Every Time I Die – Ex Lives [Epitaph, 2012]

Во делумно пренаселениот металкор-свет, каде што хардкорот и металот изминатава деценија се претопуваат и помалку предвидливо, Every Time I Die од самите почетоци беа изроди од прва класа. Тие не се потпираат исклучиво на чуга-чуга рифови, не се џанкерски зависни од вметнување лесни брејкдауни во секоја песна, не ја пасираат до бескрај истата аранжерска формула. Групата од Бафало ја истакнува мрснотијата на гитарите со неверојатна доза непредвидливост, запаметливите мигови во кои што ги кршат песните секогаш се трудат да отскокнуваат, а авторските решенија, во најмала рака, можат да се дефинираат како – шизофренични. И покрај тоа, особината што им ја запечатува уникатноста е налевањето луто, јужњачко, рок-виски, врз целиот и онака очигледно жесток микс. На новиот албум, Ex Lives, по извесно време, таа бурност се приближува, ако не и изедначува, со избувливоста на раните изданија.

Овие 32 минути (проширената верзија трае 40) се машина за мелење чии секачи се одамна во употреба, но бидејќи се тазе избрусени, сè распарчуваат без да покажат премногу знаци на шлајфување. Процесот почнува со максимален број вртежи на Underwater Bimbos from Outer Space, трака со бизарна масивност што се едначи само со гротескноста на нејзиниот наслов. Таа е перфектен отворач на плоча, несомнено еден од најимпресивните на хеви-сцената последниов период. Со неа Every Time I Die прави парам-парче како што Тонг По крши кичми. Демонстрацијата на боречки хардкор-вештини продолжува на хаотичната Holy Book of Dilemma чии грајндерски испади го фрлаат Ex Lives во уште побезмилосен вител на бруталност. Степенот на тежина не се спушта ниту на A Wild, Shameless Plain, но добива епска, бавна, хедбенгинг форма, со која што искусно се менува динамиката на материјалот.

Typical Miracle нè враќа на панк-основите, само што, тие се зајакнати со рок-арматура произведена во долните делови на Соединетите Држави, а I Suck (Blood) продолжува во иста насока, ама нејзината лудост е отелотворена во спид-треш-метал рифови. Таа некаде на средината добива благуњав, певлив, облик што би бил безгрешно рефренче, но ETID лефтерно го арчи за 15-ина секунди и се враќа на манијакалноста. Бенџото ја најавува Partying Is Such Sweet Sorrow, нумерата што ја дели плочата на две половини и во која што сите претходни и елементите што следат, занаетски се врамнотежуваат. Во неа има цинизам, иронија и забава, меѓутоа и умешност, суровост и грув. Петорката се враќа во шизо-фазон на The Low Road Has No Exits, но и тука природно ги вклопува парчињата леплива мелодичност. Токму таа го покажува своето спектакуларно лигаво лице на Revival Mode. Тука им гостува Џон Крајст, првиот гитарист на Danzig, но за оваа песна Every Time I Die може да бидат обвинети дека и бесрамниот бонџовизам го направиле да звучи неочекувано кул. Знам, вџашувачки, ама функционира.

Неврозата, сега со средно темпо и романтичен рефрен, пак се истопорува во преден план на Drag King. Непосредно пред финишот, Touch Yourself, со извонредниот ди-бит нагласува да не заборавиме дека ова, всушност, е пеколно бесно остварување. Групата, од никаде неповикана, на Indian Giver од џеб вади и алтернативен метал/рок, на кој тие со инструментите и оние пред звучниците, добиваат шанса да земат здив по половина час беснеење. Проширената верзија на дискот продолжува со уште три поприлично силни теми, целината губи незначително и со нив, но таа најприродно се заокружува со 11-тата песна. Во последните секунди фонија не одѕвонува само нејзиниот крај, туку и гневот којшто, со изолирани моменти на опуштање, разорува речиси непрекинато во сиот тек на плочата. Every Time I Die мораше да пробуричка по поранешните животи за да ја пронајде таа крволочност, а поради неа Ex Lives се вбројува меѓу најголемите креативни достигнувања на бендот, но и на актуелната металкор-сцена.

Оцена: 90/100

Артист: Every Time I Die
Албум: Ex Lives
Датум на објава: 6 март 2011
Продуцент: Џо Бареси
Издавач: Epitaph

Листа на песни:
1. Underwater Bimbos from Outer Space – 2:43
2. Holy Book of Dilemma – 1:49
3. A Wild, Shameless Plain – 1:49
4. Typical Miracle – 2:26
5. I Suck (Blood) – 2:56
6. Partying Is Such Sweet Sorrow – 3:12
7. The Low Road Has No Exits – 2:52
8. Revival Mode (feat. John Christ) – 3:46
9. Drag King – 4:12
10. Touch Yourself – 2:18
11. Indian Giver – 4:10

0 коментар

Слични написи

Остави коментар