Синглтека: Bei the Fish (Feat. Karolina) – Ideal Woman [2011]


Скопските гаражи и штипски “Макфест” припаѓаат на два, целосно, различни македонски музички светови. Инди-поп-рокерите Bei the Fish потекнуваат од првиот, популарната изведувачка Каролина Гочева дебитира во вториот. На нивниот прв заеднички сингл, Ideal Woman, не се чувствува дека тоа создало бариера. Спојот на овие две имиња изгледа неприродно, а звучи најприродно.

Албумот од којшто ја извадиле оваа песна, Bei the Fish го нарекува мјузикл. Токму затоа, Ideal Woman, не функционира, идеално, како сингл. Во рамки на концептуална целина, како надоврзување на When He Was Young, како спот во стил на Mad Men, глатко би се вклопила. Искорната засебно, како идеја, асоцира на Come What May на Јуан Мекгрегор и Никол Кидман во “Мулен Руж”, што, на ист начин, надвор од филм (мјузикл), не вирее најсјајно.

Музички, ова е познатиот Bei the Fish. Оригинален и чуден, сериозен и слушлив на свој, типичен, начин. Со оглед на тоа што се работи за (веројатно) еднократна соработка, бендот можел посмело да ја потисне сопствената арт-страна, да му дозволи на меинстримот да се вплоти во нумерата, да биде позабавен. Како што е склопена, ова е крајно карактеристична Bei the Fish-песна.

За дрскоста на неа да поканат да им пее една од најголемите естрадни ѕвезди во земјава, на бендот треба капа да му се симне. Ако, пак, смогнеле сили, само овој пат, да побегнат од својот свет и релаксирано, дури на шега, да се телепортираат во некој лефтерен, поп-топ-листа-екстрем, Ideal Woman ќе беше посимпатична и позанимлива песна. Како сингл, секако.

Оцена: 64/100

Артист: Bei the Fish (Feat. Karolina)
Сингл: Ideal Woman
Датум на објава: 14 февруари 2011
Издавач: Circle Production / PMG Recordings

6 коментари

Слични написи

6 коментари

Андријана 11/02/2011 - 14:24

А зошто мора меинстримот да се вплоти во нумерата?

Reply
Александар 11/02/2011 - 15:30

Прво, а зошто да не? Второ, како што и напишав, зашто така ќе биде позабавна и посимпатична, едно лефтерно полукружно свртување што не сме го чуле од BTF, кои, и онака, се поп-бенд.

Reply
Андријана 11/02/2011 - 16:49

Позабавна и посимпатична за увото на оние што слушаат комерцијална музика?

Reply
Александар 11/02/2011 - 17:53

Хммм, па BTF ги има на MTV, едно време долго беа на врвот на нивна топ-листа, зарем тоа не значи дека и нивната музика е комерцијална?

Reply
Андријана 11/02/2011 - 22:06

па тоа што меинстримот не (секогаш) се вплотува во нивните песни не го дава одговорот на тоа дали нивната музика е комерцијална?

Reply
Александар 12/02/2011 - 11:47

Ептен е просто, штом е на топ-листи на MTV, плус и на прво место, музиката на Bei the Fish E комерцијална.

Reply

Остави коментар