Torche – Harmonicraft [Volcom, 2012]

Најчесто мрачен, тежок и агресивен, металот не е музика што секој може да ја грицка како сончоглед пред влез на зграда во приквечерие на топол ден за време на летниот распуст. Безброј работи се променија на оваа сцена за терминот “хеви” да го означува истото од пред триесеттина години, а сепак, зборот ја опфаќа суштината на големата квадратура со која што жанрот им натежнува на слушателите кои во неа уживаат. Не е тоа мачнина, не се работи за тортура, не станува збор за малтретирање иако повеќето што не го сакаат правецот овие три нешта би ги споиле и со тој амалгам од букви би кажале што мислат за металот. Тие, пак, што на него се навлечени, без разлика дали на една, две, повеќе или на сите негови стиловски нијанси, од таа тежина црпат поттик, инспирација и енергија. Torche истата ја зачувуваат, но на единствен начин ја креваат на нови височини спојувајќи ја со весел, мелодичен, поп.

Бендот од Мајами отскокна со оваа неортодоксна формула уште на деби-плочата од 2005 година. Оттогаш наваму не прават драстични креативни исчекори, доволно се свои за тоа да биде излишно, туку со зрели потези ја рафинираат својата музичка и текстуална скулптура. Како и претходните студиски албуми и ЕП-изднија, најсвежото цеде, Harmonicraft, е Torche во полна и препознатлива смисла, но за нијанса, две или три поизделкано. Од 13-те тазе парчиња се зацврстува ставот дека Meanderthal нема да го загуби тронот во композиторската кариера на групата, ама последниот материјал не е оддалечен како неандерталецот и модерниот човек. Дискот е логична прогресија на Songs for Singles, ЕП-то од 2010, и е огледало на промените низ кои што бендот мина изминативе четири години. Суровото лице на песните е делумно испеглано, но не се избришани лузните, а веселото е оклештено како никогаш досега.

Да не се вреѓаме, сепак, ова не е занесен сурферски рокенрол од Калифорнија. Како и поклониците на овој спорт, тоа е подзадушено во шатови од ганџа и океански пејсажи до недоглед, но бидејќи е од Мајами, е замаглено од високата воздушна влажност поради мочурливата околина на овој град од источниот, Атлантски, брег на САД. Или кажано покусо, гитарите и басот се стоунерски матни, ритмите хардкор-пулсирачки, а гласот и рефрените особено, широкопојасно мелодични. Torche и никогаш не биле фабрика за произведување синглови од најбанално заразна форма, меѓутоа, Meanderthal на овој план останува репер за Hamonicraft и за неговиот следбеник. Имајќи предвид дека не се работи за клинци што сега се наоѓаат себеси во универзумот, туку за музичари со ѕверско искуство, ова е повеќе заклучок дека бендот можел нешто подобро отколку дека се претвориле во убијци на сопствениот авторски талент.

Албумот бесрамно илустрира дека Стив Брукс, чиј вокал уште подобро се носи со мелодиите, и бандата се страстни почитувачи на занаетчиската традиција кога во прашање се смислувањето рифови, гласовни линии и нивно аранжирање во куси, просечно триминутни, метал-песни. Тоа е принципот на поп-компонирањето, а четворката од него не само што не бега, туку на најтазе остварувањето похрабро го прегрнува. Дел од песните се побавни, други побрзи, а трети, едноставно, си играат со двете динамики, но сите се исковани на истиот начин, што гарантира дека речиси до крај ќе бидат исчистени од р’ѓа и вишок растопен челик. Певливи се, запаметливи, ама и безобразно цврсти, како што и се очекува од група опседната со хеви-сфаќањето на гитарската дисторзија. Torche сeто овa го усогласува и со Harmonicraft изјавува дека ќе продолжи да се подобрува во занаетот во којшто и онака се мајстори – да создаваат хармонија меѓу метал-нагонот и поп-жанрот.

Оцена: 80/100

Артист: Torche
Албум: Harmonicraft
Датум на објава: 24 април 2011
Продуцент: Torche
Издавач: Volcom

Листа на песни:
1. Letting Go – 2:03
2. Kicking – 2:35
3. Walk it Off – 1:25
4. Reverse Inverted – 3:50
5. In Pieces – 3:09
6. Snakes Are Charmed – 3:14
7. Sky Trials – 1:18
8. Roaming – 3:20
9. Skin Moth – 3:18
10. Kiss Me Dudely – 1:48
11. Solitary Traveler – 2:48
12. Harmonicraft – 3:15
13. Looking On – 6:40

Слични написи

Остави коментар