Hugh Laurie – Let Them Talk [Warner, 2011]

Глумците често велат дека играњето во телевизиски серии повеќе сезони става крст на нивните идни надежи за добивање разновидни улоги. Веројатно е така. Патрик Стјуарт е извонреден театарски актер, опасен шекспировец, ама да не се зезаме, за сите бил и ќе остане, Капетан Пикард. Сепак, кога зборуваат на оваа тема, глумците често не наведуваат една можеби уште поважна перцепција што се создава откако тие неколку години ќе газат со чевлите на ист ТВ-лик. Освен што ги идентификува со одредено име сместено во конкретно дејствие, ваквата ролја создава претстава дека и карактерот на актерот е фотокопија на човекот во чија кожа е со години. Од што е толку добар како Хаус, Хју Лори изгледа како и во реалноста да е толку неподнослив, но и брилијантен.

Нема ниту зрно сомнеж дека тоа е само слика изградена од екранот, но реално, за 99.9 посто од публиката, таа е единствената. Вистинската може да биде иста, целосно спротивна или некаква мешавина, ама се сомневам дека има гледач кој на споменувањето на името на Лори нема да помисли оти овој тип и кога не се вклучени камерите е кретен што не можеш да не го почитуваш. Единствено таа, почитта, ми прелета низ умот кога дознав дека бившиот член на незаборавната “Црна Гуја” на 51 година ќе дебитира со блуз-албум. Разбирливо, веднаш потоа ми текна и слатко си се изнасмеав на обидите на Кијану Ривс, Брус Вилис, Расел Кроу и низа други холивудски ѕвезди да станат музичари. И Скарлет Јохансон рикаше во микрофон пред некоја година, по што почна да фаќа корен сомнежот дека и Лори ќе си се забие себеси на колец.

Како Хаус, кој најчесто испорачува резултати спроти очекувањата, англискиот глумец колецот го претворил во копје и со него стрелал изненадувачки близу до центарот на блуз-целта. Со Let Them Talk, Лори нема да го впише сопственото име на паметникот на овој непроценливо битен жанр за развојот на модерната музичка култура. Во блуз-светот, вредноста на гостите и инструменталистите на изданието, меѓу кои се и Ирма Томас и Алан Туисан, е неспоредливо поголема во споредба со филмската и ТВ-популарност на актерот во големата холивудска таписерија. На блуз-сцената, Томас и Туисан се Анџелина Џоли и Бред Пит, но не се во брак, ниту во романтична врска, ниту, пак, полнат насловни страници на таблоиди. Некој ќе рече дека со таква екипа Лори не можел да промаши. И ќе погреши.

Во сите музички стилови е така, но кога станува збор за блузот, позерството, пувањето и глумењето лудило изглегуваат на површина додека да трепнат тие што се осудиле да газат во неговите мочурливи води. Тие можеби се матни, не се замараат со продукциски пируети, но од нив истекуваат чисти, невоздржани, чувства. Лори во тој поглед не глуми. Гласот му е ист како во Хаус, дури не се ни обидува да го скрие симпатичното “шушкање”. На пијаното, пак, изненадува со мирните прсти и со мелодиите што будат слики од францuскиот кварт во Њу Орлеанс и од остатокот од Луизијана, каде што блузот е еден вид национална гордост. Имајќи го тоа предвид, Лори е исклучително внимателен со песните од градот погоден од Катрина. Можеби не ги изведува како блуз-мајстор израснат на полиња за памук, но барем не ги сквернави.

Уште подобра страна на албумот е што глумецот не се ограничува само на тоа да не го оштети вечното блуз-богатство, туку се обидува и да се внесе себеси во фино избраната листа на нумери. Не го прави тоа секогаш убедливо, на моменти потфрла во вклучувањето на страста без која жанрот е како празен, но вкупниот впечаток е дека актерот не ја користи оваа прилика за да игра музичар, туку со разиграност типична за дете, ужива во музиката што ја избрал да ја обработи. Материјалот дише токму со таа обожавателска, фановска, страна на карактерот на славниот актер. Во топлиот опис на плочата на својата интернет-страница, ТВ-ѕвездата признава дека е “бел Англичанец од средната класа што отворено прави престап врз музиката и митот за американскиот југ”. Кој што сака нека зборува, ама Let Them Talk е пример оти Хју Лори не треба со стап да се набрка од жанрот што дури и премалку луѓе денес го слушаат. Тој е добар блузер, а не холивудски позер што посакал да се испроба и како музичар, па завршил како лузер.

Оцена: 77/100

Артист: Hugh Laurie
Албум: Let Them Talk
Датум на објава: 8 мај 2011
Продуценти: Џо Хенри
Издавач: Warner

Листа на песни:
1. St. James Infirmary – 6:25
2. You Dont Know My Mind – 3:39
3. Six Cold Feet – 4:55
4. Buddy Boldens Blues – 3:12
5. Battle of Jericho – 3:47
6. After Youve Gone – 4:09
7. Swanee River – 2:43
8. The Whale Has Swallowed Me – 3:37
9. John Henry – 3:34
10. Police Dog Blues – 3:33
11. Tipitana – 5:06
12. Winin Boy Blues – 2:59
13. Theyre Red Hot – 1:12
14. Baby, Please Make a Change – 4:57
15. Let Them Talk – 4:10

[related_posts limit=”5″ image=”50″]

0 коментар

Слични написи

Остави коментар