Водич во Таксират 13: Што треба да се види [1/2]

Со настапот на босанскиот бенд Dubioza Kolektiv вечерва почнува еднонеделниот, 13-ти по ред, фестивал “Таксират”. Од денеска до следниот четврток, ќе има свирки во клупски амбиент, додека на 3 декември е централната вечер, што традиционално се одржува во “Метрополис арена” на Сајмиште. Програмата не совршена, поголем дел од носечките имиња извесно време не се во врвот на светската музичка игра, но грешка е да се тврди дека нема што да се види и слушне. Како и секогаш, регионалната сцена добива солиден дел од програмскиот колач, а супер е што и домашната добила речиси исто парче. Следува првиот дел од листата на изведувачи што треба да се гледаат на годинашниот “Таксират”.

Atari Teenage Riot: Дигитална хардкор катаклизма

Датум: 29 ноември 2011
Време: 20.00
Локација: Club Colosseum
Заедно со: Kanton 6 и Project 2501

Името Atari Teenage Riot ми беше магливо познато и порано, но за бендот вистински се заинтересирав откако ја слушнав No Remorse (I Wanna Die). Песнава од саундтракот за ужасната филмска адаптација на стрипот Spawn го спои германскиот состав со Slayer. Разорнава трака поттикна истражување на каталогот и лабаво следење, но со групата ја изгубив врската, а и Алек Емпаер ја растури во 2000 година. Не можам да кажам дека лани ме полазија морници кога пак се собраа, но по слушањето на четвртиот студиски албум, објавен годинава, бев присилен да си признаам дека нивното обединување не е само маркетиншки трик. Делумно, секако дека е, ама нека се јават паметњаковиќите што лагано ќе продадат електронска музика до ова ниво бескомпромисна. И особено сум љубопитен да видам како моето кревко Скопје ќе изреагира на нивната дигитална хардкор катаклизма.

Šutka Roma Rap: Остри рими од срцето на Шуто Оризари

Датум: 30 ноември 2011
Време: 20.00
Локација: Club Colosseum
Заедно со: S.A.R.S и General Woo

Љубовта на Ромите кон музиката и поврзаноста на овој народ со песната е неописливо посебна, а кога таа е хип-хоп креиран на сокаците во Шутка, резултатите имаат уште подлабок жиг на препознатливост. Римите и ритмите создадени во најголемата ромска населба во светот изобилуваат со слики, приказни и пораки од реалност што, дури и за македонските просечни услови, не делува дека некогаш ќе стигне до зборот “розова”. Таа суровост на животот преточена во улична рап-поезија лани излезе на компилација што на исто парче пластика собира голем дел младите хип-хоп-изведувачи од Шутка. Ова цеде во себе ја носи неизделканата енергија типична за вистински стрит-артисти. Тоа го почувствуваа дури до Данска. Група родена од дискот, настапи на годинашното издание на Roskilde. Во споредба со мегафестивалот, Скопје в среда ќе има можност да ги гледа и слуша во поблиска, клупска, атмосфера.

Kawasaki 3P: Опуштени хрватски ска-панк-зезатори

Датум: 1 декември 2011
Време: 20.00
Локација: Club Colosseum
Заедно со: Rise оf Artificial, Jaya the Cat и Dj Lazy Face

Ска-панкот ми е еден од пролазните, не-се-замарај-ич-жанрови, што е екстремистички позитивен и насмеан за мој вкус. Без разлика што зазема такво место во мојот џубокс, постојат бендови од овој тип што ми фаќаат око. Разбирливо, кај Kawasaki 3P прво се залепив за името. Во личниот музички правилник, сите групи што се доволно луди да се крстат себеси според моторцикл или автомобил заслужуваат шанса. Најголем дел од нив се само смешни, но си го оперирале осетот за добра песна. За искусниот хрватски состав на ова поле нема оскудација. Тие се придржуваат на етаблираните контури на ска, панк и реге-комбинацијата, само што ја киднапираат и ја надополнуваат со свој, досетлив, хумор. Целиот зезаторски пристап на крајно релаксиран и свирачки начин природно доаѓа до израз на најбитно место и во најбитна форма – на бина, во живо.

Kaiser Chiefs: Инди-рокери со хитмејкерска жичка

Датум: 3 декември 2011
Време: 19.00 (почеток на фестивалот)
Локација: Метрополис арена, Скопски саем
Заедно со: Buraka Som Sistema, Clawfinger, Asian Dub Foundation, Fat Joe и Т.Б. Трачери

Сајзерите на Everyday I Love You Less and Less, песната што го отвора нивниот деби-албум, Employment, најразбирливо ја сублимираат суштината на Kaiser Chiefs. Тие се лесни, продорни, запаметливи и ритмички повикуваат на танц. Речиси целиот опус на бендот од Лидс може да се опфати со овој збир од зборови. Иако ниту на почетокот, а камо ли сега, не беа на креативното ниво на Franz Ferdinand, кајзерите изградија имиџ на група што знае да испорача солидни албуми со барем еден голем, радиски, хит. Од Yours Truly, Angry Mob наваму композиторските способности помалку им лутаат, но и покрај тоа, концертната побарувачка за составот ширум светот не опадна драстично. За фановите на популарниот инди-рок, а и за страстните љубители на современиот звук воопшто, настапот на поглаварите во Скопје треба да е во врвот на агендата. И освен тоа, како што би рекол Трипе, градов конечно во живо ќе може да ја чуе омилената песна “Љуби, љуби, љуби”.

[related_posts limit=”3″ image=”35″]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар