Pig Destroyer – Head Cage [Relapse, 2018]

„Студиозно“, не е првиот збор што доаѓа на памет кога би требало да се опише процесот на слушање грајндкор. Вивисекција, исто така, не одговара, ако се користи како симбол за детален пресек на албум од овој правец. но е целосно соодветен термин за илустрација на звучниот масакр што го произведува. За музички жанр препознатлив по кусите експлозии бездушна бучава и повраќање вокален гнев, овие зборови делуваат несоодветно, неточно, а можеби дури и претенциозно. Прог-рок, џез или академски поткован прогресивен метал, сите овие се типична асоцијација за микроскопско проучување, меѓутоа, во овој заклучок нема ништо непредвидливо. Тоа би се случило кога бенд меле бескрупулозно, а сепак, на слушателот му го овозможува предизвикот на буричкање низ многуте слоеви и финеси на материјалот. Дека се нетипични грајндери Pig Destroyer навестија уште на дебито од 1998 година, Explosions in Ward 6, а тоа го нагласија со Prowler in the Yard (2001) и со сѐ што потоа издадоа. Нагонот за перфекционизам досега најсилно го истакнуваат на Head Cage.

Да нема заблуда, иако исполнува одвај 31 минута, ова е монструозно парче музика. Удира во стомак со бруталната директност. Како булдожерска гасеница ги гмечи сетилата. Буди чувства на згрозеност кои не се одбивни, туку ослободувачки. Вообичаено, за сето ова да се постигне, доволно е да се биде максимално агресивен со инструментите. Наместо на оваа тактика, бендот од Вирџинија се потпира на следната: свирачките вештини ги турка до екстреми, емоциите ги растегнува преку рабовите, аранжирањето го крева на ниво на засебна научна дисциплина. Резултатот од ова се 12 песни кои што во времетраење од 60 до 180 секунди компресираат многу идеи и влијанија, односно поттикнуваат навраќање (или повраќање за тие со осетлив желудник) и откривање ситници што претходно не биле забележани. Тука се крие и огромна контрадикторност – тоа што го креира е комплексно, но групата успева да изгради привид на едноставност, најмногу затоа што бега од секоја замка што би донела непотребно компликување.

Продукцијата е таа што најпрво се наметнува како олеснувач во процесот на истражување низ катакомбите на Head Cage. За разлика до претходните, Book Burner и Phantom Limb, кои беа обезмастени и рапави, новата плоча е набилдана и измазнета. Скот Хал секогаш наоѓа начин како студиските изданија на Pig Destroyer да не бидат клонови, конкретно да одговараат на приказните што во нив се раскажани, а сепак, да нема дилема оти се работи за истиот бенд. Шесттата збирка го става овој принцип на тест, нејзиниот звук повеќе се приближува до металкор-саундот, но тоа не е направено бидејќи решиле да се „тренди“, туку е родено од тоа што составот во поставата за првпат вклучи бас, официјално внесе човек за ноиз-електроника и јавно го дебитира својот очигледен нагон за грув. Тоа во втор план ја турка панкерската заднина на грајндот, а во прв ред исфрла дет-метал, рокенрол и индастриал елементи. Поради оваа разновидност материјалот е најдинамичен во целата дискографија на (сега) петорката.

На почетокот, Tunnel Under the Tracks, со индастриал-бучавата, пиштењето на сигналот за итни ситуации и хорор-нарацијата, испраќа предупредување: Pig Destroyer нема да бидат одговорни за какво било оштетување што слушањето на плочата може да го предизвика. Бластбитот на Dark Train веднаш тоа фуриозно го потврдува, преминува во ултрабрз хаце-панк и заминува со краток хедбенг на двојна бас основа. Со истата ритмичка подлога, но со неколкупати поспоро темпо, Army of Cops маршира со ѓонот на грув-корот, по што се одјавува со племенски удари на тапаните и риф за грандиозни фестивалски бини. На Circle River се случува нешто би го нарекол дет-сурф или рокабили-гранјд, односно бранови се креираат со гитара ала „Бич бојс“, ама ѕверски масакрирана. Џиновски камион полн руда ми доаѓа на памет кога The Torture Fields стартува со бавното џагање, ама тој се претвора во вселенски брод што јуриша напред со ворп-брзина. Во тој стил продолжува и Terminal Itch, по што Concrete Beast буди сеќавања за ритмичката компактност на браќата Дарел од најславните денови на Pantera.

Грувот гмечи бавно и на The Adventures of Jason and JR, само што во средишниот сегмент е распарчен со панкерско грајндање што безмилосно ситни и на Mt. Skull. Нештата малку успоруваат на Trap Door Man, каде што се повикуваат духовите на ноиз-рокот, по што The Last Song, со басот ги разрешетува и последните надежи за сетилен отпор кои, и доколку постоеле, материјалот тука целосно ги збришува. Потоа, House of Snakes во седум минути дава простор за оддишка, но и таа е импозантно тешка, растегната, тензична, црна како и облаците што сѐ уште надвиснуваат по кратка и деструктивна бура. Патот до оваа точка е отсликан и со текстови во кои човечката раса, а во солидна доза и американската нација, се претставени брутално искрено. Вокалистот ЏР Хејс, и овде не ја крие манијакалноста за литературата и пишува стихови остри како касапски нож во кои нема ниту педа простор за простување. Сите, каде што често се вбројува и себеси, се модели за анализа, а тоа значи групен портрет на карактерни особини што истовремено будат одбивност и фасцинација. Баш како и целиот Head Cage, албум со којшто Pig Destroyer заварува кафез околу главата, а од него и посакуваш да избегаш и имаш потреба во тој мал простор да се изгубиш, само за да врескаш без околината да ти замери. Бидејќи ако веќе го носиш, таа ќе те отпише како ненормален, а за себе ќе си запише сѐ најидеално.

Артист: Pig Destroyer
Албум: Head Cage [стрим]
Датум на објава: 7 септември 2018
Продуцент: Скот Хал
Етикета: Relapse

Листа на песни:
1. Tunnel Under the Tracks – 1:21
2. Dark Train – 1:11
3. Army of Cops – 3:18
4. Circle River – 2:45
5. The Torture Fields – 2:55
6. Terminal Itch – 1:13
7. Concrete Beast – 3:21
8. The Adventures of Jason and JR – 2:12
9. Mt. Skull – 1:37
10. Trap Door Man – 1:15
11. The Last Song – 2:40
12. House of Snakes – 7:07

Слични написи

Остави коментар