Biffy Clyro – Opposites [14th Floor, 2013]

Малите бендови денес се гордост на сите што неколку скалила над просекот слушаат и ја следат актуелната музика. Големите, од друга страна, во истото друштво цинично се исмевани и посрамотувани. Под овие два термини не подразбирам колку членовите се високи или габаритни, туку дали практикуваат стил што ги транспортира од мрачните клубови во осветлените стадиони. Првите секогаш ќе бидат подраги бидејќи ја носат магијата на откривањето, како и празната надеж дека до бескрај можеме да ги чуваме само за себе. Вторите, често, не и секогаш, се истите групи кои ги ископуваме, ама по извесно време почнуваат да прават толку (добри) универзални песни и светот ги граба како канибали кои решиле, но по неколку недели се откажале од идејата да постат од човечко месо. Како и Foo Fighters и Muse, кои отсекогаш создавале албуми и нумери со потенцијал за масовно покорување, така и Biffy Clyro се состав од којшто треба да се бега затоа што се дрзнале таа доминација да ја изведат. Поради оваа банална причина многумина ќе го пропуштат поп-рок-богатството сместено на Opposites.

Ова е издание што етаблираните критичари ќе го мразат, а загреаните обожаватели ќе го воздигнуваат. За шестата студиска збирка на триото од Шкотска се идентификувам повеќе со последниве иако ги разбирам и негодувањата на првите. Со оглед на тоа што е сместена на два диска, колекцијата однапред е осудена на скалпирање. Не затоа што е лоша, туку бидејќи во денешно време сè мора да е концизно и претходно изџвакано, а во шемава не влегуваат 20 траки кои траат скоро 80 минути. Двојниот албум е форма кон која рокерите необјасниво се привлечени. Соодносот оди во прилог на тие што се посрамотиле, а не на тие што успеале да ја покорат. Алтернативците од Килмарнок не се истакнуваат креативно како The Smashing Pumpkins на Mellon Collie and the Infinite Sadness, меѓутоа, им поаѓа од рака да го држат адреналинот во силни дози низ целото (долго) течение. Бендот на Opposites не се скршил од експериментирање, се држел до својат певлив и леплив аудиомодел, но и истражувал доволно за сè да не е буквално исто како на претходниците.

Составот врши музички опити на делумно денс-панкерските Sounds Like Balloons и Victory Over the Sun, на атмосферично-електронските The Fog и Skylight, на шкотско-гајдаџиската Stingin’ Belle и на фламенко-разиграната Spanish Radio. Остатокот од композициите, генерално, го почитува пристапот познат за групата – енергичноста се врамнотежува со меланхолијата. И во двете ситуации, пак, мелодијата е кралица пред која што овие, но и другите не толку истурени елементи се поклонуваат. Хит-сингл е термин што не така одамна беше света мисија на авторите. Доколку се погледне кој сè лани ја остварил од проста причина што освоил врв на топ-листите, неговото денешно омаловажувачко значење е сосема разбирливо. Баеги ми е мило што опцијата да бидат вброени во клише-друштво не ги натерала Biffy Clyro да избегаат од својот инстинкт за креирање хармониски решенија за големи бини и масовна публика. Тие ја пропуштаат шансата за освојување на етикетата „интелектуални рокери“, меѓутоа, ја прошируваат листата со траки на кои вистински луѓе ќе скокаат и во еден глас ќе пеат.

Балада е омразен збор, но ако нумерата е јака, како Opposite, Biblical, Pocket, Trumpet or Tap и Accident Without Emergency, небитна е дефиницијата. Шкотланѓаните и тука покажуваат одлично претчувство за динамика. Разбивајќи ги со тешки рифови тројката спречува овие парчиња да бидат доживеани како слатки бебешки лигавчиња. Од такво нешто нема ниту трага на Different People, Black Chandelier, The Joke’s On Us, A Girl and His Cat, Little Hospitals, Modern Magic Formula и Woo Woo. Сите овие се рокачини, со потивка или погласна дисторзија и со побавен или поексплозивен ритам. Слушани како целини, првото цеде е за нијанса послабо од второто, коешто речиси и да не го губи здивот до самиот финиш. Севкупно, пак, двете елегантно се надоврзуваат за да остават впечаток на компактност, а не на промашена рок-претенциозност, како што вообичаено бива со „дубл“-изданијата. Отсуството на вообразеност подвлекува дека составот на Opposites ги нивелирал спротивностите и создал неоптоварен и кристален алтернативен гитарски албум. Ако контра-избор е тој да биде лажен, празен и сосила хип-револуционерен, мерак ми е што Biffy Clyro не постапиле наопаку од себеси.

Оцена: 80/100

Артист: Biffy Clyro
Албум: Opposites
Датум на објава: 28 јануари 2013
Продуцент: Гарт Ричардсон
Издавач: 14th Floor
Листа на песни:

Disc 1: The Sand at the Core of Our Bones
1. Different People – 5:11
2. Black Chandelier – 4:04
3. Sounds Like Balloons – 3:46
4. Opposite – 3:55
5. The Joke’s On Us – 3:34
6. Biblical – 3:58
7. A Girl and His Cat – 3:29
8. The Fog – 4:41
9. Little Hospitals – 3.32
10. The Thaw – 3:42

Disc 2: The Land at the End of Our Toes
1. Stingin’ Belle – 4:25
2. Modern Magic Formula – 3:54
3. Spanish Radio – 3:51
4. Victory Over the Sun – 3:59
5. Pocket – 3:06
6. Trumpet or Tap – 3:56
7. Skylight – 3:44
8. Accident Without Emergency – 4:52
9. Woo Woo – 2:18
10. Picture a Knife Fight – 3:53

Слични написи

Остави коментар