Jeniferever – Silesia [Monotreme, 2011]

Кутијата во која што Jeniferever најчесто се спакувани на надворешната страна има коцкеста, фино дизајнирана, лепенка со терминот пост-рок оптегнат од едниот до другиот агол. Членовите на бендот од Упсала, што в четврток свири во клубот La Kaña во Скопје, на ваквата перцепција на нивната музика, најблаго речено, негодуваат. Во право се, ама не до крај. Квартетот дефинитивно не се занимава со кревање кули од повторувачки гитарски акорди, како најголемиот дел – одлични, просечни или очајни – претставници на глупаво именуваниот жанр. Шведската група, основана уште во 1996 година, недвосмислено, пишува песни во кои може да се препознае што е вовед, што строфа, што рефрен, а што солажа. Пост-рокерите со ништо од ова не се замараат и затоа на грб ја носат таа етикета. Тоа што четворката од северните европски краишта не може да го негира, колку и гласно да укажува, е дека создава музика со пост-рок-тон, со епска атмосфера и потресна, човечка, драма.

На Silesia, студискиот албум број три, Jeniferever успешно го форматира хард-дискот од пост-рок-остатоците во својата авторска конфигурација. Ја задржува чувствената, емотивно нежна и развлечена, страна на жанрот, без притоа да се потпира само на една мелодија или хармонија што на секоја нумера ја напластува до точка од која се очекува единствено експлозија. Можеби затоа Silesia е послаб албум од претходникот, Spring Tides. На ова цеде групата прецизно ја порамни експанзивноста со гитарски и со вокални линии со интелигентен поп-квалитет. Такво ширење на композициите нема на новото издание. Или е потиснато до степен што го прави ирелевантен за вкупниот впечаток што материјалот го остава кај слушателот. Тука бендот решил да се потпре на еден елемент – компонирањето – што резултирало со воглавно убава селекција на песни. Повеќето самоуверено пливаат во морето на емоциите, но некои од нив во себе содржат делови што заглавуваат во живиот песок на безличноста.

Не е страшно. Тоа би можело да ги разочара само тие што очекуваат и на Jeniferever им посакуваат влез во првата лига со музички имиња што се натпреваруваат кој од поголем број фрижидери ќе ги вади од памет кутрите дечиња, домаќини и домаќинки. Тие, пак, што во Spring Tides го видоа врвот на дотогашната креативност на групата, нема да се почувствуваат предадени, но сигурно ќе останат со неколку дози возбуда помалку од таа што ја предизвика плочата од 2009 година. Поглавјето во кое Silesia е минимално поимпресивен од претходникот е динамиката. Новото цеде е исполнето со емотивно различно обоени композиции иако меланхолијата доминира со сите, што е очекувано и посакувано, оти бендот докажа дека ужива и знае како да танцува со нејзините темносино обоени чевли. Нема рокачини, но има акустика, фини соло-моменти и глас истуркан уште понапред во миксот. Нормално, не до толку, за да звучи како плоча на кантавтор, а не на четиричлена група.

Колективноста е сè уште пристапот што составот го избира, само што сега во најголем дел се држи до четири инструменти (бас, гитари, тапани и вокал), надградени со мала доза електроника од клавијатури. И пијаното игра улога, но е значително поспоредна отколку на Spring Tides. Звукот, снимката, исто така, изненадува со топлината, што се должи веројатно на фактот дека бендот материјалот го снимил во живо, во студио во Гетеборг познато по аналогната опрема. Се слуша препознатливата прецизност, дури и можеби студенило, на скандинавските состави, но тоа е избалансирано со вокалите, кои како и на секое остварување на групата, се нежни, романтични, беседнички. Сето тоа е како монолог што речиси секој одвреме навреме го води во себе, но сценариото по кое тој е изведен не оддалечува, туку лесно зближува со репликите на Silesia. Со нив Jeniferever си создале сопствена Шлезија, која изобилува со музички минерали и природни емотивни ресурси. За да ги ископаат, многумина од нас, момци и девојки разгалени од градот, ќе влегуваат во окното на фантазијата и ќе веруваат оти можат да бидат нешто што е незамисливо тешко и чесно – рудари.

Оцена: 77/100

Артист: Jeniferever
Албум: Silesia
Датум на објава: 11 април 2011
Продуценти: Jeniferever
Издавач: Monotreme

Листа на песни:
1. Silesia – 6:50
2. Waifs & Strays – 5:19
3. The Beat Of Our Own Blood – 4:27
4. A Drink To Remember – 7:18
5. Deception Pass – 4:13
6. Cathedral Peak – 6:12
7. Where The Hills Fall Towards The Ocean – 4:15
8. Dover – 4:50
9. Hearths – 9:06

[related_posts limit=”5″ image=”50″]

Слични написи

Остави коментар