Звучни резови #3: Jessie J, Lykke Li, Elbow, J Mascis, The Haunted, Obscura, Burial, Glasvegas, Low


Jessie J – Who You Are [Lava]

Оцена: 43/100
Датум на објава: 25 февруари 2011

Џеси Џеј е тип на изведувач чија неминовна судбина е да заврши на билборди, да излегува од фрижидер и да го залепи лицето на конзерви за туна. Или сардина, не е важно, само на лимено пакување да го оптегне. Павер-елементите за тоа полека се наредија со пристојниот сингл Paper Bag, а ситуацијата ќе достигне височини на импресивна градежна конструкција по објавата на други нумери од Who You Are, деби-албумот на 23-годишната Лондончанка.

Реално, Jessie J не е поп-пејачка очајна колку што строгите аналитичари тврдат. Тоа што го прави влегува во класерот на ѕвезди од типот на Ријана или Бијонсе, во поурбана, британска, варијанта. Нејзиното прво цеде грува солидно, има песни со потенцијал да експлодираат од едниот до другиот крај на светот, но, креативно, се нишаат на премногу страни и не одушевуваат особено во ниту една од нив. Сепак, албумот е совршен за да ви се допаѓа и поради тоа да чувствувате вина.


Lykke Li – Wounded Rhymes [LL]

Оцена: 85/100
Датум на објава: 25 февруари 2011

Тешко е да се процени поради што Wounded Rhymes е толку впечатливо издание, но ако мора да се лоцира само една причина, тоа веројатно е мистичниот пристап кон поп-музиката што ја прави Lykke Li блиска со Karin Dreijer Andersson. Fever Ray и нејзината помлада шведска колешка повеќе се далечни, отколку блиски на музичко-стилски план, но обете имаат извесна дарк-нишка со која поп-изразот го прават значително поиздржан и подлабок од повеќето артисти во овој жанр.

Ова што Lykke Li го создава е експериментално, меѓутоа, не претерано и тоа не е причината што Wounded Rhymes на инстант-начин не се вкопува во умот. Песните се мелодични, но и доволно чудни за да не бидат само збир од евтини поп-рефрени. А не се ниту претерано интелектуални за да го оттргнат секој што од популарниот звук бара можност да се поврзе со музиката без многу напор. Тоа не докажува дали слушателот е мрзелив, туку дали авторот го бива. Lykke Li ја бива. Баеги.


Elbow – Build a Rocket Boys! [Polydor]

Оцена: 77/100
Датум на објава: 7 март 2011

Британските лордови на музичката драма и меланхолија (во оваа област несомнени кралеви се Radiohead), Elbow, во 2008 година го објавија ремек-делото The Seldom Seen Kid, ги собраа повеќето релевантни награди и пред неколку недели се вратија на сцената со албум што не го наградува слушателот како претходникот, ама пак и не разочарува до неподносливи граници. Препознатливоста на бендот е присутна и на новото цеде, само што, е во извесна смисла помлитава отколку пред три години.

Споредбата со претходното цеде и не е толку важна, но тазе песните не зрачат со толкава свежина како тие во 2008 година иако не може да се каже оти не емитува широк спектар од авторска светлива во бои типични само за Elbow. Ова е албум што сраснува, веднаш не се вкоренува како The Seldom Seen Kid. Со Build a Rocket Boys!, Elbow прави минимален креативен чекор назад, но поради него нема да посакате да изградите ракета и албумот да го лансирате во вселената.


J Mascis – Several Shades of Why [Sub Pop]

Оцена: 87/100
Датум на објава: 15 март 2011

И покрај тоа што се еден од најбучните состави на независната сцена, со звук што често не е ништо повеќе од аудиосад во кој што се претопуваат различни тонови, Dinosaur Jr отсекогаш биле нежни, романтични, беседници. Уште еден доказ дека зад нивната дисторзирана нечистотија се крие мелодиска брилијантност е новиот, акустичен, соло-албум на фронтменот на групата, J Mascis. Гласот што обично го слушаме заглавен во ноиз, на цедево сјае во истурената, главна, улога.

Тоа што J Mascis го прави како кантавтор не поместува никакви фолк-граници или инди-критериуми за оригиналност. Ова е алтернатива, засилена со оркестрации, но базирана на едноставна, композиторска, формула. Ако некој музички аналфабет се решеше за ваков чекор, резултатот ќе беше погубен за слушателите, но бидејќи во прашање е J Mascis, сè е направено со вкус, со аристократско чувство за пишување вистински ноти на вистинско место. Ќе има навраќање на албумов. Сигурно.


The Haunted – Unseen [Century Media]

Оцена: 23/100
Датум на објава: 16 март 2011

По враќањето на оригиналниот вокалист во поставата, Петер Долвинг, The Haunted со него објави четири студиски албуми со кои го американизира шведскиот пост-треш-звук со кој се прослави. На првата од тие плочи, Revolver (2004), миксот беше мајсторски направен. На втората, The Dead Eye (2006), послаб, а сепак, солиден. На третата, Versus (2008), разочарувањето се прикраде на голема врата. На последната, пак, неодамна издадената, Unseen, тоа достигна недозволиви степени на очај.

Не е спорно тоа што The Haunted избрал да експериментира. Дури е и за пофалба, но ако резултатот од овие креативни тест-возења се тапа-песни, што, на моменти, се полоши од лош њу-метал, членовите можеби треба да се преиспитаат и да најдат начин како да го вратат треш-жарот во изразот. Без него, или, во најмала рака, без некаква негова верзија, како што може да се слушне и на Unseen, The Haunted тоне во креативна мизерија од невидени размери.


Obscura – Omnivium [Relapse]

Оцена: 80/100
Датум на објава: 29 март 2011

Во спортот наречен “технички дет-метал”, Obscura е еден од поновите играчи, чиј талент се граничи само со лудоста на музичките замисли што членовите лично ги поставуваат пред себе и потоа речиси беспрекорно ги изведуваат – на цеде или на бина. Бендот со Omnivium продолжува да ја раскажува успешната приказна што ја почна на претходникот, Cosmogenesis, а која се состои од внесување џез и фјужн-твистови во брутално прецизната, инструментално-вокална, дет-основа.

Квалитетот и различноста на Obscura од останатите екстремно технички потковани дет-метал-формации е што остава песните да дишат, поради што Omnivium ја има потребната динамика, а не е само цигла од насилни инструментални егзибиции што тераат на проѕевање и исмевање. За тие што не ја разбираат потребата од постоење и на ваква музика, а тоа е мнозинството, тоа што Obscura го прави е комично, затоа и опскурно, но во никој случај, музички небитно или апсурдно.


Burial – Street Halo EP [Hyperdub]

Оцена: 85/100
Датум на објава: 30 март 2011

Изразот на Burial е толку широкоаголен, што изненадува колку добро е отсликан на кусово, 20-минутно, ЕП-издание од одвај три песни. Урбаната меланхолија на овој современ компјутерски кантавтор тука е подвлечена со женски соул-вокали што си најдоа место и на првите две лонгплејки на англискиот продуцент, но сега ставаат потпис забележлив уште на прво, неконцетнтрирано, слушање. Музиката на Burial се базира на градација, а и на ова ЕП продуцентот е речиси безгрешен.

Дабстепот изминативе години се извлече од андерграундот и сега е на врвот на топ-листите, секако, во разводенета форма. На Street Halo нема ниту најмала трага од такво нешто – ова е саундтрак за улици, тунели, станбени комплекси и разрушени згради. Поточно, ова е музика за љубовта кон бетонската џунгла што не може да се објасни, но јасно се чувствува кога пешачите и на слушалки врти ова ЕП-издание. Дури и безделно да шетате, овие три песни на Burial и на тоа ќе му дадат смисла.


Glasvegas – Euphoric Heartbreak [Columbia]

Оцена: 65/100
Датум на објава: 4 април 2011

Со дебито од 2008 година именувано според групата, Glasvegas скокна во тавчето со емотивните, делумно депресивни, даркерски состави навлечени на сличниот тон што доминираше со пост-панкот во 80-тите години. Нормално, шкотската четворка речиси ништо и да немаше со жанрот бесен на естаблишментот, ама и тоа како се вплетка во битката да се етаблира во врвот на модерната поп-рок-сцена. По првото цеде квартетот прејде на голема етикета, но некаде попат ја загуби големината.

Преминот во семејството на мегаиздавач можеби и не бил пресуден, но Glasvegas на Euphoric Heartbreak си пресудува себеси трудејќи се премногу напорно да биде грандиозен, драматичен, во звучна ХД-резолуција. Во тоа се каде каде подобри од White Lies, но и тоа како послаби од The Twilight Sad. Од овие последниве, колеги од Шкотска, можат да научат дека не им треба топ за погодат во центарот на целта обоена со потресна емотивност. За тоа, често, доволни се камен и чатал.


Low – C’mon [Sub Pop]

Оцена: 81/100
Датум на објава: 12 април 2011

Рокенролот за многумина е сублимат од гнев, радост, љубов, бучава и адреналин, но Low брише под со оваа замисла. Емоциите наброени погоре, но и уште многу други, ги развлекува до точка на ментално растројство. Американскиот состав и на последниот албум, C’mon, поставува нови стандарди за тегнењето на рокерската структура, но тоа не предизвикува никакви посериозни психолошки пореметувања кај слушателот. Материјалот фрла во транс, ама не исфрла од колосек.

Овде не се работи за импровизаторски вежби што бавно еволуираат до недоглед. Десетте песни поместени на плочава се токму тоа, песни, а не слободарски скок во бесконечните граници на креативноста. Сепак, моќта на Low, а и на C’mon, е во тоа што составот успева да ја продаде идејата дека слушате нешто што трае со часови, а всушност, во прашање се 40-ина минути дисциплинирано срочен рок-материјал. Згора на сè, колку и да е развлечен тонот на албумот, тој исто толку не е здодевен.

Слични написи

Остави коментар