White Lies ги опева секојдневните ритуали


Фото: www.universalmusic.rs

Ритуалите се важни, сите ги имаат, секој се преокупира со нешто што му помага да го мине денот. Таа разонода на луѓето ме интригира, ме тера да се запрашам каков е нејзиниот придонес во поголемата слика на животот, вели Чарлс Кејв, басист на бендот што вечерва ќе настапи на фестивалот „Таксират 12“

Сите имаме ритуали без кои денот, свесно или несвесно, не може да ни помине, а токму на нив White Lies, британскиот бенд што вечерва ќе настапи во „Метрополис арена“ во Скопје, им го посвети вториот албум во кариерата. Некому нашите ритуали му се чудни, а нам нечии други ни се бизарни, но и покрај различното сфаќање, тие се тука – од грицкање нокти, до носење ист дрес секогаш кога игра омилениот тим.

“Ритуалите се важни, сите ги имаат, секој се преокупира со нешто што му помага да го мине денот. Таа разонода на луѓето ме интригира, ме тера да се запрашам каков е нејзиниот придонес во поголемата слика на животот. На одреден начин, која е поентата на сите овие различни нешта. Изгледа дека, можеби, се одвраќаме себеси од размислување за нешто поважни прашања или многу поголеми прашања, како, навистина, што правиме ние овде”, вели Чарлс Кејв, басист, автор на текстовите и придружен вокалист на англискиот бенд што вечерва ќе настапи 12-тото издание на фестивалот „Таксират“ на Сајмиште.

РЕЛИГИЈА И ЉУБОВ

Обредите се во центарот на Ritual, цедето што ќе биде објавено на 3 јануари, но Кејв укажува дека песните обработуваат различни теми.

“Дел од нив се занимаваат со концептот на религијата и како таа нè одвраќа од поважните нешта. Голем дел од албумот е и за љубовта. Се прашуваме зошто луѓето имаат толкава верба во нешто што не можат да го видат, што е идеја или само хемиска реакција во мозокот која ни дава причина да го преживееме денот”, смета музичарот.

Освен што е басист и придружен вокалист, Чарлс Кејв е и потписник на стиховите на White Lies. Рок и поп-групите често запаѓале во неволји кога обработувале теми како религијата, но басистот не очекува тоа да се случи сега.

“Деликатно ја обработив темата. Го почитувам фактот дека сите имаат различна вера и свесен сум дека моите уверувања можат да бидат исто толку точни како и тие на другите луѓе. Песните не обвинуваат, ниту се злобни. Не верувам дека ќе навредат некого. Треба човек да е многу вообразен или затворена личност ако очекува дека неговата религија не треба да биде преиспитувана од никого, оти се работи за сериозен проблем – слепата верба. Важно е да дискутираме за неа, во спротивно, ќе завршиме во свет во кој сите веруваат во иста работа, а тоа е погрешно”, истакнува Кејв.

White Lies, чие деби-цеде To Lose My Life… лани се искачи на првото место на листата со најпродавани албуми во Британија, се прослави со помрачен поп-звук, типичен за „Џој дивижн“ или „У2“ во раната фаза. За новиот материјал членовите велат дека е поинспиративен, а Кејв додава дека е повеќе поп-ориентиран.

“Не на современ начин зашто стиховите сè уште се прилично емотивни и на еден начин меланхолични. Дискот има поочигледен поп-квалитет, но не звучи како песните што постојано се на радио, иако, секако, се надеваме дека во нашиот случај ќе биде така. Мелодиите се навистина силни. На првиот албум, на извесен начин, нашиот стил, песните, беа направени од многу едноставни и директни мелодии. Начинот на кој Хари пее, многу ниско, звучи навистина сурово и сериозно. Оттогаш толку се подобривме како музичари и како автори и сега, всушност, го сфаќаме значењето на исклучително добрата мелодија. Секоја песна на новиот албуми звучи како да има токму таква мелодија. Верувам дека тоа ќе ни помогне, дека луѓето ќе бидат отворени за такво нешто. Се надевам оти ова ќе биде многу важно цеде за нас”.

На втората плоча во кариерата, White Lies соработуваше со продуцентот Алан Мулдер, чие име може да се прочита на албумски обвивки од изведувачи како Depeche Mode, The Jesus and Mary Chain, Placebo, Nine Inch Nails, Yeah Yeah Yeahs, Interpol и многу други. Кејв вели дека мајсторот на звукот лесно и брзо се вклопил во нивното музичко семејство.

“Мислам дека беше навистина пријатно изненаден и му беше мило што ќе работи со бенд чии членови се скромни и приземни. Бидејќи тој, во основа, изгради кариера работејќи на изданија со дел од најозлогласените егоманијаци во светот на рок-музиката. Му беше мило што е во толку релаксирано опкружување, каде што никој не вреска и не бара одредени нешта. Атмосферата беше многу креативна. Кога одлучивме дека сакаме да снимаме со него, дека сакаме тој да го продуцира материјалот, еден од нашите услови беше тој да се вклучи во процесот уште во првиот ден. Му кажавме дека кога ќе почнеме да ги пишуваме песните, сакаме да му ги праќаме идеите, а тој да ни возврати со свое мислење. Така што, кога дојде моментот да влеземе во студио, сите беа, буквално, на истата позиција. Не се случи нешто во стилот “Во ред, Алан, седни, ќе ти отсвириме сè што смисливме и сакаме веднаш да ни кажеш што мислиш”. Тој имаше долго време да се поврзе со албумот, а периодот беше неверојатно инспиративен за сите нас. Многу се забавувавме на снимањето на материјалот бидејќи бевме навистина добро подготвени”, вели Кејв.


Фото: www.universalmusic.rs

КОМПЛИМЕНТИ И НАГРАДИ

Новиот албум White Lies ќе го објави за неколку недели, а пред тоа да се случи, бендот ќе има неколку настапи. Кејв открива дека се возбудени што ќе имаат можност во живо да ги свират новите композиции. Басистот вели:

“Нема да ви се верува колку долго е потребно за, суштински, да се сфатат песните во концертен контекст. Мислам дека на крајот на минатата година ние навистина ги изведувавме нумерите од првото цеде, знаете, на начин на кој што, всушност, треба. Тоа само се подобрува, барем за нас. Секогаш менуваме нешто во начинот на којшто свириме одредени делови од песните или го подобруваме звукот. Дури и публиката тоа да не го забележува, на извесен начин секоја вечер менуваме нешто. Бидејќи дел од овие композиции сега првпат ќе ги изведуваме на бина, ова е еден од највозбудливите периоди за нас како група”.

Имајќи предвид дека тројцата членови на White Lies се во раните 20-ти години од животот, три години, колку што постои составот, е доволен период за тие значително да се промениле како личности.

“Созреавме прилично, всушност, секој човек и онака созрева многу во период од три години, особено луѓе како нас, кои се во релативно раната фаза од своите животи. Колку повеќе искусуваш, толку позрел си или, ако ништо друго, помудар на некој начин. Искуствата се суштината на животот. Без разлика што понекогаш се повторуваат нештата, на турнеите, во период од два месеца, често и секој ден искусуваме нов град, што значи и нови луѓе, култури, храна, архитектура. Со оглед на тоа што сме толку блиски, зрееме заедно, како тим. Тоа е добро, така сме сигурни дека никој нема да фати лош пат. Кога дојде време да го создадеме вториот албум, се чувствувавме подготвени, но не само тоа, туку и возбудени, чувствувавме дека пак ни е овозможен тој луксуз да креираме музика. Толку долго бевме на турнеја што, можноста да седнеме и да создаваме песни беше најголемата возбуда и награда од целиот процес”, смета текстописецот на групата.

На почетокот од секоја година, Би-би-си објавува листа со музичари и бендови за кои смета дека, во 12-те месеци што претстојат, токму тие ќе се наметнат на сцената. White Lies лани се пласира во врвот, што ги втурна во игра на очекувања. Кејв вели дека на сето тоа реагирале како и на секоја пофалба – со уште попосветена работа.

“Убаво е да добиваш награди, комплименти и фини рецензии, но тоа не го менува начинот на кој размислуваме, туку само нè охрабрува да продолжиме понатаму. Најголемо мерило за успех е колку полесно ви станува да го правите тоа што го правите. Колку сте поуспешни, толку повеќе ресурси имате на располагање за снимање музика, за одење на турнеи. Нашата реакција на сè што се случи, на дебито на првото место на листата, на добриот тираж беше: „Во ред, ја постигнавме таа цел, но не запираме тука, мораме да се подобруваме, да бидеме горди со тоа што го правиме“. Не сакам никогаш да помислам дека не сме дале сè од себе”, завршува Чарлс Кејв, басист на White Lies, група што вечерва во „Метрополис арена“ ќе дебитира пред македонската публика.

_____________________________________________________

Чудни обреди пред свирка

Како и повеќето актери, и други уметници и музичарите имаат помали или поголеми обреди, без кои не можат да почнат ниту еден настап. Чарлс Кејв открива дека тие се дел и од White Lies.

“Секогаш групно се прегрнуваме пред свирка, што е особено добро во земји со студена клима. Освен тоа, пред да почнеме со изведбата, го прашуваме менаџерот дали има вода и пешкири на бина. Очекувано, секогаш има, но тој ни одговара со „не“ и наместо овие две работи, ќе наведе две што некако се поврзани со местото каде што свириме или, пак, нешто сосема неповрзано. Тоа нè насмевнува пред секоја свирка”.

Блиски уште пред основањето

Чарлс Кејв се согласува дека рок-бендовите, меѓу нив и White Lies, со обредите се зближуваат, но тие не размислуваат премногу на таа тема.

“Сето тоа ни доаѓа многу природно. Најдобри пријатели сме долги години пред да го основаме White Lies. Турнеите ни се лесни, во смисла на минувањето време заедно, но тешки бидејќи сите сме свесни колку ни недостига домот и колку е напорно. Сепак, верувам дека ќе беше уште постресно ако не бевме толку блиски како што сме, а сме многу, многу блиски. Не мора да ги одржуваме нашите врски за да бидеме блиски. Такви сме и верувам оти такви ќе останеме”.

[Скусената верзија на текстот излезе во весникот Дневник, број 4431, објавен на 4/5 декември 2010 година]

Слични написи

Остави коментар