но на нејзините прсти има брчки, белези и дамки од скорешното минато и од денешницата.

За разлика од други два дуо-состава нераздвојни од современата сцена, The Black Keys и No Аge, тој од Канада не креира ниту блузерски модификуван поп-рок, ниту панк со екстремистички потреби за силување со бучава. Japandroids делумно беа поблиску до вториов пристап на дебито од 2009 година, Post-Nothing, но на следбеникот гласноста ја престројуваат во епски марш од рефрени што се пеат заедно, во еден глас, со високо кренати и раширени раце. Спротивно од претходното издание, каде што студенилото од северните предели ги вкочануваше сетилата близу до точката на делириум, на ова таа линија брзо се преминува и состојбата што универзално, без утка, се провлекува во сите композиции е – еуфоријата. Не може да се рече дека Celebration Rock е весел рок-албум како што некое цеде на Ријана е поп-остварување што изобилува со среќа. И добро е што материјалот не буди идеи за таков вид, идиотска, прослава закоравена во тралалајките на Дејвид Гета.

Кругот на, условно кажано, славеничката срцевина на албумот се затвора со стихови без зрно цинизам. Денес, особено во понекогаш заморно интелектуалниот инди-свет, пливањето во океан од позитивизам или возењето на автопатот на животот со убава, растегната од уво до уво, насмевка, не носи високи оцени од мистериозното жири. За некои бендови и ѕвезди, особено тие подгрбавени од богатство, мргудосувањето дека пеат за прекрасниот живот е оправдано, дури и очекувано, ама кога тоа доаѓа од мал, вреден и почитуван состав, копањето тунели од сомнеж е непотребно. Силата, моќта, енергијата што во себе ја крие безгрижно отсвирениот адреналински рок понекогаш делува како да е доволна за снабдување гигантска термонуклеарна централа, а Кинг и Праус се потрудиле (и успеале) тоа мајсторски да го зашвајцаат во новите траки. Овој успех, збиен во мелодично лутите 35 минути од Celebration Rock, Japandroids со право на крајот го слави како и на почетокот – со огномет.

Оцена: 89/100

Артист: Japandroids
Албум: Celebration Rock
Датум на објава: 29 мај 2012
Продуцент: Japandroids
Издавач: Polyvinyl

Листа на песни:
1. The Nights of Wine and Roses – 4:02
2. Fire’s Highway – 4:44
3. Evil’s Sway – 4:27
4. For the Love of Ivy – 4:13
5. Adrenaline Nightshift – 4:26
6. Younger Us – 3:33
7. The House That Heaven Built – 4:49
8. Continuous Thunder – 4:59

0 коментар

Слични написи

Остави коментар