Dubioza Kolektiv – Wild Wild East [Koolarrow, 2011]

Пред да ги откријам System of a Down, веројатно 1998 година, имав неподносливо крут став кон мешањето гитари и народно. Разбирливо, турбофолкот во деветтата деценија од 20 век напаѓаше со секое расположливо средство, дури и со дреч-тренерки пикнати под струк. Не ни помислував дека денес, речиси деценија и пол подоцна, ова ѓубре од култура ќе труе на секој ќош во Скопје. Поттикнати изгледа од мизерниов тренд, што достигнува римско-колосеумски размери, многумина се расфрлаа со дрвја и камења и по Dubioza Kolektiv, зашто во последно време и кај нив “се претера” со народњачкото. Не е изненадување што тоа се поклопи со драстичното омасовување на следбениците на босанската група. Држи вода дека фолкот од сите балкански бои и раси на нивниот нов диск, Wild Wild East, добил најмногу простор досега, но бидејќи со него се дружат уште од почетокот, глумењето изненадување е само тоа – актерска игра.

Семплуваната грамофонска плоча и блех-јуришот тоа го ставаат до знаење во првите секунди од Wake Up. Потоа доаѓа регето, хип-хопот, рокот и стиховите со политичко-општествена тематика. За Dubioza Kolektiv, ништо ново. Составот истото го прави од основањето во 2003 година, а ова им е петти студиски албум и вкупно осмо издание. Бесмислено е сега да се биде шокиран. Овој коктел најчесто или се сака или се мрази. Средина нема или е незначајна. SOAD се поголеми мајстори од бендот од Зеница, но и на нивниот алтернативен метал зачинет со ерменски фолк или инстант се навлекувате или веднаш ги острите сабјите за критички напад. Сечењето е право загарантирано од Обединетите Нации, но и тие што ја распоруваат босанската група, ќе имаат мака да негираат дека таа е забавна. Баш дека е невоздржано entertaining, седморката, а и оваа позитивна рецензија, ич не се хип, кул и еволуирани. Човече.

Веселата страна на оваа перцепција е што Dubioza Kolektiv и бендови со сличен нагон, како Kultur Shock, сериозно ја сфаќаат емотивната длабочина на балканскиот фолк, а иронични се околу дифтарското модерно лице на оваа култура. На пример, Euro Song и Balkan Funk се спрдачење пар екселанс и за љубениот ни регион и за семејството што срамежливо сакаме да нè посвои, ама само под услов да не се промениме. Трубарење со сличен интензитет се слуша и на Making Money и на U.S.A., а истото кулминира на Celebrate the Riot. На “Дивиот, Див Исток” не е сè фолкерај. Всушност, најмногу е реге и даб, нешто помалку хардкор и рок, а дури потоа доаѓаат традиционалните мелодии. И како и на претходните дискови, материјалот грува беспрекорно. Седумте членови искусно се надоврзуваат и создаваат спој од заразна енергија и позитивни вибрации. Бендот избира да биде едноставен и со силна верба го става тоа на албум.

Да немаше толку приземјен, народски, пристап кон музиката, босанската група ниту под разно немаше да се искрши од свирење на Балканов и во Европа, ниту, пак, ќе ја создадеше сегашната армија на обожаватели. Доколку повод за тоа беше засилениот фолкерај, негодувањето за бендот ќе беше оправдано. Арно ама, осум години и пет албуми развивање на истата – нивна – формула, на колективот од Зеница му дава право да ги бере плодовите од напорната работа. А дека се посветени, најилустративен доказ е листата со настапи – 72, само сезонава. И секаде составот го остава срцето на бина. Тоа неколкупати сум го забележал во Скопје, а ми се потврди и на годинашниот In Music во Загреб и на некое од претходните изданија на EXIT во Нови Сад. Енергијата што Dubioza Kolektiv ја исфрла на сцена е збиена и во нивниот последен албум, Wild Wild East. Фолкот на него е само еден од елементите, а дека не е одбивен како што ние сакаме да мислиме, кликајте тука и читајте колку целиот микс добро им звучи на луѓе што немале контакт со неговите современи, чаше ломим, идолопоклоници.

Оцена: 78/100

Артист: Dubioza Kolektiv
Албум: Wild Wild East
Датум на објава: 13 септември 2011
Продуцент: Брано Јакубовиќ
Издавач: Koolarrow

Листа на песни:

1. Wake Up – 03:27
2. Euro Song – 03:23
3. Making Money – 03:06
4. U.S.A. – 03:52
5. Decisions – 03:19
6. Warning – 03:06
7. Move Ya – 03:41
8. Celebrate the Riot – 03:23
9. Whistleblower – 04:08
10. Balkan Funk – 03:18
11. 90s Surprise – 03:30

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

Слични написи

8 коментари

Васил 27/11/2011 - 10:52

Споредувањето на на SOAD со Dubioza Kolektiv во однос на мешањето на гитари и фолк не држи вода. SOAD за разлика од Dubioza Kolektiv својот музички начин на изразување уште од самиот почеток го засновале на тоа мешање (http://www.youtube.com/watch?v=5vBGOrI6yBk) додека пак Dubioza Kolektiv во последниве години ја наоѓаат формулата за заситување на широката маса, гладна за конзумирање на фолк елементи. Нивните почетоци се драстично различни (http://www.youtube.com/watch?v=SuJJbyInRcc). Тоа не значи дека бендовите не треба да еволуираат, но ако еволуирањето подразбира интегрирање на фолк елементи тогаш не верувам дека имаме успешна музичка еволуција.
Жално е што музиката во последните години се заснова на заситување на конзумеризмот и е водена од широката народна маса, наместо да биде обратно.
На страна од музичкиот израз се концертните настапи на Dubioza Kolektiv кои се на невидено високо ниво. Но ова е чинам, рецензија на албум, а не концертен рапорт.

Reply
Александар Саздовски 27/11/2011 - 18:54

Не знам каде прочита споредба на SOAD и Dubioza Kolektiv. Тоа се вика паралела. Ја искористив за да кажам како мојата перцепција се променила, а не да кажам кој од двата бенда е бољи (иако подоле и тоа го нагласувам).

Иначе, имаш право, Dubioza Kolektiv на првиот албум (2004) не користи фолк, туку на вториот (2006) – http://www.youtube.com/watch?v=I37UbqHuV1I#t=3m21s

Овде со масава не си ми јасен. Зарем сакаш да кажеш дека, на пример, вртење на MTV и освојување врвови на нивни топ-листи не е симбол за заситување и конзумеризам? Се согласувам дека со музика, меѓу другото, се заситуваат потребите на широките народни маси, ама па, тие истите широки народни маси беа заситувани и од The Beatles, Queen, Nirvana, R.E.M. Radiohead итн. По таа логика, и Тони Китановски, кој почна како класичен џез-гитарист, со Черкези заситува народни маси, а богами и Зек Кондон од Beirut, кога снимаше и настапуваше со Кочани оркестар, истото го правеше.

А за тоа дека концерти не смеат да се спомнуваат во рецензија на албум ќе ти верувам, гарант е напоменато во некој прирачник за тоа како тие смеат, а како не е дозволено да се пишуваат.

Reply
Васил 28/11/2011 - 09:59

Политички ангажирани текстови со вметнати фолк елементи – SOAD, а и Dubioza Kolektiv. Споредба, паралела како сакаш наречи го. Тоа е! Поентата ми беше дека SOAD се формираат со идеја за таков микс, а не им се раѓа после неколку години за да ја најдат формула за успех.

Што се однесува до масата….не можеш да ги споредуваш бендовите кои ги наброја со било кои други. Затоа што сите токму тие бендови во тоа време ја воделе MTV, а не MTV нив, каква што е сега ситуацијата.

“А за тоа дека концерти не смеат да се спомнуваат во рецензија на албум ќе ти верувам, гарант е напоменато во некој прирачник за тоа како тие смеат, а како не е дозволено да се пишуваат.“ – оваа реченица ти е малце непотребно дрска….

Reply
Александар Саздовски 28/11/2011 - 19:55

Споредба и паралела се прилично различни работи. Не можеш едноставно да тврдиш (со “тоа е!”) дека сум ги споредил, кога јасно е дека не сум ги споредил.

Ако според тебе користење фолк-елементи од втор албум (2006 година, сега сме 2011) не се почетоци, во ред, поинаку ги калкулираме.

А во поглед на дрскоска…зарем не е подеднакво дрско да солиш памет што смее, а што не смее да се пишува во рецензија за албум? Ич немам проблем, ако сакаш, соли, за тоа се коментарите, ама дозволи со иста мерка да ти вратат.

Reply
Васил 28/11/2011 - 21:05

На исто место ги ставаш. Едно до друго. Не знам колку јасно е дека не си ги споредил кога пишуваш кој е бољи. Според мене тоа значи дека споредуваш, а не правиш паралела.

Не станува збор воопшто за калкулирање на години, туку менување на својата музичка насока со вметнување на елементи за заситување на широката народна маса, пошто научила да јаде фолк низ годините. Што ќе рече, независните музичари дозволуваат да бидат носени од масата, наместо да биде обратно (како во примерот со бендовите што ги наброја во првиот коментар)

Солам памет?! Wow!? Okej…..

Reply
Александар Саздовски 29/11/2011 - 08:23

И ја и ти на исто место коментираме и на иста тема, па не значи дека сме споредливи. Ја SOAD ги користам како појдовна точка од која што ја извлекувам паралелата за мојата промена на перцепцијата на фолкот поради која, логично, сега немам проблем со насоката во која што се движи Dubioza Kolekiv.

Инаку, да, станува збор за калкулирање на години, бидејќи во првиот коментар ме убедуваш дека SOAD почнале со фолк-метал формулата, а DK, не почнале. Со тоа што ти дадов пример од песна од 2006 година ти укажав дека грешиш, затоа се битни годините. И плус, Dubioza уште од прв албум пее за неправди и политика, така да, и тука не си во право.

А на ова “…широката народна маса, пошто научила да јаде фолк низ годините” само можам да се насмеам пошто ако нешто широката народна маса ОТСЕКОГАШ правела е јадење фолк. Консумирањето поп, рок и остало, тоа е релативна новина. И на крај краева, од кај знаеш ти зошто некој бенд се менува на одреден начин? Можеби го направиле тоа за да допрат до повеќе луѓе, ама зарем се првите? А можеби и го направиле зашо им ќеиф, зарем тоа е погрешно?

Целава дискусија се сведува на тоа што ние тука имаме проблем кога фолкот се меша со поп и рок, ама немаме проблем кога Bonnie Prince Billy или Bon Iver својата музика ја базира на кантри, што е хардкор амерички фолк. Точно, и на Балканот и во САД има бендови што тоа го прават на срање начин, ама за мене Dubioza Kolektiv го прави на добар. И со тоа се согласуваат многу луѓе. Get over it.

Reply
Васил 29/11/2011 - 09:17

Со прашалните реченици непотребно напаѓаш и бидејќи коментарите ги гледам како простор во кој треба да имаме дискусија со отворен гард, а не со боксерски ракавици I will retreat myself.

Reply
Александар Саздовски 29/11/2011 - 09:40

Хммм, првпат слушам дека со прашалници се напаѓало. Епа ај уште малце да те напаѓам, а???????? Пошто наредив толку многу, ова гарант е инвазија.

Reply

Остави коментар