Мотивациски книги, знаете, од оние за калуѓери што го продале своето „Ферари“ по што во дланка им слетала суштината на животот, не сакам да читам. Најпрво, зашто ќе ги купиш со надеж дека зборуваат за падовите и подемите на вистински луѓе, а не оти ќе добиеш лекции од бивши банкари кои станале монаси. Има нешто во овие дела, не ги осудувам тие што во нивните зборови наоѓаат поттик, ама мене, кога имам потреба, таква работа ми врши музиката. Секогаш кога ќе се најдам во шкрипец, силна песна или јак албум ме спасуваат од шлајфување – краткотрајно или долговечно. Секоја различна ситуација на блокада – ментална или физичка – изискува конкретен звук. Кога е во прашање себемалтретирањето со цел здобивање кондиција или чисто потење на работниот стрес, Hatebreed уште од почетокот на кариерата си осигураа статус на еден од најмоќните мотиватори.
По Perseverance од 2002 година, тие повеќе од очекуваното се метализираа – некогаш солидно, другпат половично – но на неодамна промовираниот The Divinity of Purpose фокусот пак им е доминантно свртен кон хардкорот. Разбирливо, под ова се мисли на мрсната верзија на жанрот, чии корени беа засадени во Њујорк во 80-тите, а којшто во следната деценија еволуира преку бендови како Biohazard и Earth Crisis. За неговата трансформација во 21 век, групата од Бриџпорт, Конетикат, дефинитивно се вбројува меѓу најзначајните. Дебито на Hatebreed од 1997 година, Satisfaction Is the Death of Desire, го перцепирам како нивниот магнум-опус и го сместувам меѓу најистакнатите на хардкор-сцената последните две и кусур декади. Неговиот следбеник примени иста формула, само што ја направи побомбастична. Помеѓу The Rise of Brutality (2003) и дискот од 2009 именуван според составот, тие доживеаја слееризација.
Да не се разбереме погрешно, господа кои плоча почнуваат со риф како тој на South of Heaven треба да инспирираат што поголем број артисти, меѓутоа, Hatebreed повеќе ми лежат кога тоа влијание е додаток на главното – хардкорот стегнат како тупаница. На The Divinity of Purpose тоа прво се забележува во продукцијата, која што е значително поприродна, поорганска, од неколкуте претходни. Тие звучеа тектонски, но како и сè во актуелнова ера, имаа пренагласена доза на испегланост. Седмата студиска креација на петорката, освен што е снимена врвно, сече, реже и струга како што и би требало да прави едно сурово остварување. Фронтменот Џејми Џаста го категоризира стилот на својот бенд како Celtic Frost Hardcore, ама ѕверска свирепост како таа на Швајцарците отсуствува на цедево, исто како што ја немаше и на постарите изданија, иако е јасно дека американската група е начитана во поглед на „хеви-литературата“.
Тоа фановско предзнаење, како и искуството наталожено изминативе 10 години, на составот му овозможува да направи полукруг и на најсвежата колекција да парчосува со скоро ист интензитет како на почетоците. Реално, во овој сегмент, бендот никогаш и немал проблем, ама на последните неколку колекции нема нумери со директност како на Honor Never Dies, Own Your World, The Language, Before the Fight Ends You и The Divinity of Purpose или со панк-набој како Indivisible. Расфрлани се низ секоја пора од цедето, но Slayer најгласно се слушаат на Dead Man Breathing, а спид-треш-миксот е во центарот на Bitter Truth. Ниту една од овие траки, сепак, не навестува дека петорката направила исчекор. За хардкор-бендови, особено тие со стил изграден далеку пред другите, неменувањето не само што не е пропуст, туку е и побарување. Ми делува оти Hatebreed на The Divinity of Purpose пак ја компресирале божествената моќ што доаѓа со (ре)откривањето на целта на сопственото постоење (без романи за самопомош). Некому сето ова ќе му изгледа смешно, а некому, мотивациски – whatever works, нели.
Оцена: 75/100
Артист: Hatebreed
Албум: The Divinity of Purpose
Датум на објава: 29 јануари 2013
Продуцент: Hatebreed, Zeuss и Џош Вилбур
Издавач: Razor & Tie
Листа на песни:
1. Put It To the Torch – 2:12
2. Honor Never Dies – 3:12
3. Own Your World – 3:39
4. The Language – 3:14
5. Before the Fight Ends You – 3:17
6. Indivisible – 2:56
7. Dead Man Breathing – 3:19
8. The Divinity of Purpose – 3:39
9. Nothing Scars Me – 3:08
10. Bitter Truth – 2:40
11. Boundless (Time to Murder It) – 3:21
12. Idolized and Vilified – 2:23