The Streets – Computers and Blues [Atlantic, 2011]


Освен поради изостреното сетило за ритми и за рими, Мајк Скинер стана толку славен и почитуван оти сè уште со себе и во себе го носи духот на околината или на околностите во кои што растел. А можеби и неговото сетило за ритми и за рими е изострено до тој степен токму затоа што во душа сè уште е момче од средната класа иако веќе е татко и сигурно не може да се пожали за состојбата на банкарската сметка. Од фактот дека сè уште е маалски лик, или, пак, зашто не заборавил како е да продаваш фастфуд додека испраќаш демо-снимки од твоите песни, отсекогаш извирала уверливоста на сега 32-годишниот Скинер.

Типот речиси една деценија е меѓу најголемите ѕвезди во Велика Британија, но околу него во ниту еден момент не се прошири смрдеа на помпезност. Дури и за Computers and Blues, последниот албум што ќе го објави како The Streets, овој хип-хоп-јукеј-гараж-мајстор нема особено пофални зборови. Само вели дека со него “не оди во некоја нова насока, туку во сите насоки во кои претходно се движел, а кои овој пат се преџвакани во нешто што е навистина пријатно за уши”. Во право е. Само што, тоа не го прави албумот лош или просечен. Поради тоа што е извонредно слушлив и мелодичен, дисков е речиси на исто квалитативно ниво со првите два, што од овој ем-си од Бирмингем направија светска сензација.

За аплауз е скромноста на Скинер. И да е лажна, барем ја има, иако ако се следи неговото досие, тешко дека е невистинита. На крајот на краиштата, тој е човекот што од Original Pirate Material наваму во стиховите се соголува себеси без да ги крие проблемите, падовите и пропустите. За некој што не го слушал, ова звучи како сценарио за совршената сапуница. Веројатно и е, ама со истите клишиња е исполнет животот и на секој од нас и затоа немаме право да се буниме. Океј де, освен оние од Pitchfork, тие не прават ништо што е веќе видено. Скинер, пак, не крие дека има недостатоци и слабости како и секое човечко суштество, но уште од првиот албум покажува како со со нив треба да се постапува – со хумор и со пуштање на фантазијата на слободно пасење.

Computers and Blues сигурно е резултат на таква тревојадачка (или пушачка) авантура. Албумот чади со истата спална-лаптоп-продукција како и првите две цедиња на The Streets, а која малку како да се загуби на претходните две плочи – The Hardest Way to Make an Easy Living (2006) и Everything Is Borrowed (2008). Ова последно поглавје на алтер-егото на Скинер е текстуално забавно како и првото, а лепливо за уши како второто, A Grand Don’t Come for Free. Од обете, пак, се разликува по зрелоста – текстуална и композиторска. Не дека сега рапува со носталгија за младоста бидејќи е сопруг и татко – тоа би било крајно досадно. Наместо тоа, рецитира за дилемите што сигурно ги има секој што го очекуваат овие две улоги или веќе почнал посветено да ги игра на штиците на животот.

Ако Computers and Blues е некаков репер, Мајк Скинер ужива во овие две ролји. Римите ги исфрла релаксирано, неоптоварно од што било, без разлика дали тоа е стравот дека албумот ќе ја промаши целта или дека ќе ја погоди во центарот. Ритмите пулсираат, семпловите се весели, а рефрените полетни, со соул-душа (да, тафтологија, ама токму се такви). Цинизам има малку, иронија и исмевање на своја и на сметката на модерниот човек – колку сакаш. Сепак, најпозитивно е колку сето тоа звучи “пријатно за уши”, како што вели и самиот автор. Со оваа плоча Мајк Скинер го закопува својата “улична личност”, но таа не звучи како поп-саундтрак за погребот на групата. Албумот е создаден, како и самиот бенд и сета негова слава, на компјутер, а во него како да нема ништо тажно. А зошто би имало, кога преку Computers and Blues и повеќето негови претходници The Streets ќе продолжи да живее во ДНК-кодот на современата интелигентна поп-музика. До кога, тешко е да се насети, но да се надеваме дека тоа ќе трае долго откако оваа музичко-генетска жица ќе мутира до точка на непрепознавање. Или на глупавост, сеедно.

Оцена: 89/100

Артист: The Streets
Албум: Computers and Blues
Датум на објава: 7 февруари 2011
Продуценти: Мајк Скинер
Издавач: Atlantic

Листа на песни:

1. Outside Inside – 3:02
2. Going Through Hell (feat. Robert Harvey) – 3:08
3. Roof of Your Car – 3:12
4. Puzzled By People – 3:08
5. Without Thinking (feat. Sharlene Hector) 3:18
6. Blip on a Screen – 3:34
7. Those That Don’t Know – 2:54
8. Soldiers (feat. Robert Harvey) 3:37
9. We Can Never Be Friends (feat. Robert Harvey) 3:37
10. ABC – 1:12
11. OMG (feat. Laura Vane) 3:27
12. Trying to Kill M.E. (feat. Laura Vane) 3:58
13. Trust Me – 2:16
14. Lock the Locks (feat. Clare Maguire) 3:08

1 коментар

Слични написи

1 коментар

Васил 14/02/2011 - 16:28

Mike се враќа на старата добра стаза…:)…одличен албум…

Reply

Остави коментар