Gorgoroth, Vader и Adimiron во МКЦ

Не памтам точно од кога, ама сигурен сум дека Скопје одамна е на принудна диета кога се во прашање концерти на поголеми метал-имиња, без разлика дали тие се од помеинстрим или од поандерграунд страната на оваа сцена. Овој пост ќе прекине во 19.30 часот во вторник (6 декември), кога во Младинскиот културен центар ќе гостуваат Gorgoroth од Норвешка, Vader од Полска и Adimiron од Италија. Тоа е знак дека публиката ќе има можност да ги слуша блек, дет и треш-варијациите на металот на троа повпечатлива бина од клупската. Не одгледувам никаква омраза кон неа, многу свирки се и онака подобри во такво опкружување, но дека одвреме навреме треба да имаме шанса да одиме на поголем метал-настан, нема сомнеж.

Официјалниот распоред го немам, но логично е да се претпостави дека Adimiron ќе ја отвори вечерта. Италијанскиот бенд досега издаде два студиски албума и пред некој го објави и третиот, K2. Етикетата што ги промовира, Baker Team Records, ги дефинира како авангарден метал-состав со жестоки треш и прогресив-влијанија. Од постарите клипови на YouTube и од тизерот за новото цеде се забележуваат двете последни страни во нивниот израз, додека баш и не ја гледам авангардноста. Без разлика, јасно е дека се работи за релативно нова, но стегната група што досега ја делела сцената со имиња како Annihilator, Death Angel, Meshuggah и Sepultura.

За ветераните на светската дет-метал-сцена, Vader, концертот во вторник ќе биде втора изведба во Скопје. Тие дебитираа пред македонската публика во јули 2004 година на Лизгалиштето во главниот град. Тогап дојдоа во периодот пред објавата на албумот The Beast, а сега ќе свират откако во август го издадоа Welcome to the Morbid Reich, новиот, деветти, студиски албум во кариерата. Единствениот член од оригиналната постава на групата, Пјотр Вивчарек – Питер, на ова издание, но и на турнејата од тројца помлади и извонредно талентирани музичари. Формулата на полскиот бенд отсекогаш била цврста, моќна и доследна, ама освежената постава во неа внесува посебна агилност и енергија. Супер е што има повеќе состави на програмата, ќе ми биде мило да ги гледам и Gorgoroth и Adimiron, но, искрено, за мене Vader се носечкото име на вечерта.

Турнејата што ќе го посети во Скопје во вторник е насловена The Sign of Hell, а нејзини предводници се токму Gorgoroth. Формиран во 1992 година од Infernus, кој денес е единствениот член од првичната постава, овој блек-метал-бенд зад себе има осум авторски албуми. Во 2011 составот ја издаде новоснимената верзија на Under the Sign of Hell, дискот што оригинално излезе во 1997 година. Според последните информации, објавени во мај, Gorgoroth посветено работи и на пишување целосно нова колекција со авторски материјал, но нема потврда кога таа ќе биде снимена и издадена.

Слични написи

Остави коментар