Orbital – Wonky [2012, ACP]

Соборната црква на електронската музичка религија изобилува со фрески и икони на артисти и бендови што на свој начин влијаеле во пишувањето на нејзината Библија. Тие можат да се поделат на предвесници, современици, револуционери, визионери и забавувачи. Има луѓе што се поклонуваат само на еден од нив, постојат такви кои се крстат на повеќе, а се наоѓаат и лица што буквално во сите наоѓаат поттик за восхит. Меѓу тие суштества со божествени квалитети во електро-звукот, има неколку што во исто време влегуваат во сите графи. Во тоа одбрано друштво едно име отсекогаш ми било запишано со црни, големи, болдирани и подвлечени букви – Orbital. Како и сите што од нив чекаа издание барем на приближно квалитативно ниво на Snivilisation / In Sides ерата, така и јас се подмочав од радост на муабетите дека планираат камбек со албум налик споменатите. Со Wonky токму тоа и го испорачаа.

Да разјасниме уште во вториот параграф – ова не е ремек-дело како наведените две плочи од најславната фаза на дуото, но не е ниту помалку залутано, остварување како дисковите издадени од 1999 до 2004 година. Не дека тие беа очајни – посодржајни се и сега од поголемиот “струен” материјал што излегува денес – ама и не беа посебни како збирките од 1994 и 1996 година. Следно нешто што мора да се расчисти е дека ова не е современ електронски албум во класичната смисла на тој збор, не е ниту дапстеп, ниту е изваден од дневната соба и фала богу, не е од оној Дејвид Гета сајзер-транс којшто торпедира мозок од секој проклет ќош, често паралелно со турбофолк. Далеку, пак, од тоа дека е неактуелен или исклучен од времето во коешто е објавен, меѓутоа, Wonky гордо црпе од периодот кога “свирењето” и семплувањето беше во преден план и го телепортира во 21 век.

Orbital отсекогаш сум го гледал како “композиторски” електронски бенд, со длабоки корени засадени во рокенролот, зајакнати со класичарско чувство за мелодија и џез-наклоност кон импровизација. Браќата Хартнол и на Wonky тераат сличен филм, а пријатно изненадува колку целиот крајно нивен спој не делува модерно, не се грижи премногу за електро-постулатите од 21 век, а сепак, не звучи како ништо друго на сцената. Материјалот е игрив, можеби на моменти дури и детски (ова е комплимент), во начинот на којшто скока од мелодија во мелодија, од звучна боја во звучна боја, од ритам во ритам, од семпл до семпл. Пријатно е да се чуе дека по авторска пауза од осум години и деценија и пол по In Sides, Фил и Пол сè уште поседуваат талент за уникатно билдање атмосфера и за емотивно ослободувачки кулминации. Можеби и сум досаден со споменувањето на изданието што содржеше песни како P.E.T.R.O.L. и Adnan’s, ама самиот факт дека ја употребувам таа референца, е мераклиско.

Денешната верзија на групата е за нијанса помалку опседната со пишување долги, епски, дводелни траки, но истото чувство на претопување на широките простори (и мисли) во звук и тоа како е присутно. Бендот тоа го прави со оптимистички тон иако има и доволно моменти на потиштеност за да не се случи позитивизмот да премине во панаѓур. Плочава не е типична денс-растурачина без разлика што речиси сите песни имаат сегменти од кои што би се растресле основите на подиумот. Материјалот, додуша тоа важи и за неговите претходници, е воглавно за домашна, индивидуална, употреба, но во него е оставен доволен простор за да може да се прилагоди на лајв-амбиентот. Од понуденово, гарантирано, Orbital ќе направат концертен концепт каков што сè уште ретко кој во електрониката може, ако ништо друго, барем да го ископира, а не да го стигне. И тоа ќе го изведат користејќи “неактуелен”, искривен – Wonky –  и екстремно сопствен музички код.

Оцена: 80/100

Артист: Orbital
Албум: Wonky
Датум на објава: 2 април 2011
Продуцент: Фил и Пол Хартнол
Издавач: ACP

Листа на песни:
1. One Big Moment – 6:16
2. Straight Sun – 5:28
3. Never – 4:43
4. New France (feat. Zola Jesus) – 4:47
5. Distractions – 7:04
6. Stringy Acid – 5:19
7. Beelzedub – 4:54
8. Wonky (feat. Lady Leshurr) – 6:13
9. Where Is it Going? – 5:50

Слични написи

Остави коментар