Handsome Furs се пронаоѓа во балканската жилавост


Фото: Liam Maloney

Моите впечатоци за Балканот се широки, но кажано најостроумно, чувствувам сродство со голем дел од уметниците и музичарите оттаму што во последно време објавуваат дела. Гледам луѓе што, како и јас, се жилави во животот, вели Алексеј Пери, клавијатуристка во Handsome Furs, групата што вечерва ќе настапи во МКЦ во Скопје

За Ден Бекнер и за Алексеј Пери од канадскиот бенд Handsome Furs, што вечерва ќе настапи во Младинскиот културен центар во Скопје, Источна Европа и Балканот не се само егзотични делови од светот. За оваа брачна двојка што создава современи панк-мелодии врз наметливи електронски ритми, земјите од поранешниот комунистички блок не се исклучиво несекојдневна туристичка дестинација, туку почва на која наоѓаат инспирација.

“Со Ден читаме многу и гледаме голем број филмови од земјите ги посетуваме. Моите впечатоци за Балканот се прилично широки, но кажано најостроумно, чувствувам сродство со голем дел од уметниците и музичарите оттаму што во последно време објавуваат нешто. Гледам луѓе што, како и јас, се жилави во животот. По немирни времиња, најсилните срца се тие што продолжуваат да ги издаваат своите дела”, вели Алексеј Пери, клавијатуристка во Handsome Furs, автор на стиховите на групата и писателка со неколку објавени раскази.

ИНТЕРЕСНИ И ЗА CNN

Дуото во минатата недела почна балканска турнеја што, освен во Скопје, ќе ги одведе во Србија, Турција, Словенија, Грција и Австрија. Дел од тие земји веќе ги посетиле, а во дел, како во Македонија, доаѓаат првпат.

“Одвај чекам да купувам панк-плочи во Скопје. Читав за архитектурата на градот малку и возбудена сум што ќе ја видам со свои очи. Во местата, пак, што сме ги посетиле, најсреќна сум што ќе ги видам прекрасните лица на нашите сакани. Во Белград и во Букурешт, на пример, рацете ќе ми се заморат од прегратки, а од очите ќе имам поток од солзи”, открива Пери.

За време на неодамнешната азиска турнеја, Handsome Furs беше снимен од телевизиската мрежа СNN за видеосеријал насловен “Indie Asia: On Tour with Handsome Furs”. Пери се согласува дека ова, на прв поглед, бил неочекуван спој.

“На почетокот нашата реакција беше во стилот “Ние сме панкери. Не сакаме да се здружиме со Големиот лош меинстрим медиум“, но потоа сфативме дека најдобрите панкери секогаш го заебуваат системот одвнатре. Сепак, тоа не се случи со материјалот што го снимивме, повеќе излезе како дневник од патувањето, но искуството беше добро. Неуморно ги архивираме сите патувања со фотографии и текст и беше интересно да се види како некој друг ќе ги пренесе нашите патешествија. Чувствувам дека многу значајни делови од искуството – нашата размена со разните бендови во секоја земја и разговорите за уметноста и за политиката во градовите – не се најдоа во конечната верзија на серијалот. Меѓутоа, одвај чекам на моите внуци да им покажам слики од нас како сме среќни и пушиме цигара по цигара на Кинескиот Ѕид”, вели музичарката.

Турнеите и патувањата се клучни за опстојувањето на Handsome Furs. Всушност, самата нивна постава – двајца музичари, без тапани, со ритам-машина – е лесно пренослива, за неа не требаат големи автобуси или десетици камиони. Алексеј не реагира исто како повеќето музичари, кога ги прашуваат како го издржуваат напорот и немањето слободно време на турнеите.

“Слободното време е за тие што се досадуваат. Мене не ми е здодевно. Ако ништо друго, сакам да можеме да набиеме уште работи во текот на секој ден. Сакам да сме во можност уште повеќе да работиме и да патуваме. Секако, сакам да пливам и да гледам телевизија како и секој човек, но ќе бидам будала ако не го искористам тоа што има среќа да го правиме ова што го правиме. Кога бев малечка, единствена цел во животот ми беше да видам колку што можам повеќе од светот и да пишувам за тоа. Тоа сè уште ми е цел иако, сега, кога го правам сето тоа, ми изгледа значително поголемо. Има толку многу да се прави и да се види”, вели Пери.

БИБЕРМАНИЈА ВО ПРВО ЛИЦЕ

Handsome Furs годинава беа номинирани во категоријата “најдобар алтернативен албум” на канадските музички награди, Juno. Ден и Алексеј се појавија на црвениот ќилим и присуствуваа на церемонијата што беше обземена од Биберманијата. Пери вели дека тоа ѝ овозможило да се поздравува и да им дава автограми на тинејџерки кои се преправале дека, всушност, ги препознаваат кои се.

“Најчесто ги коментираа моите чевли и коса и хистерично вриштеа со паничен поглед. Наградите Juno, самите по себе, се несфатлив ѕвер на канадската музичка индустрија и беше чудно што воопшто сме вклучени во сето тоа, знаејќи дека не сме баш миленици на земјата. Имајќи го тоа предвид, кога ги скениравме останатите артисти во нашата категорија, почувствувавме дека сме во добро друштво и заклучивме дека различна категорија на музика, конечно, е одобрен во рамки на овој апсурден и раскошен монструм. Изедовме многу морски ракчиња и како по обичај, бесрамно се каменосавме”, открива клавијатуристката.

Пред да создадат албум вкоренет во тоа што го доживеале во Источна Европа и на Балканот, Handsome Furs објавија материјал во чиј центар е Скандинавија. Пери вели дека културните, политичките и економските разлики меѓу северноевропските и источноевропските земји се огромни, но и меѓу државите во двата региона постојат многу точки на одвојување.

“Финска е стравотно различна од Норвешка, како што е и Србија од Полска. Албумите се наш најпосветен обид за сликање на најдобрите впечатоци од неверојатните искуства што ги споделивме во овие места. Не се дрзнуваме да тврдиме дека можеме да го сумираме карактерот на еден регион со нашата музика. Наместо тоа, само се обидуваме да ги прикажеме сите прекрасни, ужасни и уникатно различни нешта со кои се соочивме. Како што нè учат на основните часови по креативно пишување, најдобро е да пишуваш за тоа што го знаеш. Чувствувам дека делиме многу од истите забуни за животот со луѓето што ги сретнуваме на турнеја и токму на таа конфузија ѝ правиме посвета во нашата музика. Тоа е посвета за нив, за нас, за борбата да чувствуваш радост без разлика кој со вас владее или колкав ви е домашниот бруто-производ” вели Пери.


Фото: Liam Maloney

Во својот опис за последниот албум на Handsome Furs, Хакур С. Магнусон напиша дека материјалот зборува за „политиката на шопингот, политиката на контролата, за животот под постојан надзор, за вечното чекање во ред за неделната порција“. Пери укажува дека Магнусон вешто ги опишал нивните размислувања за тоа што значи да се биде жив денес.

“Голем дел од тоа што се случува е грозоморно, здодевно, угнетувачко и незадоволително. Иако не сме чекале во ред за „порција храна“ како што многумина морале, чувствувам дека ние често чекаме во ред за „порции живот“. Толку малку е под наша контрола. Затоа го правиме тоа што го правиме со нашата музика. Тоа е местото каде што можеме да имаме моќ. Местото каде што можеме да врескаме и да бидеме несреќни, но да пронајдеме радост”, завршува Алексеј Пери, клавијатуриска на Handsome Furs, група што вечерва ќе настапи во МКЦ во Скопје.

_______________________________________________

Љубов и караници за уметноста

Освен што заедно работат на Handsome Furs, Ден Бекнер и Алексеј Пери се и брачни партнери. За нив, тоа е предност, а не пречка.

– Сакам да се препирам за уметноста, верувам дека тоа е подобро за неа. Среќни сме што имаме дуели за креативните одлуки, а потоа можеме да се смириме бакнувајќи се. Искрено, тоа што сме заедно ни помага. Не би функционирало за повеќето луѓе, но со Ден делиме иста етика за работа како манијаци за ова што го сакаме. Освен тоа, обожаваме да патуваме заедно. А имам и можност да се вчудовидувам од мојот сопруг додека со него ја делам истата бина. Тоа е уникатно. Го ценам. Имам среќа што секој ден можам да работам со него. Луѓето секогаш предупредуваат да не се „меша бизнисот со задоволството“, но мислам дека нема подобро нешто на професионален план во животот. Имам прилика да го работам напорно тоа што го сакам со човекот што го сакам. Тешкотии се јавуваат само кога треба да делиме хотелски соби со други луѓе – открива Пери.

НАКУСО: Handsome Furs е музичко дуо од Монтреал, активно од 2007 година на независната рок-сцена во Канада. Познато е по специфичните мелодии во панк-манир, отпеани на електронска ритмичка подлога. Членовите, Ден Бекнер, познат и по работата со Wolf Parade и Алексеј Пери, која е и писателка, се во брак. Пред три години го објавија деби-албумот Plague Park, а лани дискот Face Control. Обете изданија беа мошне позитивно прифатени од светската музичка критика.

[Скусената верзија на текстот излезе во весникот Дневник, број 4431, објавен на 4/5 декември 2010 година]

Слични написи

Остави коментар