20/08/2018

A Place to Bury Strangers во МКЦ: Војна во надгласување

Постирано на 15/10/2013 од во Концерт, Музика

Агресивната бучава од каков било вид или, пак, хаотичноста во музиката се начини за затскривање нечија неспособност за пишување песни. Ова е лесен, непоткрепен или во најмала рака, произволен заклучок. И во него може да има вистина, но тоа не е општо, а не е ниту генерално правило. Најдобро, секако, е да се суди индивидуално, лично и по сите параметри најверодостојно – на терен. Неинформираните, но и тие со детален увид во творечкиот опус на A Place to Bury Strangers синоќа во Младинскиот културен центар во Скопје беа подложени на токму таков тест. Тие, најмногу пред себе, мораа да си ја расчистат дилемата дали вредело доброволното изложување на аудиотортура во понеделничките вечерни часови кои повеќето најчесто ги користиме за да кукаме оти пред нас е уште една работна недела.

Гледано од мојот агол, секој денар даден за гостувањето на составот од Бруклин беше потрошен за искуство што зрачи со тон на посебност и во градови на кои концертите им се здодеани од што се „премногу“. Во нашата „метропола“, пак, пристигнувањето на триото основано во 2003 година се покажа потполно исто како во претпоставките – уникатно. Овој збор бездруго важи и за Bambara, тројката од Џорџија и лајв-поддршка на групата предводена од Оливер Акерман на актуелната европска турнеја. Тие беа на слична фреквенција со поискусните колеги и несомнено – инспиратори – со таа разлика што побесрамно се потпираа на праисконскиот бес и на технички поткованиот начин на свирење. Нивниот настап најпрво го повика духот на Sonic Youth кој и потоа беше еден од поголемите што ја обземаа солидно исполнетата денсинг-сала, а се надоврзаа и со суровоста на Black Flag, масивноста на Shellac, математичката ритмичност на Hella и со драматичноста на Lightning Bolt.

Оживувајќи го насловот на деби-плочата што ја издадоа во април младиот состав од бина креира саундтрак на насилните соништа или на сонливото насилство – зависно од тоа како ја интерпретирате кованицата Dreamviolence и нејзината психо-обвивка. Со послаб нагласок на малтретирањето на инструментите и со позначително осврнување на сценската театралност A Place to Bury Strangers продолжија да принесуваат жртви на алтарот на ноизот. Атоналноста и дисонантноста, како неразделни од жанрот што стана популарен во 80-тите, беа сеприсутни. Држењето до поконвенционалната структура на песни е тоа што го издвојува бендот од своите стилски современици. Студиски, тоа и некому може да му изгледа како невозбудливо. На голем разглас и засилено со светло, чад и ласери, ова е полно со адреналин и дебели слоеви дисторзија под кои што се крие и мелодија, а и по некој запаметлив рефрен. Целиот овој примитивен микс влегува низ уши, меѓутоа, се слуша со стомак.

Свирејќи во црна темница и играјќи си со сенките како извонредно вешти кореографи американските музичари чекор по чекор, децибел по децибел, песна по песна ја креваа тензијата додека на крајот не извадија стробо-рефлектор. Мафтајќи со него како да е кандило фронтменот ја „освети“ публиката и го стави на средината од пиедесталот за настап. Сместено меѓу гитарата, басот, тапаните, засилувачите и лепезата од педали, ова светло што веројатно може да се купи во која било продавница за сијалици, пред присутните создаде постапокалиптична атмосфера.

На моменти делуваше како оган околу којшто паганите ги повикуваат претците, но во поголемиот дел од фуриозниот финиш наликуваше на печурка од хидрогенска бомба. Наместо да експлодира, да се оформи и потоа да почне со испарување, таа четвртина од вкупното времетраење на свирката трепкаше непрекинато. Иронично, ова ураганско измачување со бучава дојде до точка по која што пред очи почна да се појавува целото екстремно торпедирање на сетилата карактеристично за модерното, дигитално, интернет-време. Напросто, како A Place to Bury Strangers да заклучиле оти катадневното и сестрано силување не само што не ни пречи, туку и срдечно го бараме и насушно го посакуваме. Можеби затоа тие решиле на секоја изведба (саркастично) да испорачуваат – војна во надгласување.

Тагови: , , , , ,

Напиши одговор

Ве молам пополнете ги потребните полиња инаку нема да можете да коментирате. Користете пристојни зборови. Вашата e-mail адреса нема да биде објавена.

Gravatar е поддржан.

Можете да ги користите следниве HTML кодови: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>